top of page
Writer's pictureМарко Соколовски

KORRMOTIVE ТЕСТ: Skoda Enyaq Coupe

Групацијата Volkswagen веќе подолго време макотрпно работи на сѐ повеќе и повеќе модели базирани на скалабилната MEB електрична платформа.


И покрај тоа што нивните темели се слични токму поради MEB, сите модели од брендовите на групацијата нудат различни интерпретации на формулата на еден електричен автомобил. Претходно, Korrmotive го тестираше Volkswagen ID.4, интерпретацијата на Volkswagen за електричен SUV.


Како изгледа интерпретацијата на Skoda? Ајде да видиме.


Korrmotive го тестира Skoda Enyaq Coupe


Skoda Enyaq 1
Korrmotive


Enyaq е визијата на Skoda за електричен SUV базиран на MEB платформата, и неоддамна пристигна во Македонија. Откако поминав време со него, можам да кажам дека и покрај префрлањето на батерии, Skoda се држат цврсто до своите вредности.



Skoda Enyaq 2
Korrmotive


Ајде да го разгледаме тестерот. Како што гледате, ова е Enyaq Coupe, кој ја заменува класичната SUV форма за поспортска, поатлетска coupe форма. Освен тоа, тестерот е опремен со Sportline пакетот, што значи сјајно црни детали, аеродинамски додатоци на браниците, и огромни 21-инчни тркала.


Skoda Enyaq 3
Korrmotive

Како човек кој не е огромен фан на coupe SUV од естетски аспект, Skoda навистина се надминаа себеси со овој дизајн. Навистина изгледа како дизајнот на Enyaq да е внимателно испланиран и подеднаков фокус да е даден на форма и функција.


Skoda Enyaq 4
Korrmotive

Во белата боја со црните детали и 21-инчните тркала, Enyaq е навистина интересен и уникатен дизајн, а сепак е лесно препознатлив како Skoda, бидејќи ги заддржува сите карактеристични елементи кои ги знаеме од другите модели на брендот. Еден од највпечатливите детали на тестерот е опционалната осветлената предна маска, наречена Crystal Face.


Одлична комбинација на опсег и моќност


Skoda Enyaq 5
Korrmotive

На нашиот пазар, Enyaq е исклучиво достапен во 85 и 85x изведби. Тестерот е Enyaq 85, што значи еден електромотор поставен на задната оска кој добива струја од батерија со вкупен капацитет од 82 kWh, а од нив 77 се достапни. 85x моделот додава уште еден мотор на предната оска за погон на сите четири тркала.


Skoda Enyaq 6
Korrmotive

Електромоторот испорачува 210 kW, односно 285 коњски сили, што му овозможува на Enyaq да стигне до стотка за 6.7 секунди. Тоа се хот хеч перформанси во SUV кој тежи повеќе од 2 тони. Максималната брзина е ограничена на 180 км/ч.



Skoda Enyaq 9
Skoda


Каков е опсегот на струја? Максималниот опсег според WLTP циклусот е 565 километри. Кога го земав Enyaq на тест, батеријата беше полна до 90%, и дисплејот тврдеше дека можам да поминам 413 километри.


Од друга страна, најниско што успеав да ја симнам потрошувачката на струја беше 12.9 kWh на 100 изминати километри, што после малку математика значи опсег близу до 500 километри.


Доколку сте внимателни со педалата за гас, ќе можете да видите опсег кој почнува со бројот 5. Помали тркала исто така би помогнале во оваа ситуација, но сепак, речиси 500 километри опсег со 21-инчни тркала и обемно користење на комфорт услугите е многу импресивно.


Skoda Enyaq 8
Korrmotive


Што се случува со полнењето? На регуларен 11 kW полнач (како тие на ЕВН), ќе стигнете од 0% до полна батерија за околу 6 часа.


Имав шанса со Enyaq да ги испробам 350 kW DC полначите на Porsche Македонија, со навистина добри резултати. Кога пристигнав околу 12:05 на пладне, Enyaq имаше 64% батерија.


За околу 20 минути, успеа да се наполни до 86%. Во идеални услови (максимално повлекување од 135 kW), Enyaq може да се наполни за 28 минути на DC полнач. На домашен полнач од 7 kW, полна батерија се случува за околу 9 и пол часа.



Skoda Enyaq 10
Korrmotive

Како се однесува Enyaq зад воланот? Многу, многу добро. Во градски услови тишината и смиреноста се во сопствена класа, а општо возењето е лесно поради лесниот управувач, и тоа што Enyaq не се однесува како големиот автомобил кој што е. Имате чувство дека е лесен за маневрирање и не се чувствувате заплашено од димензиите од возачкото седиште.


Koчењето е исто така за пофалба, како и генеративното, така и регуларното. Не е премногу остра педалата како што некогаш е во електрични автомобили, и регенеративното кочење може да заврши поголемиот дел од работата за вас, а воедно и да заштеди на малку струја.



Skoda Enyaq 11
Korrmotive

Секако, бидејќи е електричен автомобил, одговорот за педалата за гас е инстантен, и можам да кажам дека тоа секогаш ме тераше на насмевка. Навистина е забавно.


А исто така сум пријатно изненаден и од динамичките способности. И покрај тежината од 2.2 тони, во ниеден момент не се чувствува така. Навалувањето во свиоци е многу добро прикриено, и стабилноста е навистина за пофалба, како и одговорот од управувачот при динамично возење.


Skoda Enyaq 11
Korrmotive


Немам лош збор и за способностите на Enyaq на отворен пат. Со исклучок на минималниот шум од ветер, Enyaq е исто толку смирен и тивок на отворен пат, развива повисоки брзини со леснотија, и е сосема комфорен.


