НОВИТЕТ: Nio ET5 Touring
- Марко Соколовски
- Jun 22, 2023
- 2 min read
Според француската консултантска фирма Inovev, во првите 9 месеци од 2022 година, 1.4% од автомобилите продадени во Европа биле со кинеско потекло. Иако има многу предрасуди околу кинеските автомобили на локалниот пазар, навистина имаат што да понудат, и полека, но сигурно се прошируваат на европскиот пазар.
Еден од кинеските брендови кој планира напад на европскиот пазар е Nio, кој штотуку го претстави најновиот модел кој би требало да ги заинтригира европските купувачи, наречен ET5 Touring.

Зошто овој автомобил би ги заинтригирал европските купувачи? Се работи за караван изведба на ET5 седан моделот, и Nio го нарекуваат првиот паметен електричен караван.
Освен MG 5, караван изведби на електрични возила речиси не постојат, барем не сѐ уште. Во однос на димензиите (4.79m во должина и 1.96m во ширина), ET5 Touring спаѓа во класата на BMW 3 Series Touring. ET5 има многу со што да се пофали.

Дизајнот е дефинитивно силна страна на ET5 Touring. Модерен, прецизен, но и футуристички. После еден куп електрични кросовер и SUV модели, меѓу кои и оние на Nio, освежувачки е да видиме електричен автомобил со класичен караван изглед, и без додатни црни пластики на страничните делови. ЕТ5 е навистина атрактивен автомобил!

ET5 Touring доаѓа со два електромотори стандардно, каде што предниот е индукциски, а задниот е со траен магнет. Вкупниот системски износ е 482 коњски сили, и според Nio, тоа овозможува забрзување до стотка за само 4 секунди! Динамичките способности би требало да бидат силна страна, поради 50:50 распоредот на тежината, како и мултилинк задна суспензија.

Ќе се нудат две големини на батериска кутија, 75 kWh и 100 kWh, каде што помалата ќе нуди опсег од околу 435 километри според WLTP, а поголемата цели кон 560 километри. Тука исто настапува бизнис моделот на Nio наречен Battery as a Service, односно батерија како услуга; купувачот има можност да ја изнајмува батеријата за продажната цена на возилото да биде помала.

Малку околу практичноста, бидејќи ова е сепак караван. Nio ветуваат максимален багажен капацитет од 1,300 литри, што е солидна бројка. На преклопување, задната клупа се дели 40:20:40. Иако нема официјална бројка за максималната тежина, ET5 Touring ќе може да влече и приколка, бидејќи еден од деветте режими на возење е наменет токму за тоа.

Ентериерот е модерен, минималистички, и преполн со технологија. Дигиталната инструмент табла користи 10.2-инчен екран, додека инфозабавниот систем користи 12.8 инчен AMOLED екран со многу висока резолуција.
Поставен во средината на ентериерот е NOMI, дигиталниот асистент на Nio кој користи вештачка интелигенција. Кровот е целосно стаклен, и зафаќа огромна површина од 1.35m2, и ќе заштитува речиси целосно од ултравиолетови зраци, како и од топлина, а ќе биде достапна и опција да го затемните со едно копче.

Ритмичко амбиентално осветлување, Dolby Atmos surround озвучување, како и Aquila ансамблот на сензори и Lidar камера се само дел од технологиите што се нудат кај ET5 Touring.
Од времето на објавување не се достапни информации околу цените, но знаеме дека освен изнајмување на батеријата, ET5 Touring ќе може да се набави и со претплата, што вклучува осигурување и месечно ограничување на околу 1,500 километри.