top of page
  • Writer's pictureМарко Соколовски

Mini го претстави новиот Countryman JCW


Mini Countryman, изненадувачки, е еден од најпознатите и најуспешните модели на британскиот бренд. Mini неоддамна ги претстави новите генерации на Hatch и Countryman, и двата модели кои ги претставија беа во своите електрични изведби. Сега дојде време и бензинскиот модел да ужива во малку внимание.


Ова е новиот Mini Countryman John Cooper Works

Mini Countryman JCW 1
Mini

Ако не сте знаеле, John Cooper Works или JCW е ознаката која ја носат најмоќните модели на Mini, целосно фокусирани на перформансите и моќноста. Како што можете да видите на фотографиите, новиот Countryman не е баш мини, но сепак го оддржува дизајнот кој ни е познат, додавајќи и футуристички елементи.


Новиот Countryman JCW ги појачува перформансите уште повеќе

Mini Countryman 2
Mini

Новиот Countryman се префрла на UKL2 платформата која ја дели со BMW X1, X2 и 2 Series Active Tourer. Должината и висината растат за околу 10 цм, што во превод значи повеќе простор внатре. Иако делува поголем на фотографиите, со должина од 4.3 метри, Countryman е и понатаму C-сегмент кросовер.


Додека додавањето на целосно електричен модел во понудата за Countryman беше голема вест, тоа го нема тука. Барем не сега засега. Под поклопецот на новиот Countryman JCW се наоѓа 2.0-литарски турбо бензинец со дури 312 коњски сили и 400 Nm вртежен момент. Mini тврди дека тоа значи забрзување до стотка за 5.4 секунди и максимална брзина од 250 км/ч. Стандардно доаѓа со погон на сите четири тркала.


Бројот на коњи важи за америчкиот пазар, што значи дека постои можност силината да се намали за нијанса во Европа, земајќи ги во предвид нашите поразлични и построги закони за емисии. Но сепак, не е малку.


Mini Countryman 3
Mini

Што се однесува до надворешниот изглед, Countryman JCW дефинитивно не се крие од тоа што е. Аеродинамички додатоци, заден спојлер, четири вистински издуви, уникатни тркала до 20“ во големина, и двотонска каросерија со црвен покрив, како и сите знакови на екстериерот во црна боја. Не би го помешале со електричниот модел, кој е многу посуптилен.


Mini Countryman JCW 5
Mini

Ентериерот на Countryman JCW е исто толку outside the box невообичаен колку што е и на другите Countryman и Hatch изведби. Централниот OLED екран е кружен, а тука гледаме како отприлика ќе изгледа на моделите со бензински мотори, бидејќи вклучува и обртомер, како и посебна графика за JCW моделот.


Mini Countryman JCW 6
Mini

Тука е и новиот двокрак волан, и недостатокот на инструменти позади воланот. Сѐ што е битно се случува во централниот екран, но за жал, цената за екранот ја платија физичките контроли за клима уредот. Во малиот панел под екранот има неколку витални контроли, меѓу кои и копчето за стартување, како и Experiences, односно режимите на возење.


Долго време слушаме како луѓе го опишуваат искуството на возење Mini како возење картинг, и сега има посебен режим за возење кој прави чест на таа споредба. На истиот панел е и палката за менувачот, кој најверојатно ќе биде исклучиво автоматски.


Mini Countryman 6
Mini

Како што би очекувале, новиот Countryman нуди цела лепеза на безбедносни системи, и ветува второ ниво на полуавтономно возење, што ќе дозволува тргнување на рацете од волан на брзини до 60 км/ч, сѐ додека возачот е фокусиран на патот.


Новиот Mini Countryman JCW прво ќе слета во Северна Америка во пролет 2024. Засега нема информации кога ќе пристигне на европскиот пазар.









Comentarios


bottom of page