top of page
  • Writer's pictureМарко Соколовски

РЕКАПИТУЛАЦИЈА: Сите автомобилски новитети од изминатата седмица


Додека ме немаше, автомобилската индустрија подготви еден куп новитети и нови модели. Да не ја должиме, ајде да видиме што сѐ има ново во светот на автомобилите од крајот на јуни до денес.



Mercedes-Benz CLE

Mercedes-Benz CLE 1
Mercedes-Benz

Иако купе сегментот на автомобили станува сѐ помал и помал, Mercedes-Benz сѐ уште не се подготвени да се откажат од него. C-Class и Е-Class Coupè одат во историјата, а на нивно место доаѓа новиот CLE!


Достапен во купе и кабриолет изведба, новиот CLE изгледа како еволуција на горенаведените, но ги вклопува новите дизајнерски елементи на Mercedes-Benz, кои претходно ги видовме на C-Class и E-Class.


CLE ја дели општата архитектурата со тие модели, и ќе бидат достапни бензински и дизелски мотори со лајт хибрид технологија (меѓу кои и шест цилиндрец!), како и грст напредни технологии.



MG 4 XPower

MG 4 XPower 1
MG

Како што беше најавено, MG штотуку ја претстави хот-хеч верзијата на својот електричен хечбек, и со тоа оживеа познато име од својата историја: XPower. MG 4 XPower е сличен како регуларниот модел од надворешноста, но има нови тркала, нова боја, и неколку суптилни аеродинамички додатоци.


Најважните промени се под каросеријата. MG 4 XPower користи два електромотори со вкупен износ од дури 435 коњски сили! Тоа значи дека најмоќниот модел во историјата на брендот забрзува до 100 км/ч за 3.8 секунди! Според WLTP циклусот, MG 4 XPower може да помине 384 километри, и ја дели 64 kWh батериската кутија со MG 4 Trophy.


Освежување за Volkswagen T-Cross

Volkswagen T-Cross 1
Volkswagen

Volkswagen неоддамна го освежи најмалиот член на своето SUV семејство, T-Cross. Maлиот кросовер одлично се снаоѓа на европскиот пазар, со преку 1.2 милиони примероци продадени, а сега доаѓа со нов дизајн и нови технологии.


Освен новиот VW знак, предницата сега добива дополнителни светла вметнати во предната маска, а ќе бидат достапни и IQ.LIGHT Matrix предни светла. Задните светла исто добиваат нов дизајн, додека во внатрешноста има нов инфозабавен систем, и дигиталната инструмент табла е сега стандардна опрема. Производството ќе започне на крајот од 2023 година, и Volkswagen ветуваат и понатаму компетитивни цени.


Fiat 600е и Fiat Topolino

Fiat Topolino 1
Fiat

Fiat претстави два нови модели во Милано. Првиот е целосно електричниот 600е, кој индиректно го заменува долговечниот 500X во гамата. 600e е поставен на Stellantis CMP, односно STLA Small платформата, и всушност дели голем дел од архитектурата со Jeep Avenger. Двата модели ќе бидат произведени во Полска.


600е ја добива силата од еден електромотор на предната оска, придвижен од 54 kWh батериска кутија. Вкупниот системски износ е 156 коњски сили, а според WLTP циклусот ќе може да помине нешто повеќе од 400 километри.


Fiat Topolino 1
Fiat

Другиот модел кој го претстави Fiat е шармантниот Topolino. После долго време, Fiat конечно го оживува ова историско име (кое во превод значи „глувче“). Новото Topolino ќе биде сместено под 500 во гамата, и како што се гледа од фотографиите, ова е уште еден братучед на Citroën Ami.


Topolino ќе може да помине дури 75 километри со полна батерија, но убедливо најуникатното и најинтересното нешто е Dolce Vita (сладок живот) персонализацијата. Со овој пакет можете да го опремите Topolino за плажа, и тоа вклучува и туш. Да, навистина. Туш!


Воедно, Fiat исто така најавија многу храбар потег: наскоро целосно ќе престанат да произведуваат коли во сива боја, со цел да ги поттикнат купувачите да експериментираат со шарени бои. А кога сме веќе кај експерименти...



Нов Blitz и нов концепт автомобил од Opel

Opel Blitz 1
Opel

2023 година воведува уште едно освежување за познатиот Blitz на Opel. Новиот знак на германскиот бренд сега ја следи формата на хоризонтално поставена молња. Секако, ова алудира на електричната иднина на брендот.


Opel Experimental 1
Opel

Новиот Blitz за прв пат ќе се појави наскоро на новиот концепт автомобил на Opel, кој ќе се вика Experimental. Целта на овој концепт автомобил ќе биде да покаже што можеме да очекуваме од идните модели на брендот, барем од дизајнерска перспектива.


Kia Picanto

Kia Picanto 1
Kia

Kia и понатаму верува во најмалиот А-сегмент на автомобили, и штотуку темелно го освежи малиот Picanto. Прво дебитираше GT-Line изведбата, со сосема нов дизајн на предница кој зема инспирација од големиот EV9 електричен SUV.


Задниот дел е исто така целосно нов, со нова светлосни групи кои се спојуваат на петтата врата, исто налик на EV9. Секако ќе бидат достапни и нови бои, нови дизајни на фелни, и нови технологии кои вклучуваат и дигитална инструмент табла. Инаку, Picanto веќе подолго време не е достапен на македонскиот пазар, па да се надеваме дека со освежениот модел ќе се врати.


Освежување за Peugeot 208 и e-208

Peugeot e-208 1
Peugeot

Конечно, последниот и најновиот новитет за оваа рекапитулација. Peugeot штотуку го престави освежениот 208 и е-208, набргу откако го претставија и освежениот 2008.


Секако, имаме освежување кај дизајнот, со нова предница и нови светлосни групи налик на Inception концептот и 2008, како и нови светлосни групи на задниот дел. Исто така има нов дизајн на фелни, со доста храбар дизајн како оние на 408 и на 2008, а во внатрешноста инфозабавниот систем и инструмент таблата добиваат нов изглед и софтвер.


е-208 ќе доаѓа со новата генерација на електричен погон со 54 kWh батериска кутија и 156 коњски сили од предно поставениот електромотор, а Peugeot целат кон 400 километри опсег според WLTP. Новиот 208 исто така ќе биде достапен и со новиот лајт хибриден погон на Stellantis, односно Hybrid 136.












Comments


bottom of page