Renault ги подготвува електричниот 5 и Scenic E-TECH
- Марко Соколовски
- Jul 15, 2023
- 2 min read
Како и повеќето брендови, Renault исто така се подготвуваат за електрична револуција, или како што тие самите ја нарекуваат, Renaulution (Renault-луција). Тоа вклучува и оживување на имиња од нивното минато, како и сосема нови модели наменети за денешните купувачи. Францускиот бренд привршува со тестирање на електричниот Renault 5 и новиот Scenic E-TECH.

Како што гледаме од оваа фотографија, малиот Renault 5 нема да се промени многу во однос на концептот што се појави пред неколку години. Некои ситни работи, како помалите тркала, ретровизорите и кваките се поразлични, но основната форма е иста.

Основната форма е иста и како оригиналниот Renault 5, со наклонетиот заден дел, и тркалата на секој агол. Секако, тоа е овозможено поради електричната платформа.
Renault објаснуваат како всушност се одвива процесот на прототипирање и на производство во глобалниот центар за производство во близина на Париз.
Тие се меѓу единствените автомобилски брендови кои се трудат склопувањето на прототип возилата да биде слично како склопување возила од сериско производство, со цел максимална репрезентација на готовиот производ. Првите прототипови на Renault 5 биле произведени во 2021 година и користеле Clio каросерии.

Renault 5 ќе се појави идната година (2024) во сериско издание. Ќе биде поставен на CMF-B EV платформата, и ќе користи батерија нешто поголема од 50 kWh, а Renault целат кон 400 километри опсег на едно полнење.
Во меѓувреме, малку пред Renault 5, наскоро ќе се појави целосно електричниот Scеnic E-TECH Еlectric.

Најавен од Scenic Vision концептот од мај 2022 година, Scenic E-TECH е вториот Ц-сегмент електричен автомобил на Renault. Следејќи ги чекорите на Espace, Scenic повеќе не е компактен моноволумен како што беше речиси целиот свој живот. Сега е кросовер, малку поголем од Megane E-TECH Electric.
Новиот Scenic ќе биде поставен на CMF-EV платформата, која ја дели со претходно споменатиот Megane, како и со Nissan Ariya. Сѐ уште нема информации околу погонскиот систем и опсегот на струја за Scenic конкретно, но сѐ ќе биде откриено на Саемот за автомобили во Минхен во септември 2023.