top of page
  • Writer's pictureМарко Соколовски

НОВИТЕТ: Volvo EX30


Volvo се подготвуваат за целосно електрична гама во текот на следната деценија, и таа сега брои веќе неколку членови. Веќе знаеме за XC40 Recharge, C40 Recharge и EX90, но сега брендот го претстави најновиот, и најмалиот член на електричната гама. Ова е новото Volvo EX30!


Volvo EX30 1
Volvo

Не само што EX30 е најмалиот член на електричната гама на Volvo, туку е и најмалиот модел во целата гама на брендот општо. EX30 е поставен под XC40 во понудата, и има доста со што да се пофали.


Како што гледаме, EX30 влече доста дизајнерска инспирација од големиот EX90, што особено се гледа во предницата, во задниот дел, и во дизајнот на тркалата.



Volvo EX30 2
Volvo

Да преминеме директно на главното. Volvo EX30 ќе биде достапен со две големини на батериска кутија, и два распореди на електромоторите. Основниот модел доаѓа со 49 kWh литиум железо фосфат батериска кутија, додека другите доаѓаат со 64 kWh батериска кутија која содржи никел, манган и кобалт.


Сѐ ова можеби звучи како шпанско село, но всушност, овозможува купувачите да имаат избор на батерија каква што им треба, каде што 64 kWh батеријата ја произведува струјата на поефикасен начин, и овозможува подолга автономија и поефикасна силина. Исто така, цената на возилото е пониска, но повеќе околу тоа подоцна.


Volvo EX30 3
Volvo

И двете батериски кутии доаѓаат со еден електромотор поставен на задната оска, што значи погон на задните тркала, и 272 коњски сили во основниот модел. Со послабата батериска кутија, забрзувањето до 100 км/ч трае 5.7 секунди, а со посилната 5.3 секунди.


Најсилната изведба на EX30 доаѓа исклучиво со посилната батерија, и два електромотори, по еден за секоја оска. Вкупниот износ е 428 коњски сили, и тоа овозможува вртоглаво забрзување до 100 км/ч: 3.4 секунди! Тоа го прави EX30 најбрзиот Volvo модел до стотка во историјата на брендот.



Volvo EX30 4
Volvo

Опсегот на струја според WLTP циклусот кај основниот модел е 344 километри. Најмногу што може ЕX30 да помине според циклусот е 480 километри, што е солидна бројка за класата. Може да се претпостави дека таа бројка е најлесно изводлива со посилната батерија и единечниот електромотор.


Најбрзо полнење што го поддржува EX30 е 153 kW, и тоа важи за врвниот модел со двата електромотори и посилната батерија, додека основниот модел поддржува до 134 kW полнење. Според Volvo, посилната батерија може да се наполни од 10% до 80% (на соодветен полнач) за околу 25 минути.


Volvo EX30 5
Volvo

Ентериерот на EX30 исто така воведува нешто ново. Сличен е како поголемиот EX90, со доста минималистички дизајн и само еден голем инфозабавен екран во средината, поставен вертикално.


Volvo веќе долго време нудат еден од најдобрите инфозабавни системи на пазарот, и сигурен сум дека најновата генерација ќе го продолжи тоа. Новата генерација на системот има вграден Google, и дигиталниот клуч ќе поддржува многу видови на смартфони. Но сепак, тоа не е најинтересниот детал на ентериерот.


Volvo EX90 6
Volvo

Веќе подолго време, Volvo се залагаат за максимална одржливост во однос на нивните возила, од емисиите на фабриките каде што се одвива производството, па сѐ до материјалите во внатрешноста. Истото важи и за EX30.



Volvo EX30 7
Volvo

Во ентериерот има многу рециклирани материјали, и достапни се доста интересни комбинации на бои и материјали. Исто така ќе имате можност да одберете пет различни бои на амбиентално осветлување, секоја од нив инспирирана од различни скандинавски пејсажи.



Што се однесува до безбедносните системи, новата генерација Park Pilot Assist на Volvo ќе може да го паркира возилото за вас и во најнезгодните паркинг места.



Volvo EX30 8
Volvo

Како и многу други Volvo модели, EX30 ќе се нуди и во Cross Country изведба, со дополнителни црни детали на каросеријата, повисока суспензија, и теренски пневматици. Секако, Volvo покажа како ќе изгледа и CC изведбата, и навистина изгледа одлично!


EX30 ќе биде достапен од 2024 година. Од објавувањето на оваа статија, не се достапни информации околу цените во Македонија.





Comentários


bottom of page