top of page
  • Writer's pictureМарко Соколовски

НОВИТЕТ: Audi EP4 Concept

Многумина луѓе од Балканот и Европа на одредена возраст или слушнале, или имале искуство со NSU Prinz. Германскиот автомобил се нудеше во 60тите години, и користеше задно-поставен агрегат со воздушно ладење.


Со тек на времето, NSU се повлече под чадорот на Audi. По повод 150 години од основањето на NSU во Некарсулм, каде што Audi денес има производен капацитет, Audi го претстави впечатливиот EP4 Concept!


Audi EP4 Concept 1
Audi

Интересно, нели? Претпоставувам дека ова би се случило доколку еден ден NSU Prinz се појави во видео игра како Forza Horizon или Need for Speed. Иако овој концепт е на Audi, сѐ уште користи NSU значки, а што се однесува до EP4, E значи Electric, а P4 значи Prinz 4.


Инаку, овој концепт автомобил е дизајниран од 12 практиканти на Audi, конкретно ученици на курсевите за мехатроника, механика на конструкција на возила, како и каросерија.


Audi EP4 Concept 2
Audi

Како и оригиналниот Prinz, моторот на EP4 концептот е поставен на задната оска. Во овој случај се работи за електромотор. Нема информации околу батериската кутија, но знаеме дека EP4 испорачува солидни 240 коњски сили.


Надворешниот дел има еден куп аеродинамчки додатоци, со разни детали во црна и жолтеникава зелена боја. Дизајните на пневматиците, двата задни спојлери и широкиот став дефинитивно се истакнуваат. Во внатрешноста има заштитен кафез во истата жолтеникава зелена боја, како и Recaro Podium седишта, и група на екрани за сите потребни информации.



Audi EP4 Concept 3
Audi

Од Audi велат дека овој концепт им дозволил на практикантите целосно да експериментираат со различни техники и материјали. Хавиер Рос, член на одборот за човечки ресурси на Audi вели:


Со големо посветување и забележлива креативност, нашите практиканти создале одличен автомобил. Навистина можат да се гордеат со резултатот. Вакви проекти покажуваат дека нашата компанија има силна иднина токму поради млад талент.

Како што можеби би очекувале, нема планови EP4 Concept да влезе во сериско производство. Но, тој е одлична подготовка за што можеме да очекуваме од идните електрични модели на брендот, конкретно тие што ќе излезат од производниот капацитет во Некарсулм. Инаку, Некарсулм моментално произведува неколку Audi модели, меѓу кои и e-tron GT.

Comments


bottom of page