top of page
  • Writer's pictureМарко Соколовски

РЕКАПИТУЛАЦИЈА: Сите автомобилски новитети од средината на август


Втората недела од месец август беше полна со автомобилски новитети. Да не губиме многу време, и да започнеме со втората Korrmotive рекапитулација, односно recap на сите автомобилски новитети од изминатиот период!


Lamborghini Lanzador - Најава за првиот електричен модел на брендот

Lamborghini Lanzador 1
Lamborghini

Иако неколкупати ветија дека ќе ги заддржат моторите со внатрешно согорување што е многу подолго, Lamborghini се свесни дека електричната ера им претстои на сите. По тој повод, брендот го претстави концепт моделот Lanzador.


Невообичаениот дизајн крие 2+2 распоред на седишта, завиткан во купе форма со поткрената суспензија, нешто како Huracán Sterrato. Lanzador има два електромотори, по еден за секоја оска, со вкупен износ од еден мегават. Тоа во превод значи 1.341 коњски сили. Серискиот модел ќе почне да се испорачува во 2028 година.


Mercedes-AMG GT - 2+2 распоред, V8 агрегат, светско, а наше

Mercedes-AMG GT 1
Mercedes-AMG

После долго време и еден куп најави, конечно можеме да кажеме добредојде на втората генерација Mercedes-AMG GT. Иако дизајнот е еволуционерен, промените кај новиот AMG GT се значителни.


Втората генерација ја дели архитектурата со AMG SL, што значи сега има задни седишта. За љубителите на V8 агрегатите кај AMG модели, не треба да се грижите, бидејќи исклучиво такви ќе се нудат на новиот AMG GT, првенствено 4.0-литарска изведба со 577 коњски сили.


Сепак, најважната вест кај AMG GT е тоа што зад дизајнот на екстериерот стои Славче Таневски. Како што би рекле постарите, светско, а наше.


Rolls-Royce Droptail La Rose Noire - Егземпларна рачна изработка

Rolls-Royce Droptail 1
Rolls-Royce

Иако Rolls-Royce се доста зафатени со привршување на својот прв електричен модел наречен Spectre, тие не заборавиле на тоа што ги прави посебни: рачната изработка и специјалните модели по нарачка.


Токму тоа е Droptail La Rose Noire (црна роза). Како што наведува името, инспирацијата доаѓа од истоименото цвеќе, што јасно се гледа во прекрасната каросериска боја. Droptail има само две седишта, што е невообичаено за Rolls-Royce модел.


Како што велат од брендот, го оживува roadster типот на автомобил. Тркалата ги придвижува докажаниот 6.75-литарски V12 со два турбополначи. За жал, само четири примероци ќе бидат произведени, и се верува дека секој од нив ќе чини околу 23 милиони евра.



Ford Mustang GTD - 800 коњски сили и делови од борбен авион

Ford Mustang GTD 1
Ford

Знам каде ви отиде паметот на сите, и особено тие што ги познаваат моделите на Volkswagen. Тоа не е Mustang GTD. Тука се работи за нешто посебно што дефинитивно никој не го очекуваше од синиот овал.


Новиот Mustang GTD е врвот на Mustang понудата, и превзема технологија директно од GT3 изведбата, која догодина ќе ја видиме на LeMans. 5.2-литарскиот V8 користи суперполнач и испорачува 800 коњски сили.


Ford исто така додава активна суспензија и активна аеродинамика, сето тоа со цел Mustang GTD да помине круг околу Nürburgring за помалку од 7 минути. И да, навистина користи дел од борбен авион; плочката во ентериерот на која го пишува серискиот број е титаниумски дел превземен од Lockheed Martin F-22, еден од најуспешните борбени авиони.




Acura ZDX - Уште една успешна јапонско-американска соработка

Acura ZDX 1
Acura

Honda веќе подолго време соработува со General Motors, и дел од првата генерација електрични автомобили на јапонскиот бренд ќе ја користи Ultium архитектурата на американскиот гигант. Веќе сме слушнале за Honda Prologue, а штотуку се појави и неговиот Acura братучед, ZDX.


За оние кои не знаат, Acura е премиум пандан бренд на Honda кој се нуди исклучиво во САД, Канада, и делови од Арапскиот полуостров. Пред нешто повеќе од 10 години, ZDX името го носеше модел кој единствено би го опишал како „несреќен.“


Тоа не можам да го кажам за новиот ZDX. Храбриот и импозантниот дизајн на екстериерот јасно кажува дека се работи за фокусиран, динамичен електричен SUV. До тоа придонесува и големото меѓуоскино растојание.


Дури и основниот модел на ZDX има 340 коњски сили, додека посилниот Type S има дури и 500 коњски сили, како и погон на сите четири тркала и Brembo сопирачки. Се сомневам дека Acura ZDX ќе се појави на европскиот пазар, но доколку се појави како поспортска изведба на Prologue со Honda знак, може да предизвика доста интрига.



Korrmotive за прв пат на Porsche Road Tour

Porsche Road Tour 1
Korrmotive

И за крај, еден локален новитет. Оваа година по деветти пат се оддржи Porsche Road Tour во Македонија. На покана од Porsche Македонија и Porsche центарот во Скопје, Korrmotive учествуваше во ова неверојатно искуство за прв пат.


Од Porsche Центар Скопје до хотелот Радика во Маврово, и назад, Korrmotive имаше шанса да искуси неколку од неверојатните модели на украсениот германски бренд, кој оваа година го слави својот 75. роденден. Репортажа од целиот настан ќе можете да прочитате наскоро!







Comments


bottom of page