BMW го претстави новиот X3
- Марко Соколовски
- Jun 20, 2024
- 2 min read
Конечно дојде време за еден од бестселерите на BMW да добие модернизација и освежување, како и радикална промена во изгледот како однадвор, така и одвнатре.
Ова е новиот BMW X3

Веднаш е јасно дека станува збор за сосем нов модел. Иако каросеријата е измазнета, и предната маска е дефинитивно впечатлива, се гледа дека дизајнерите на BMW решиле да бидат малку поконзервативни. Истата стратегија беше аплицирана и на X1, бидејќи како и X1, овој модел е бестселер.
Сепак, веднаш се забележува храброста. Невообичаените елементи на предната маска се нови за BMW, како и новиот светлосен потпис напред, кој е многу поразличен од тоа што сме виделе досега од баварците.

Светлосните групи на задниот дел се многу слични како кај освежената X5, додека регистарската табличка се преселува на браникот (претходно местото ѝ беше на петтата врата).
Сите изведби на X3 се електрифицирани, но целосно електричен нема да има

Како што очекувавме, новиот BMW X3 ќе се нуди со неколку мотори на внатрешно согорување. Сите од нив ќе добијат електрификација до некој степен, mild hybrid или plug-in. BMW решија да прескокнат целосно електрична iX3 изведба сега засега.
Кога сме веќе кај "i" ознаката, бидејќи таа сега е исклучиво резервирана за целосно електричните модели, автоматски отпаѓа од сите изведби на X3.

X3 20 xDrive и X3 M50 xDrive се бензинци, едниот 2.0-литарски турбо со четири цилиндри, а другиот 3.0-литарски турбо со шест цилиндри, и двата доаѓаат со лајт хибрид технологија. Во текот на летото ќе биде воведен и турбодизел со шест цилиндри, а во меѓувреме X3 30e xDrive е плаг-ин хибридната изведба.
20 xDrive нуди максимални 208 коњски сили, дизелот нуди 197 коњски сили, плаг-ин хибридот 299 коњски сили, а М50 испорачува дури 398 коњски сили, што воедно го прави најмоќниот M Performance модел на BMW досега (модел кој не е фул М).

Сите агрегати овозможуваат забрзување до стотка за помалку од 8 секунди, а плаг-ин хибридот сега има батериски капацитет од 19.7 kWh нето, што овозможува дури до 90 километри опсег на струја.

Промените во ентериерот, јас би рекол, дека се уште позначајни и забележливи. Секако, го имаме закривениот екран во средината, кој всушност сместува два екрани еден до друг, еден за инструментите, а другиот за инфозабавниот систем, кој го користи новиот софтвер.
Можеби позабележливиот дел е интрикатното амбиентално осветлување, кое се простира на централната конзола и во една уникатна форма на вратите. Во M Sport моделите може да ги прикаже боите на M Sport, но има и други бои, како што се гледа на фотографијата.

Новиот X3 е стокмен со најновите технологии, меѓу кои и еден куп безбедносни системи кои се сите дел од стандардниот Driving Assistant. Освен тоа, BMW овозможува додавање на нови функции со software updates во иднина.

Новата четврта генерација нa BMW X3 ќе започне со продажба во четвртиот квартал на 2024 година во Европа и САД, а на другите пазари ќе пристигне на самиот почеток на 2025.