НОВИТЕТ: Toyota Yaris добива значајно освежување
- Марко Соколовски
- Jun 2, 2023
- 2 min read
Тековната генерација Toyota Yaris е со нас од 2020 година, и понатаму е бестселер на европскиот пазар. Иако можеби се чини како малку време да помина од кога првите примероци на Yaris пристигнаа во салоните, Toyota штотуку подготви значајно освежување за Б-сегмент фаворитот!

Со што има да се пофали новиот Yaris? Ако го гледаме само од надворешноста, навидум се чини дека нема многу. Дизајнот е ист, со исклучок на новата сина боја и новиот дизајн на тркала.
Главните промени и подобрувања се однесуваат на погонот и на безбедносните системи и технологии. Каква промена има кај погонскиот систем? Знаеме дека Yaris уште од почетокот се нуди со хибриден погон, и сега хибридната понуда добива нов член наречен Hybrid 130.

Како што кажува самото име, Hybrid 130 има поголем системски износ. Самите компоненти на системот се идентични, што значи 1.5-литарски атмосферски бензинец и мал електромотор. Вкупниот системски износ на Hybrid 130 е (замислете!) 130 коњски сили и 185 Nm вртежен момент, што исто така го намалува времето до стотка на 9.2 секунди. Инаку, Hybrid 130 ја користи најновата петта генерација хибридна технологија на Toyota.
Секако, доколку сакате, регуларниот Hybrid со 116 коњски сили ќе биде достапен и понатаму. Посилниот хибрид ќе биде достапен на GR Sport и Premiere Edition изведбите, а на некои пазари ќе биде достапен и со High нивото на опременост.

Другиот важен новитет се новите безбедносни системи. Тие се импресивни сами по себе, но фактот дека се појавуваат на толку мал автомобил ги прави уште поимпресивни!
Убедливо најимпресивната безбедносна технологија кај новиот Yaris e таканаречениот Emergency Stop Driving System, односно систем за итно прекинување на возењето. Доколку возилото забележи дека возачот заспива зад управувачот, ќе испрати звучен сигнал. Доколку возачот не изреагира, новиот Yaris сам ќе запре, ќе ги пушти четирите трепкачи и ќе ги отклучи вратите.

Понатаму, тука е проактивниот асистент при возењето, или Proactive Driving Assist. Овој систем овозможува ефикасно намалување на брзината доколку забележи возило пред вас, а може и да го подеси управувањето за да влезете во свиокот на поефикасен и побезбеден начин.
Безбедносните системи исто вклучуваат и адаптивен темпомат и систем за стабилно следење на коловозната лента, кои исто така трпат подобрувања за да имаат поприродно чувство.

Внатрешноста на Yaris исто така добива грст промени и подобрувања. Yaris е сега достапен со сосема нова дигитална инструмент табла, како и нов инфозабавен систем со најновиот софтвер на Toyota.
Инструмент таблата има повеќе режими, и го променува својот изглед соодветно. Инфозабавниот систем, во меѓувреме, е достапен во димензии од 9 или 10.5 инчи. Амбиентално осветлување е исто така достапно, како и безжичен полнач за вашиот смартфон.

Кога сме веќе кај смартфоните, новиот Yaris овозможува апликација да го замени клучот од возилото. Со помош на МyT апликацијата, која е достапна и за Android и за iPhone уреди, можете да го отклучувате и заклучувате возилото, да го вклучите клима уредот, и да ги вклучите четирите трепкачи за полесно да го лоцирате возилото на паркинг. За жал, треба да се претплатите на годишен план за да ја користите апликацијата, но Premiere Edition моделот вклучува претплата од една година.

Освежениот Toyota Yaris ќе пристигне во салоните подоцна во 2023 година. Од моментот на објавување на оваа статија, сѐ уште нема информации околу цените.