top of page
  • Writer's pictureМарко Соколовски

Skoda го претстави новиот Superb


Во време кога SUV формата го доминира автомобилскиот пазар, Skoda Superb остана една од најдобрите опции за оние кои не сакаат толку висок автомобил, а сепак е многу способен за речиси сѐ што ќе побарате од него. Успехот на моделот си говори сам по себе, со преку 1.6 милиони примероци продадени од 2001 година.


И покрај огромниот притисок да се напуштат класичните лимузина и караван за SUV модел, Skoda не се откажува од својот знаменосец.


Ова е најновата, четврта генерација Skoda Superb.

Skoda Superb 1
Skoda

Не, не ве лажат очите. Сите трендови од денешните автомобили што ни се веќе познати се тотално отсутни од новиот Superb. Класичен three box седан профил, нема никаква матирана украсна пластика, и има сребрени тркала.


Секако, иако го има тој класичен седан изглед, Superb и понатаму е хечбек со петта врата, а нормално, ќе се нуди и караван изведба, односно Combi во речникот на Skoda.


Новиот дизајнерски пристап на Skoda e повеќе еволуција

Skoda Superb 2
Skoda

Новиот Superb по малку потсетува на претходната генерација, но има доволно нови детали, благодарение на новиот Modern Solid дизајнерски јазик на Skoda. Предницата е редизајнирана и модернизирана уште повеќе, додека задниот дел е малку поисправен, а редизајн имаме и кај светлосните групи. Зборот SKODA е испишан на петтата врата со новиот фонт на брендот.


Skoda Superb 3
Skoda

Што се случува со агрегатите? Доста новитети. Четвртата генерација на Superb ќе нуди сосем нов плаг-ин хибриден погон со речиси 100 километри опсег на струја според WLTP циклусот, како и максимална силина до 265 коњски сили.

Skoda Superb 4
Skoda

Секако, за купувачите кои сакаат нешто повеќе old school, тука се добро познатите TDI и TSI агрегати, меѓу кои и нов TSI со лајт-хибрид технологија. Сите модели на Superb доаѓаат стандардно со DSG автоматски менувач, и со тоа што не е споменат никаде, претпоставувам дека мануелниот менувач оди во историјата. Погон на сите четири тркала е исто така стандардно за најсилниот дизелски и бензински мотор во понудата.


Skoda Superb 5
Skoda

Ентериерот е драстично променет во однос на тековната генерација на Superb. Дигитална инструмент табла, како и нов инфозабавен систем со екран до 13 инчи. Селекторот за менувачот е преместен кај воланот, a la електричниот Enyaq.


Во ентериерот исто така ги гледаме новите Skoda Smart Dials, физички контроли за клима уредот, но и за други работи како јачината на звукот, греење/ладење на седиштата, и режимот на возење. Според мене, најдобриот аспект во ентериерот на новиот Superb.


Skoda Superb 6
Skoda

Секако, што би била нова Skoda без Simply Clever опрема. Вградениот чадор во вратите е сѐ уште тука, како и греблото за мраз со вградена лупа. Новиот Superb има вкупно 28 Simply Clever додатоци, меѓу кои и неколку нови, како електричната покривка за багаж во караванот.


Ентериерот ќе биде достапен и со 100% оддржливи, еколошки материјали, а има и еден куп нови технологии, како нови Matrix LED светла, и еден куп нови безбедносни системи, меѓу кои систем за асистенција при напуштање крстосница.


Skoda Superb 7
Skoda

Новиот Skoda Superb ќе се појави на пазарот на почетокот на 2024 година. Засега не се достапни информации околу цените.

Comments


bottom of page