Единствена забелешка ми е удобноста на пониски брзини; 21-инчните тркала и Sportline пакетот значат малку потврдо возење, особено на нерамни патишта. Би препорачал помали тркала за максимален комфор, или пак опционалната адаптивна шасија (DCC).


Ентериер полн со добри решенија


Skoda Enyaq 12
Korrmotive

Во внатрешноста на Enyaq може да се забележи на Skoda приоритетот да се стави функцијата пред формата, но во исто време формата не страда. Од тоа што досега сум видел, ова е најдобро решениот ентериер во автомобил базиран на MEB платформата.


За почеток, сите копчиња во ентериерот кои ги гледате се вистински тактилни копчиња, а не touch панели. На управувачот, на централната конзола, сѐ е вистинско копче, со исклучок на touch панелите под инфозабавниот систем.



Skoda Enyaq 13
Korrmotive

Поставен директно на средината е инфозабавниот систем. Освен што е со поголема димензија, работи на најновиот софтвер. Подобрувањата во однос на респонзивност и брзина се огромни, во ниеден момент немаше двоумење или кочење, сѐ си беше на место.


Дел од контролите за клима уредот се исто така трајно на најдолниот дел од екранот, што е многу корисно. Би претпочитал физички контроли, но ова е релативно добра златна средина.


Системот има сѐ што треба, вклучувајќи и безжично поврзување за смартфон. Музиката ќе ви звучи одлично низ Canton системот за озвучување кој го имаше овој модел.


Skoda Enyaq 15
Korrmotive

Под екранот има неколку физички shortcuts за одредени менија и функции, како системите за асистенција, режимот на возење, асистенцијата за паркирање и клима функциите. Лесни за дофат, и тоа што се вистински копчиња ги прави многу лесни за користење.


Enyaq исто има конвенционална централна конзола со прекинувачот за трансмисијата поставен во средина, што значи дека ќе биде познат за луѓе навикнати на конвенционални автомобили.


Освен инфозабавниот екран, има и мал екран зад воланот кој ги покажува сите најважни информации, а тука е и heads-up дисплејот кој покажува и други информации како потрошувачката и дистанцата на автомобилот пред вас кога ќе го вклучите адаптивниот темпомат. Иако се јасни и двата дисплеји и покажуваат корисни информации, би посакал малку поголема конфигурабилност. 360-степенската камера, која е дополнителна опрема, би посакал да биде стандардна на ваков автомобил.


Skoda Enyaq 16
Korrmotive

Други интересни детали во ентериерот се лопатките зад воланот, кои изгледаат како да би ги менувале брзините, но всушност го појачуваат или намалуваат регенеративното кочење. Секако, трансмисијата има и B режим кое го вклучува регенеративното кочење постојано.


Enyaq има старт копче, но не е секогаш потребно: седнувате, притискате на кочницата, и Enyaq е спремен; само треба да ставите во D.


Квалитетот на изработката и материјалите е првокласен. Навистина е тешко да се најдат материјали кои не се меки на допир во ентериерот, и квалитетот е високо ниво. Ентериерот на Enyaq е навистина луксузен. Има и повеќе од доволно подесување во возачката позиција.


Skoda Enyaq 17
Korrmotive

Седиштата во Enyaq се многу удобни, а за да се зголеми осветленоста во кабината, тука е огромниот панорамски покрив. Не се отвара, но целиот е стаклен и има придонес кон попријатно чувство во кабината.


Skoda Enyaq 19
Korrmotive

Што се случува позади? Задната клупа има сосем доволно простор за четворица, па дури и петмина. Кога го имав Enyaq на тест имав тројца патници на задните седишта, и имаа сосем доволно простор. Поради наклонетиот coupe покрив, може ќе треба малку да се симнете ако сте многу високи, но генерално, просторот на задната клупа е одличен.


На патниците на задните седишта им се достапни комфорт услуги како сопствено подесување на температурата, греење на седиштата, и централна конзола со држачи за чаши.


Skoda Enyaq 20
Korrmotive

Освен што има многу простор за луѓе, има многу простор и за нивниот багаж. Багажникот нуди 570 литри простор, само 15 литри помалку од регуларниот Enyaq. Coupe формата значи дека треба да сте малку попретпазливи со високи предмети или предмети со незгодни пропорции, но ќе собере сѐ што треба и повеќе.


Skoda Enyaq 21
Korrmotive

Ако и тоа не го собира, со преклопување на задната клупа багажниот простор расте на 1.610 литри. Тепихот во багажникот крие дополнителен простор за кабелот за полнење (и други предмети секако), а тука се кријат и Simply Clever самолепливи прегради кои можат да заддржат еден предмет за да не се превртува.


Кога сме кај Simply Clever, тука се и чадорите во вратите (предни), греблото за мраз со вградена лупа, како и штипката на предното ветробранско стакло за паркинг картичка или слично.


Заклучок


Skoda Enyaq 23
Korrmotive

Skoda Enyaq Coupe е комбинација од две одлични состојки. MEB платформата на Volkswagen Group веќе се има докажано како одличен темел за електрични автомобили, со солиден опсег, полнење, и одлични перформанси. Сето тоа е во комбинација со сите паметни решенија и user-friendly пристапот на Skoda. Ако разгледувате електричен SUV, ова е фантастична опција.


ОЦЕНА: 8.5/10


Цена на тестираниот модел (Enyaq Coupe 85 Sportline): 66.300

Почетна цена: 55.620


За повеќе информации околу моделот, посетете ја официјалната веб страна на Skoda Македонија. Цените на возилото се актуелни од времето на објавување на оваа статија.





bottom of page