НОВИТЕТ: Уште едно мало освежување за Land Rover Discovery Sport
- Марко Соколовски
- Jun 18, 2023
- 2 min read
Land Rover Discovery Sport се нуди на пазарот веќе скоро една деценија, со цел да ја заземе позицијата во гамата која порано беше резервирана за Freelander. Иако се нуди веќе подолго време, Land Rover го освежи моделот пред неколку години, а сега, Discovery Sport повторно доби ново, мало освежување за 2023 година.

Навидум, новиот Discovery Sport однадвор не изгледа толку различно, со исклучок на новата каросериска боја и новиот дизајн на тркала, кои се дел од Sport S пакетот на опременост. Најголемите промени на освежениот Discovery Sport се во внатрешноста, технологијата, и погонските системи.

Поголемиот дел од подобрувањата кај агрегатите се фокусирани на плаг-ин хибридниот P300e. Секако, Discovery Sport и понатаму ќе се нуди со лајт-хибридни дизелски и бензински агрегати, но P300e плаг-ин хибридот е значително подобрен.
Новиот Discovery Sport P300e може да помине 61 километар на струја според WLTP циклусот, и благодарение на хемискиот состав на батеријата, Land Rover тврди дека 90% од секојдневното возење може да биде исклучиво на струја. Со DC брзо полнење, батеријата може да стигне до 80% за околу половина час!

Најзначајните промени кај Discovery Sport се наоѓаат во внатрешноста, со сосема нов, освежен ентериер. Во споредба со првото издание на Discovery Sport, разликата е огромна. Целата контролна табла има сосема нов дизајн, а на средината е поставен најновиот Pivi Pro инфозабавен систем.
Имав можност да се запознаам со Pivi Pro минатата година, и можам да кажам со сигурност дека е одличен и лесен за користење. Најновиот Pivi Pro ќе поддржува over-the-air ажурирање на софтверот, што значи системот ќе добива нови апликации, мапи и поправање на бубачките во софтверот доколку ги има, без да треба да посетите овластен дилер.

Физичките контроли за клима уредот повеќе ги нема, но под екранот има огромен простор за одлагање на предмети како и два USB-C приклучоци. Имаме и нов дизајн на управувач, како и дигитална инструмент табла зад воланот. Ентериерот сега се нуди со повеќе различни бои на кожа, како и вегански текстил.
Land Rover исто тврдат дека системот за филтрирање на воздухот кој влегува во кабината е најдобар во класата, а тука е и новиот систем на камери и сензори за помош при паркирањето, еден од најсофистицираните во класата, и го вклучуваат генијалниот ClearSight централен ретровизор. Инаку, Discovery Sport и понатаму ќе биде достапен со седум седишта.

Освежениот Discovery Sport ќе пристигне во салоните подоцна во 2023. Од времето на објавување, сѐ уште не се достапни информации околу цената.