Renault 5 E-Tech Electric е лекот за големи, тешки EV
- Марко Соколовски
- Feb 26, 2024
- 2 min read
Електричните автомобили, генерално, имаат една заедничка карактеристика: повеќето од нив се доста тешки и имаат премногу силни перформанси за нивно добро, и дефинитивно повеќе од што им треба на повеќето купувачи. Тоа ги прави скапи.
Во последно време, светот почна да ја гледа убавината во мали, полесни, поефтини електрични автомобили. Renault штотуку претстави таков модел, со извонредна доза на ретро дизајн.
Ова е новиот Renault 5 E-Tech Electric

Конечно пристигна сериската верзија на Renault 5 E-Tech Electric, кој е речиси непроменет од концепт моделот кој го видовме неоддамна. Освен името, голем дел од дизајнот е превземен од историскиот компактен модел на Renault, но сепак трпи и темелна модернизација.

Фантастичниот ретро дизајн е поддржан од широка лепеза на светли, храбри бои, како Pop Yellow жолтата што ја гледате на фотографијата. Компактниот 5 е само 3.92 метри во должина, но меѓуоскиното растојание од 2.54 метри гарантира просторен ентериер. Правилно искористување на електрична платформа, која во овој случај е новата AmpR Small.
Ова исто овозможува речиси невидена тежина за електричен автомобил од само 1.5 тони.

Што се случува под каросеријата? Renault 5 E-Tech Electric ќе биде достапен со две верзии на истиот предно поставен електромотор, и тоа со 120 или 150 коњски сили. Батеријата ќе биде достапна со 40 kWh или пак 52 kWh капацитет.

Помалата батерија ќе овозможи максимален опсег од 300 километри, додека дури 400 километри ќе бидат возможни со поголемата. Конструкцијата од никел, манган и кобалт овозможува првокласна енергетска ефикасност. Возможно е DC полнење до 100 kW, што може да ја наполни батеријата од 15% до 80% за половина час.
Renault исто така уверуваат дека новиот 5 E-Tech Electric ќе биде забавен зад воланот, благодарение на мултилинк задната суспензија.

Ентериерот е во релативен контраст со многу други електрични автомобили: освежувачки едноставен. Распоредот е сличен како повеќето модели од гамата на Renault, но тука инфозабавниот систем е хоризонтално поставен.
Физичките контроли за клима уредот се заддржани, а и тука има неколку ретро елементи, како правоаголнестата инструмент табла и меките детали од совозачката страна на контролната табла.

Новиот Renault 5 E-Tech Electric е многу освежителен модел во денешната автомобилска клима, и сега за сега, има навистина победничка формула.