НОВИТЕТ: Mercedes-Benz E-Class Estate
- Марко Соколовски
- Jun 21, 2023
- 3 min read
Убедливо еден од најдобрите видови на автомобили се караваните. Практичноста и просторот им се најсилните страни, но можат да се пофалат и со одлични перформанси, и како што е случајот со многу од новите модели, добар дизајн.
Mercedes-Benz знаат што значи да се направи добра караван изведба. И покрај масовното движење кон SUV моделите ширум индустријата, Mercedes не се спремни да се откажат од караван изведбите, а тоа го докажуваат со новиот E-Class Estate!

Mercedes-Benz ја претстави најновата шеста генерација на E-Class пред пар месеци, а сега, како што е соодветно, караван изведбата се придружува во понудата. Освен очигледните промени во кровот и обликот на возилото, дизајнот е генерално ист како E-Class седан изведбата.
Можеби тука ќе зборува мојата пристрасност кон караван изведби, но мислам дека E-Class караванот изгледа дури и подобро од седанот! Голем, импозантен, модерен, практичен, но одлично смислен.
Во однос на претходниот E-Class караван, новиот модел е 28 милиметри поширок, што значи уште повеќе простор за патници. На тоа додава и меѓуоскиното растојание, кое расте за 22 милиметри.

Предницата води инспирација од новите EQ електрични модели на брендот, конкретно во однос на обликот на предната маска и на светлосните групи. Моделот на фотографиите е со AMG Line дизајнерскиот пакет, што значи дека трикраката ѕвезда е поставена на средината на предната маска.
Задниот дел е исто така сличен со седанот, каде што највпечатливиот дел се задните светлосни групи, кои ја вклопуваат трикраката ѕвезда на Mercedes.

Како што би претпоставиле, целата гама на електрифицирани погони кои ќе бидат достапни и на регуларната E-Class се појавуваат и кај Estate. На европскиот пазар први ќе се појават E200, E220d и E300e.
Двата агрегати кои почнуваат со бројот 2 се со лајт хибрид технологија. Е200 користи 2.0-литарски турбо бензинец со 204 коњски сили и 320 Nm вртежен момент, додека E220d користи 2.0-литарски турбо дизел со 197 коњски сили и 440 Nm вртежен момент. Имам чувство дека овој модел ќе биде претпочитан кај купувачите кои влечат приколки.

Двете горенаведени верзии ќе постигнат 100 км/ч за помалку од 8 секунди, додека максималната брзина им е околу 230 километри на час.
E300e го користи истиот турбо бензинец, но доаѓа со електромотор спарен со 25.4 kWh батериска кутија. Вкупниот системски износ е 312 коњски сили, а Mercedes-Benz ветуваат и опсег на струја поголем од 100 километри.
Наскоро ќе бидат достапни и дизелски агрегат со шест цилиндри, дизелски плаг-ин хибрид (кој веројатно ќе ја носи „de“ ознаката), и секако, AMG верзиите ќе пристигнат во добро време. Сите агрегати се спарени со 9-степен автоматски менувач.

Ентериерот е речиси ист како на регуларната E-Class, со исклучок на зголемениот простор. Тоа значи футуристички дизајн, многу екрани, и најновата генерација на MBUX инфозабавниот систем.
MBUX веќе се има покажано во конкурентниот свет на мултимедија, но во новата E-Class има нови соддржини. Вградените апликации вклучуваат TikTok и Zoom, што може да ги употребувате заедно со вградената камера за снимање, односно за онлајн состаноци доколку ги имате.

Исто така, системот има вградено Angry Birds, што значи вие или вашите патници можете да имате занимација доколку стоите во место долго време. Е-Class Estate повеќе нема да се нуди со третиот ред на седишта, но затоа нуди огромен багажен простор од 615 литри, односно 1,830 литри со седиштата преклопени.
Плаг-ин хибридната изведба жртвува мал дел од просторот; 460 односно 1,675 литри. Задната клупа се дели на 40:20:40, што ја зголемува практичноста.

Новиот E-Class Estate ќе пристигне на европскиот пазар наесен (2023). Од времето на објавување, не се достапни информации околу цените.