Новиот Porsche Cayenne Turbo Е-Hybrid е најмоќната изведба досега
- Марко Соколовски
- Aug 30, 2023
- 2 min read
Некои можеби не знаат, но Porsche Cayenne е еден од моделите кои го спаси брендот од тешка ситуација пред дваесетина години, заедно со Boxster. Премотуваме до денешен ден, кога Cayenne е еден од најуспешните модели на брендот.
Оваа година, Cayenne доби освежување. Како што е традицијата во денешницата, освежувањето вклучи подобрени агрегати, освежен дизајн, и многу повеќе технологија.
Новиот Cayenne дебитираше пред неколку месеци на глобалниот пазар, а неоддамна ја имаше и својата македонска премиера, како и првата презентација за време на овогодинешниот Porsche Road Tour.
Постепено се појавуваат и другите членови на Cayenne офанзивата, меѓу кои и многу моќниот Cayenne Turbo Е-Hybrid.

Иако врвот на понудата и понатаму останува Cayenne Turbo GT, новиот Turbo Е-Hybrid не само што е најмоќната изведба на Cayenne во историјата, туку е и најмоќниот модел на брендот кој има мотор со внатрешно согорување.
Хибирдниот погон се состои од 4.0-литарски V8 со две турбини, спарен со електромотор и батериска кутија од 25.9 kWh. Вкупниот системски износ е навистина луд: 739 коњски сили и 950 Nm вртежен момент.

Porsche ветува дека поради зголемената батерија, Cayenne Turbo Е-Hybrid ќе може да помине околу 80 километри на струја во градски услови, а на соодветен полнач ќе можете да ја наполните батеријата целосно за околу два ипол часа.
Сепак, перформансите дефинитивно не страдаат. Стотка се случува за 3.9 секунди, додека максималната брзина е 295 км/ч, значително повеќе отколку многуте кои се електронски ограничени на 250 км/ч.

Ново за оваа година е и GT пакетот. Врвниот Cayenne Turbo GT повеќе не се нуди на некои глобални пазари, но сега ќе можете да ги искусите перформансите на тој модел во новиот хибриден Cayenne Turbo.
GT пакетот добива специјално штелување на воздушната суспензија со две комори, и стандардно е 10мм понизок од обичниот Turbo Е-Hybrid.

Доаѓа и стандардно со 22“ тркала и PCCB керамичките сопирачки, кои исто така беа стандардна опрема на Turbo GT. Со GT пакетот, Cayenne Turbo Е-Hybrid забрзува до стотка за 3.6 секунди, додека максималната брзина е 305 км/ч.

Секако, новите Cayenne Е-Hybrid изведби ги присвојуваат и останатите елементи од освежениот Cayenne. Однадвор, тоа значи освежени предни и задни делови и нови светлосни групи, а внатре тоа значи сосем нова технологија.
После долго време нудење исклучиво аналоген обртомер, Porsche дебитираат сосема нов дизајн на дигитална инструмент табла на новиот Cayenne, и моја претпоставка е дека ќе се појави и на другите модели во скоро време.

Новиот Cayenne исто така ја дебитира најновата верзија на Porsche Communication Management инфозабавниот систем, кој зазема централна позиција во ентериерот, а сега ќе биде достапен и дисплеј за совозачот, а ла Taycan.
НD Matrix LED осветлувањето кое дебитира на новиот Cayenne ќе биде стандардна опрема на Turbo e-Hybrid изведбите.

Porsche Cayenne Turbo E-Hybrid е веќе достапен за нарачка во Германија, каде што цените почнуваат од €176,324. Моментално не се достапни информации околу цените за E-Hybrid за македонскиот пазар.