Porsche Taycan Turbo GT е најмоќниот Porsche модел во историјата на брендот
- Марко Соколовски
- Mar 14, 2024
- 2 min read
Porsche Taycan е еден од најспособните електрични автомобили во моментов, и Turbo S моделот беше најбрзиот и најмоќниот модел во историјата на Porsche. Клучниот збор тука е беше, бидејќи најновата изведба на Taycan е на сосем друго ниво.
Porsche го претстави Taycan Turbo GT

Taycan Turbo GT е сега врвот на понудата на Taycan. Ако гледаме стриктно бројки, ова е врвот на понудата на Porsche општо. Ова е вториот модел кој ја носи ознаката Turbo GT, и во случајот на Taycan, тоа значи невидени досега перформанси.
Прво да го разгледаме однадвор. Taycan Turbo GT додава значителни аеродинамски елементи, како предниот сплитер, заден дифузер, и огромен заден спојлер. Сето ова придонесува до нешто многу импресивно на кое што ќе се навратиме.

Дополнителните дифузери и спојлер се дел од Weissach пакетот, што воедно е прв пат да се нуди тој пакет на Taycan. Сепак, изгледа многу добро и без Weissach пакетот, а сепак се гледа дека станува збор за нешто посебно.
Ајде да ги видиме тие бројки кои ги спомнав. Поголемиот дел од времето, Taycan Turbo GT има 788 коњски сили, но кога ќе вклучите Launch Control, тоа се качува на 1.033 коњски сили! Со overboost функцијата, во времетраење од две секунди имате 1.108 коњски сили.
Ова значи дека Taycan Turbo GT опремен со Weissach пакетот може да стигне до стотка за само 2.2 секунди. Да повторам: 2.2 секунди до 100 километри на час.

И тоа не е сѐ. Taycan Turbo GT има до 1.340 Nm вртежен момент, бројка која е поблиска до камион. Нешто повеќе од 6 секунди му требаат за да достигне 200 км/ч.
Овие бројки во комбинација со аеродинамиката му овозможи на Taycan Turbo GT да го сруши рекордот не само за електрични автомобили на Нурбургринг, туку и рекордот за било кој автомобил со четири врати: 7 минути 7 секунди.
Да ве потсетам дека Porsche 918 Spyder го сврте Нурбургринг за 6 минути и 58 секунди, а Taycan Turbo GT е потежок и има четири седишта. Секоја чест.
Според WLTP циклусот, Taycan Turbо GT може да помине 555 километри, што е сосема добра бројка.

Не е сѐ во моќноста. Сите Taycan Turbo GT доаѓаат со керамички кочници како стандардна опрема, како и Porsche Active Ride суспензијата. Sport Chrono доаѓа стандардно исто така, како и карбонски седишта со Race Tex обвивки.
Porsche Taycan Turbo GT е веќе достапен за нарачка во Германија. Цените започнуваат од €240.000.