Вести од Opel - Rocks, Geneve и поголем опсег за Corsa Electric
- Марко Соколовски
- Mar 25
- 3 min read
Полека се враќаме на редовната програма.
Многу интересни нови работи се случија во Риселсхајм изминатава недела. Opel го освежи својот најмал модел, нѐ потсети на еден прекрасен концепт автомобил, и успеа да извади поголем опсег на струја од целосно електричната Corsa Electric.
Да видиме што има ново, едно по едно.
Освежување за Opel Rocks

Opel
Opel Rocks е најмалиот модел на Opel. Знам дека сега се чудите „Па нели Corsa е најмалиот модел на Opel?“ Технички, да, но ако ја истенчиме дефиницијата за автомобил, Rocks е најмалиот модел.

Opel
Rocks е братучед на Citroen Ami и Fiat Topolino, ултра компактен автомобил со максимална брзина од 45 км/ч и многу ниска цена. Во Франција можат да го возат и тинејџери без возачка.
Opel подготви освежување за Rocks, што значи Vizor елементот на предницата е сега во црна боја, додека Opel знакчето е во бела. Имаме нов дизајн на раткапни, како и малку поразлична светло сива боја на каросерија. Во внатрешноста на воланот се гледа Opel знакот во бело, а самиот волан исто потсеќа на Vizor дизајнот за кој што Opel е веќе познат.

Opel
Rocks може да помине до 75 километри на едно полнење, и како што кажав, максималната брзина му е 45 км/ч. Јас го имам видено Rocks и во живо, и многу е јако. Сериозен муабет, ни фалат вакви коли кај нас, и се надевам дека Rocks ќе ни пристигне кога тогаш.
Одиме понатаму.
Geneve концептот полни 50 години

Opel
Пред 50 години и неколку дена, односно во март 1975 година, Opel го претстави концептот Geneve на саемот во… што мислите?
Ова беше визијата на Opel за спортски автомобил, и искрено да ви кажам, како човек што досега не слушнал за овој концепт (да, млад сум), ова е фантастично.
Скриените фарови, портокаловата боја, фелните со многу краци, пропорциите, ова е стварно опасен автомобил, и малку ми е криво што не го видовме во сериска изведба. Од Opel кажуваат дека овој модел требал да се произведува под името GT-W. Тоа W во името е поинтересно од што се чини. Да, овој модел на Opel за малку ќе добиел Wankel двороторски мотор.

Opel
Замислете да имаше Opel спортски автомобил со Wankel мотор. Во тоа време Mazda сеуште го произведуваше својот Wankel, а концептот бил претставен само две години откако последниот NSU Prinz ја напушти фабриката. За жал, нафтената криза што го снајде светот во тој период ги скрати амбициите на Opel, и си остана регуларниот GT, што воопшто не е лоша работа.
Opel се потсеќа и нѐ потсеќа нас на Geneve концептот како еден од пионерите на брендот, исто како што е поновиот Experimental концепт од пред пар години.
За крај, уште една добра вест.
Opel Corsa Electric извади уште неколку километри на струја

Opel
Отсега, сите клиенти кои ќе ја нарачаат електричната Opel Corsa Electric ќе уживаат во зголемен опсег на струја.
Како потсетување, со фејслифтот, Opel Corsa Electric доби малку помоќен електромотор од 156 коњи и малку поголем опсег на струја поради зголемениот капацитет на батеријата (54 kWh).

Opel
За 2025 година, Corsa Electric се фали со зголемен опсег од 429 км, што е покачување од околу 6% односно некои добри 24 километри. Браво!
Мал градски автомобил со толку опсег на струја не е шала. Мене многу ме бендиса новата Corsa кога ја тестирав минатата година, но сега ме интересира како ќе биде со електричната. Само уште да спомнам, новата зелена боја на овие фотки изгледа од-лич-но!