top of page
  • Writer's pictureМарко Соколовски

НОВИТЕТ: Volkswagen Touareg


Volkswagen Touareg е сосема различен од остатокот на гамата на Volkswagen на европскиот пазар. Наменет е за сосема друга таргет публика која што делува како да е сѐ помалку и помалкубројна. Клучниот збор е „делува,“ бидејќи во изминатите 21 година, VW успеаа да продадат повеќе од 1 милион примероци.


Иако фокусот на Volkswagen е во своите регуларни модели, и секако електрификацијата, не заборавија на својот SUV знаменосец. VW штотуку го освежи, по втор пат, тековниот Touareg!


Volkswagen Touareg 1
Volkswagen

Тековниот VW Touareg се нуди на пазарот од 2018 година. Пред пар години беше суптилно освежен со мали промени, но овој пат, фејслифтот е многу потемелен, со нови технологии, и освежен дизајн на екстериерот.


Промените се јасни уште од предниот дел. Светлосните групи се сосема нови, и забележуваме и целосна LED лента која се протега од фаровите долж целата предна маска, која е исто освежена. Истото важи и за предните и задните браници.


Достапни се и нови дизајни на тркала, а и задницата ги поврзува задните светлосни групи во light bar, како што личи за еден луксузен SUV, а сега и VW знакот е осветлен. Секако, на новиот Touareg ќе биде достапна IQ.Light технологијата на Volkswagen.



Volkswagen Touareg 2
Volkswagen

Друг новитет во однос на технологијата е сензор поставен на кровот, кој што е во тесна врска со суспензијата и шасијата. Доколку сензорот забележи, на пример, дека на кровот е поставена дополнителна кутија за багаж, шасијата ќе изреагира соодветно, со цел да ја подобри агилноста на Touareg.


V8 TDI оди во историјата

Volkswagen Touareg 3
Volkswagen

Новиот Touareg исто така претрпува промени во погонските системи. V8 TDI агрегатот, кој се нудеше кратко време, оди во историјата. Воопшто не е тоа изненадувачки, кога ќе земеме во предвид денешните регулативи. Отсега, Touareg се нуди исклучиво со турбо V6 бензинец, два V6 турбодизели, и две PHEV изведби. Сите V6 единици се со зафатнина од три литри.



Volkswagen Touareg 4
Volkswagen


Регуларниот турбо бензинец испорачува 340 коњски сили, дизелите помеѓу 231 и 286 коњски сили, а едниот PHEV 381 коњски сили. Знаменосецот на Touareg понудата е Touareg R eHybrid, кој испорачува моќни 462 коњски сили! Сите изведби на Touareg доаѓаат стандардно со 4Motion погон на сите четири тркала, како и 8-степен автоматски менувач.




Volkswagen Touareg 5
Volkswagen

Како што би очекувале, ентериерот исто така добива темелно освежување. Позади воланот, кој сега ги има контроверзните команди осетливи на допир, имаме стандардна дигитална инструмент табла, а во средината е поставен 15-инчен екран, потпора за Discover Pro Max инфозабавниот систем.


Системот за night vision сега работи во тандем со IQ.Light за да овозможи подобра прегледност. Полначите за вашиот мобилен телефон сега испорачуваат 45W, секако и понатаму има поврзување за смартфон, и VW исто така нуди 730W Dynaudio систем за озвучување. Голем дел од деталите на ентериерот се сега сјајно црни, и амбиенталното осветлување е освежено.



Volkswagen Touareg 6
Volkswagen

Да не заборавиме, Volkswagen сепак значи автомобил на народот. Има по нешто за сите. Со новиот Touareg, кој изгледа навистина добро и освежено, Volkswagen покажува дека и покрај нивниот фокус на елетрификацијата и бестселерите, не заборавија на другиот дел од нивната публика.


Новиот Volkswagen Touareg започнува од 69,200€ во Германија.


--


Прочитајте го тестот на Korrmotive за Volkswagen ID.4!











Comments


bottom of page