Nissan Ariya добива Nismo изведба
- Марко Соколовски
- Jan 15, 2024
- 2 min read
Со пристигањето на сите електрични автомобили на пазарот, неизбежно беше дека сите со тек на време ќе добијат појачани верзии. Можеби делува чуден концептот на брз електричен SUV, но многу од брендовите го забележаа потенцијалот во оваа категорија, и полека но сигурно се појавуваат повеќе.
Најновиот појачан електричен SUV e Nismo верзијата на Nissan Ariya

Мало освежување: Ariya е вториот електричен модел на Nissan и првиот електричен SUV од брендот. Базиран е на E-CMF платформата, и досега се нудеше на пазарот со еден или два електромотори, и 65 kWh или 90 kWh батериска кутија.
Новата Nismo изведба ги појачува сите параметри, вклучувајќи ги и визуелните. Нови аеродинамски детали, црвени акценти, нови тркала, и поагресивен став.

Nissan штотуку ја претстави Ariya Nismo на саемот во Токио, и како што наведува името, ова е појачаната верзија на Ariya. Nismo e одделот за мотоспорт на Nissan, и стојат зад легендите како Skyline 400R и Skyline GT-R Z-Tune.
Постоењето на Nismo верзија од Ariya е доста интересно, бидејќи најсилната верзија на Ariya која не го носи тој знак има сосем солидни 389 коњски сили. Сепак, има простор за повеќе, и Ariya Nismo го нуди токму тоа.
Ariya Nismo ќе биде достапна во две изведби

Од Nissan најавуваат две изведби на Ariya Nismo, наречени B6 и B9 (бе-6 и бе-9). И двете изведби доаѓаат исклучиво со e-4ORCE погонот на сите четири тркала, што во превод значи два електромотори.
B6 доаѓа со 66 kWh батериска кутија и испорачува 367 коњски сили до сите четири тркала, додека B9 верзијата доаѓа со поголема батериска кутија од 91 kWh, што значи дури 435 коњски сили.

За тие што се по коњите, B9 верзијата ќе биде изборот. За другата верзија бенефитите ќе се сведат на способностите на Ariya кога ќе дојде до свиоци на патот. Има и нов Nismo режим на возење за најбрзиот можен одговор од педалата за забрзување.
Како и многу други брзи електрични автомобили, Ariya генерира уникатен звук, кој според Nissan е превземен од Formula E болидите.

Ентериерот си добива соодветни надградби, како црвените акценти и уникатните седишта, како и нов волан со рамен долен дел и црвената трака која означува 12 часот, како на тркачките автомобили.

Nissan Ariya Nismo ќе почне со продажба во Јапонија оваа пролет (2024). Засега нема информации кога и дали ќе се појави во остатокот од светот, но со оглед на тоа дека Ariya се нуди на сите глобални пазари, нема да ме чуди ако Nismo изведбата ги достигне салоните и надвор од Јапонија.