НОВИТЕТ: Citroën C5 Aircross добива лајт-хибрид агрегат
- Марко Соколовски
- Jun 2, 2023
- 1 min read
Citroën C5 Aircross е со нас од 2018 година, и во моментов е најголемиот SUV во понудата на францускиот бренд. Изборот на погони кај Aircross е доста широк, со бензински, дизелски, и плаг-ин хибридни агрегати. Во обид да ја направат електрификацијата пристапна за повеќе купувачи, Citroën штотуку го претстави новиот C5 Aircross Hybrid 136!

Можеби сега се прашувате, „што е разликата помеѓу овој Hybrid и регуларниот C5 Aircross Hybrid?“ Всушност, прилично е едноставно: новиот Hybrid 136 е лајт-хибрид изведба, додека другиот Hybrid е плаг-ин.

Едната компонента на хибридниот погон е добро познатиот 1.2-литарски PureTech турбо бензинец со три цилиндри, кој се нуди во C5 Aircross уште од самиот почеток. Електричната компонента се состои од 48V батерија која снабдува со струја мал електромотор со 12 коњски сили и 55 Nm вртежен момент.

Вкупниот износ е 136 коњски сили и 230 Nm вртежен момент, 6 коњски сили повеќе од регуларниот PureTech. Погонот ја пренесува силата до тркалата преку сосема нова 6-степена автоматска трансмисија со двојна спојка. Целата оваа комбинација е нова за Stellantis, и полека ќе се појавува во моделите на другите брендови на групацијата, како освежените Peugeot 2008 и Opel Corsa.

Целта на новиот Hybrid 136 модел е да ја направи хибридната технологија подостапна и дозволива за повеќе купувачи, како и да им покаже што значи електрифициран автомобил на оние кои се скептични и понатаму. Citroën ветува 15% подобрување кај потрошувачката, како и намалени емисии на штетни материи од издувот (во однос на PureTech 130 моделот).
Новиот Citroën C5 Aircross Hybrid 136 ќе пристигне во салоните подоцна во текот на оваа година. Од времето на објавување на оваа статија, сѐуште нема информации околу цените.