Renault ги претстави новите електрични комерцијални возила
- Марко Соколовски
- Feb 10
- 2 min read
Да бе, жив сум. Добредојдовте во првата вест за 2025 година.
Колку пати сте виделе на бандера реклама за „Возач од Б категорија да вози комбе во [западноевропска држава].“ Работава мене ми звучи малку досадно, без разлика дали платата е добра или не.
Renault реши дека возењето комбе, ако ништо друго, може да биде со многу стил. Ако изгледа вака тоа комбе, тогаш работата би ја прифатил без размислување. Ајде да ги запознаеме новите комерцијални возила на Renault.
Ова се Renault Trafic E-Tech, Goelette и Estafette

Renault
За мене едно Estafette ако може. Со ова трио лесни комерцијални возила (LCV), Renault ни носи нова ера на електричен транспорт на релативно кратки релации. Секое од овие возила е на сосем нова скејтборд платформа, и е наменето за различни потреби.
Ајде прво да го видиме тоа што ни е најпознато, а тоа е Trafic E-Tech

Renault
Trafic е нај, да речам, комбевиден од триото. Потсеќа малку на тековниот Trafic во однос на дизајн, но одма од предницата се гледа дека станува збор за нешто друго. Trafic E-Tech е наменет за потребите на повеќето регуларни купувачи на лесни товарни возила, и без разлика кој модел ќе го одберете, нема да е повисок од 1.90м. Тоа значи нема проблем за влез во катни гаражи и места со низок клиренс.
Следниот Renault LCV е Goelette

Renault
Потоа го имаме Goelette. Овој модел започнува од Trafic E-Tech, но наместо обичен товарен простор, Goelette доаѓа стандардно со нешто што постарите генерации го викаат фургон. На оваа фотографија може да се види дека страничниов дел се отвара, така да може да служи добро како комбе за кетеринг или брза храна, но секако, може и за многу друго да служи.
Ако не ви треба фургон, може да се нарача и како пикап и како шасија со кабина, за потоа вие да си додадете тоа што ви треба.
За крај, го имаме мојот омилен од трите, Estafette

Renault
Мислам дека дизајнов го имаат земено топтан од Cyberpunk 2077. Како што гледате, Estafette е највисокиот од сите три, и го има најголемото меѓуоскино растојание. Тоа значи поголем простор за товар во нешто што е релативно мало за комбе.
Овој модел не може да влезе во катна гаража, но ќе биде фаворит меѓу сите компании кои вршат некаква достава. Пошти, Амазон, и слично. На некој начин, ова е европскиот еквивалент на Rivian Амазон комбињата кои врват низ САД, и тоа воопшто не е лоша работа. Исто можеби приметивте дека има лизгачка возачка врата, а задната врата до товарниот простор се отвара како гаражна врата.

Renault
Goelette и Estafette се крстени по две комерцијални возила на Renault од XX век, и искрено овие дизајни апсолутно вредат за да се оживеат тие имиња. Сите три модели ќе започнат со производство во 2026 година во Сандуви, Франција. Од времето на објавување, нема детали околу опсегот на струја или конфигурациите.