Skoda Elroq се придружува кон фронтот на мали, пристапни електрични возила
- Марко Соколовски
- Oct 2, 2024
- 2 min read
Офанзивата на компактни електрични возила е веќе започната во Европа, и морам да кажам дека е многу освежително после толку големи и тешки електрични возила да видиме нешто покомпактно, полесно, посекојдневно.
Skoda сега се припрема да влезе во фронтот со својот втор целосно електричен автомобил. Ајде да видиме за што се работи
Skoda го претстави Elroq

Skoda
VAG веќе подолго време ги најавува своите компактни електрични автомобили базирани на MEB платформата, и Elroq е првиот од нив. Добро изгледа, нели? Многу ми се допаѓа кога автомобилските марки ги дизајнират своите електрични возила со нозете при земја. Elroq е лесно препознатлив и ненаметлив, и го ценам тој пристап.
Но сепак, има и нешто ново тука. Elroq е првиот модел на Skoda кој го користи сосем новиот дизајнерски јазик, и тоа е веднаш забележливо на предницата. Сѐ на сѐ, изгледа како комбинација од Kamiq и одличниот Enyaq, и тоа воопшто не е лоша работа. Пофалби за Skoda што и понатаму нудат целосно сребрени тркала.

Skoda
Elroq е поставен на добро познатата MEB скалабилна платформа за електрични возила, која е интринзично со погон на задните тркала. Оваа платформа е подлога за грото од електрични возила на VAG. Достапни се три големини на батериска кутија, 55 kWh бруто, 63 kWh бруто, и 82 kWh бруто, и ги носат ознаките Elroq 50, 60, 85 и 85x.

Skoda
85x има погон на сите четири тркала преку уште еден мотор на предната оска, а вкупниот системски износ е 282 коњски сили. Според WLTP, Elroq може да помине 370 километри со најмалата батерија, додека со најголемата се можни дури 560 километри.
Полнењето од 10% до 80% на DC полнач е возможно за околу дваесетина минути. Elroq со помалите батерии има максимална брзина од 160 км/ч. додека 85 моделот оди до 180 км/ч.

Skoda
Ентериерот е едно мало освежување на тоа што веќе ни е познато од Skoda. Малиот дисплеј позади воланот е сѐуште тука, како и големиот инфозабавен екран во средината, кој стандардно е 13 инчи дијагонално. Неколку физички контроли под екранот, и малиот контролер за менувачот во средина. Најударниот новитет во ентериерот, барем вака на прв поглед, е SKODA испишано на воланот, детал за кој уште не сум сигурен.
Освен тоа, генерално, ентериерот изгледа солидно. Друга интересна работа за ентериерот се рециклираните материјали, меѓу кои и ECONYL, материјал произведен од рециклирани најлонски производи (опрема за риболов и сл.)

Skoda
Голема новост кај Elroq е тоа дека го нуди најголемиот багажник во класата. Со задните седишта во регуларна положба, достапни се дури 470 литри простор, кои стануваат 1.580 литри со преклопување на задната клупа. За компактен SUV, тоа е многу импресивно.

Skoda
Како што е сега стандардна пракса, Elroq пристигнува на европскиот пазар во First Edition изведба, која ја гледате на фотографијата погоре. Поголема опрема и уникатен дизајн на алуминиумски фелни. Со продажба започнува малку подоцна во 2024 година, а моделот 85х со погон на сите четири тркала пристигнува догодина. Од времето на објавување нема информации кога ќе пристигне на нашиот пазар.
После неколку искуства со компактни електрични автомобили, комплетно ја гледам иднината кои ја имаат, и ме радува тоа што Skoda се придружува тука со еден модел кој се чини како олицетворение на Skoda филозофијата: Simply Clever, и многу пристапен.