top of page
  • Writer's pictureМарко Соколовски

Следната Toyota GR86 ќе добие хибриден погон?


Тековната генерација на Toyota GR86 им пркоси на многуте нови правила кои владеат низ автомобилската индустрија. Класичен мал спортски автомобил со погон на задните тркала, атмосферски бензински мотор, и стандарден мануелен менувач. Со други зборови, сѐ она што ја направи и претходната генерација одлична.


Сето ова може да се смени за неколку години, бидејќи почнаа да се шират гласини од изворот Bestcarweb дека следната генерација GR86, која би требало да се појави во средината на оваа деценија, ќе користи хибриден погон.


Toyota GR86 1
Toyota

Како што ни е веќе познато на повеќето, Toyota цврсто верува во иднина каде што постојат сите опции за агрегати и погонски системи. Неоддамна тестираа агрегат кој работи на амонијак.


Toyota GR86 2
Toyota

Сепак, и Toyota инвестираат во електрификацијата, со цел да се задоволи побарувачката на пазарот. Доколку оваа гласина е вистинита, Toyota сакаат да заддржат поголем дел од тоа што го прави GR86 посебен автомобил.


Како потсетување, тековниот GR86, и неговиот Subaru пандан, BRZ, користат 2.4-литарски атмосферски бензинец со четири цилиндри и боксер распоред, со 234 коњски сили и 250 Nm вртежен момент. Сето тоа оди кон задните тркала преку 6-степен мануелен, или пак 6-степен автоматски менувач.


Toyota GR86 3
Toyota

Според гласината, следната генерација на GR86 ќе добие хибриден погон, кој ќе го спари турбо трицилиндрецот од GR Yaris и GR Corolla со мал, најверојатно лесен хибриден систем. Вкупниот системски износ ќе биде нешто повеќе од 300 коњски сили.



Toyota GR86 4
Toyota


Toyota исто така се подготвува да го префрли моделот на нова платформа. Сегашниот GR86 ја користи истата платформа на претходната генерација, но гласината тврди дека следната генерација ќе биде поставена на платформата на Lexus IS, со скратено меѓуоскино растојание. Тоа исто значи дека моделот ќе остане со погон на задните тркала.


За крај, се верува дека Toyota ќе тргне по свој пат за следниот GR86, раскинувајќи го партнерството со Subaru. Не се знае Subaru што ќе направи со BRZ доколку сѐ ова е вистина.


Доколку е, ова се навистина добри вести, бидејќи и покрај електрификацијата, Toyota GR86 нема да се откаже од тоа што всушност го прави толку добар автомобил.





Comentários


bottom of page