top of page

Mercedes-AMG GLC63 S е сега плаг-ин хибрид со 680 коњски сили

  • Writer: Марко Соколовски
    Марко Соколовски
  • Jul 18, 2023
  • 2 min read

Mercedes-AMG сѐ повеќе влегуваат во својата нова ера. Тоа значи, на разочарување на многу од љубителите, напуштање на V8 агрегатите што им го даваше единствениот карактер. Најновиот член на новото AMG семејство е новиот GLC63 S!


Mercedes-AMG GLC63 S 1
Mercedes-AMG

Со име и презиме, ова е новиот Mercedes-AMG GLC63 S E Performance. Базиран на најновата генерација GLC, новиот GLC63 S го напушта V8 агрегатот кој AMG го користеа со години. На негово место доаѓа речиси истиот погонски систем од C63 S E Performance.


Моторот на внатрешно согорување е 2.0-литарски турбо бензинец, кој веќе ни е познат од неговата апликација во AMG A45 и CLA 45. Силината само на моторот е 476 коњски сили, а инаку тој сам по себе е лајт-хибрид, каде што ременски придвижен генератор овозможува мал буст од 14 коњски сили.


Mercedes-AMG GLC63 S 2
Mercedes-AMG

На задната оска е поставен електрична погонска единица (Electric Drive Unit). Вкупниот системски износ е 680 коњски сили и огромни 1020 Nm вртежен момент. Доколку треба вашиот Mercedes SUV да го користите за уредување на соларниот систем, и тоа ќе биде возможно.


Mercedes-AMG GLC63 S 3
Mercedes-AMG

Шеги настрана, бројките се навистина импресивни, со оглед на тоа дека се работи за плаг-ин хибриден погон и мотор со само четири цилиндри. Дизајнот исто така има забележливи промени, и вклучуваат обемен број на аеродинамски додатоци, нов дизајн на познатите AMG тркала со повеќе краци, заден спојлер, и четири големи издувни отвори.


Погонскиот систем и понатаму е поддржан од 4MATIC+ погон на сите четири тркала, дистрибуција на вртежниот момент со фокус на задната оска, и управување на задната оска, со цел динамичките способности да се секогаш на ниво.


Mercedes-AMG GLC63 S 5
Mercedes-AMG

AMG RIDE CONTROL и адаптивна амортизација се исто така стандардни.

Силината пристига до тркалата преку AMG 9-степен автоматски менувач. Забрзувањето до 100 км/ч е за само 3.5 секунди, додека максималната брзина е електронски ограничена на 275 км/ч.


Mercedes-AMG GLC63 S 5
Mercedes-AMG

Ентериерот исто така добива соодветни промени и додатоци. Управувачот сега има израмнет долен дел, и е делумно обвиен во алкантара. Има и нови седишта подготвени за подинамично возење, а достапни ќе бидат и жолти шевови на седиштата, на наслонот за рака на вратите, и на други места.


Инаку, во глобала, ентериерот е речиси ист како на новиот GLC, што значи дигитална инструмент табла и одличниот MBUX инфозабавен систем. Ќе се нудат и неколку различни дополнителни пакети за ентериерот.


Mercedes-AMG GLC63 S 6
Mercedes-AMG

Како што е речиси секогаш случајот со AMG модели, Еdition 1 прво ќе дебитира на пазарот пред регуларниот GLC63 S. Засега сѐ уште нема информации околу цените.


© 2024 Korrmotive. Сите права се заддржани.

  • White Facebook Icon
  • Instagram
bottom of page