Skoda подготви освежување за Kamiq и Scala
- Марко Соколовски
- Aug 3, 2023
- 2 min read
Kamiq и Scala се меѓу поуспешните модели на чешкиот бренд Skoda. Меѓутоа, тие се со нас веќе неколку години, и им дојде време за темелно освежување. Skoda неоддамна ги претстави фејслифтираните Kamiq и Scala.

Со што имаат да се пофалат освежените Skoda и Kamiq? Подобрување кај агрегатите (и пензија за дизелските), мали но забележливи промени во дизајнот, и подобра технологија. Со други зборови, фејслифт по речник, во добра смисла на зборот.

Да започнеме со Scala. Хечбек моделот кој зазема место во гамата меѓу Fabia и Octavia добива нов дизајн на предна маска, како и нови предни светла со комбинација дневни светла/трепкачи на два спрата. Морам тука да вметнам едно искрено благодарам до Skoda што ќе нудат еднобојни сребрени тркала на Scala, како на фотографиите.

Задниот дел исто така добива минимални промени, конкретно околу светлосните групи и задниот браник. Освежената Scala исто така ќе се нуди со поспортскиот Monte Carlo пакет на опременост, со уникатни каросериски додатоци и дизајн на тркала.

Внатрешноста на Scala добива значителни освежувања. Веднаш се забележува новиот, поголем инфозабавен систем и освежената дигитална инструмент табла. Сепак, ентериерот ја негува и старата школа со физичките контроли за клима уредот и класичната механичка палка кај моделите со автоматски пренос.

Како што се гледа од фотографијата, ќе се нуди и амбиентално осветлување на ентериерот. Skoda го поедностави и го промени начинот на кој купувачот го бира ентериерот, со неколку „средини“ инспирирани од дневни соби и други места за живеење, идеја која за прв пат ја видовме кај електричниот Enyaq.

Во меѓувреме, Kamiq исто така има значителни промени во дизајнот. За прв пат ќе се нуди Monte Carlo пакетот на опременост кај овој модел, кој инаку го прославува успехот на Skoda на истоимениот рели натпревар. Поагресивни браници и уникатен дизајн на тркала го издвојуваат Kamiq Monte Carlo од остатокот од гамата.

Исто среќаваме редизајнирана предна маска и нов дизајн на светлосни групи, со осумаголни елементи. Задниот дел исто така добива благо освежување со нов дизајн на задните светлосни групи.

Во ентериерот на Kamiq исто така има неколку мали освежувања, а и двата модели сега ќе нудат рециклирани и оддржливи материјали.
Новата безбедносна технологија кај двата модели вклучува адаптивен темпомат, асистенција за оддржување на коловозната лента (Lane Assist), препознавање сообраќајни знаци, систем кој проверува дали рацете ви се на управувачот во секој момент (Hands-on Detection) и систем за препознавање непосредна опасност пред возилото (Front Assist).
Бидејќи се работи за Skoda, ќе се нудат и неколку едноставно паметни (Simply Clever) додатоци, вклучувајќи и виртуелна педала за отварање на петтата врата за прв пат во овој сегмент. Двата модели нудат и различни конфигурации на шасијата, каде што стандардната е за тврди патишта, а другиот пакет нуди поспортски динамички способности.

Новите Kamiq и Scala доаѓаат со најновата evo 2 генерација на агрегати од групацијата. Ќе се нудат исклучиво бензински мотори и силините се движат од 95 до 150 коњски сили. Овие агрегати ќе можат да се спарат или со 6-степен мануелен, или со 7-степен DSG автоматски менувач. Агрегатот со 150 коњски сили ќе доаѓа стандардно со ACT деактивација на цилиндрите за подобра потрошувачка.

Новите Skoda Scala и Kamiq ќе се појават на пазарот наскоро. Од времето на објавување нема информации околу цените.