НОВИТЕТ: Eccentrica Lamborghini Diablo
- Марко Соколовски
- Jul 7, 2023
- 2 min read
Нешто во светот на автомобилите што станува сѐ повеќе популарно се restomod проектите. Restomod е процес каде што класичен автомобил, или постар модел поминуваат низ реставрација која вклучува и модифицирање, односно додавање на модерни елементи.
Веќе ни се познати restomod проекти од Singer, кои специјализираат во Porsche 911, или пак Eagle кои специјализираат во Jaguar E-Type. Само што пристигна новиот играч во рингот, Eccentrica Cars, а нивниот прв проект е легендарниот Lamborghini Diablo.

Изгледа фантастично, нели? Мало потсетување, Diablo беше третиот V12 знаменосец на Lamborghini, после Countach и Miura.
Се произведуваше од 1990 до 2001 година, и во тоа време претрпи доста промени, меѓу кои и инволвирањето на новите сопственици Audi кон крајот на таа деценија. Diablo e, инаку, последниот V12 Lambo модел што беше достапен исклучиво со мануелен менувач.

Што всушност направиле Eccentrica (се чита „ечентрика“) со Diablo. Како што е јасно од фотографиите, доста многу. Ајде да видиме!
Основата на овој restomod е секако Lamborghini Diablo, од првата серија која се нудеше од 1990 до 1998 година. Дизајнерските елементи се инспирирани од Diablo GT и GTR. Предната маска е поширока, и е конструирана од 3Д принтан титаниум. Предните светла повеќе не се креваат нагоре, туку се скриени со pop-down механизам, налик на Jaguar XJ220.

На страничните делови се забележува инспирацијата од Diablo GT повеќе, со деталите на крилата, продолжетоците на праговите направени од јаглеродни влакна, и тркалата. Позади тркалата гледаме огромни дискови со златни шепи. Златните детали, всушност, се распространети на повеќе места низ Eccentrica Diablo.

На задниот дел забележуваме еден куп интрикатни детали, како сосема новите LED задни светла, зголемените титаниум решетки, и огромните топови во средината кои, замислете, личат на оние од Diablo GT. Исто така на задниот дел е логото на Eccentrica, две букви С поставени една спроти друга.

Поклопецот на моторот зема инспирација од авијацијата, со панели кои се вадат само пред тргнување, односно пред „полетување.“ Тие панели биле присутни за време на тестирањето, на „серискиот“ модел агрегатот ќе биде целосно откриен и видлив.
Сѐ уште нема фотографии од какви визуелни промени претрпел агрегатот, но претпоставуваме дека и тие ќе бидат интрикатни, и како и остатокот од автомобилот, прекрасни и мајсторски!
Во однос на перформансите, Diablo Eccentrica добива неколку надградувања. Агрегатот кој го придвижува Eccentrica Diablo е базиран на регуларниот агрегат на Diablo, 5.7-литарски V12, кој е појачан на 550 коњски сили и 601 Nm вртежен момент.
Сѐ тоа оди до задните тркала преку 6-степен мануелен менувач. Стотка се случува за 3.8 секунди, а максималната брзина е речиси 335 км/ч!

Секако, ентериерот исто трпи еден куп промени. Целиот дизајн на контролната табла е сосема променет, и речиси сите контроли и детали се нови. Инструмент таблата, која исто така влече инспирација од авијацијата, е сосема нова и дигитална.
На средината има физички контроли за сите функции, без никаков екран на допир. Како и на оригиналниот Diablo, менувачот нема никаква обвивка, и е целосно метален. Само од фотографиите ве примамува да седнете зад воланот и да уживате во искуството.

Само 19 примероци од Eccentrica Diablo ќе бидат произведени. Цените почнуваат од 1.2 милиони евра, и тоа не ја вклучува цената на Diablo кој ќе биде жртвеното јаре; за тоа се погрижува купувачот. Производството на секое Eccentrica Diablo ќе трае околу година и пол.