Следната Mazda MX-5 ќе добие електрифициран погон
- Марко Соколовски
- Jul 31, 2023
- 2 min read
Mazda MX-5, исто така позната и како Mazda Roadster и Mazda Miata, е со нас речиси 35 години. Во тоа време стана најпродаваниот мал спортски автомобил во историјата, со преку еден милион примероци продадени. Еден од аспектите на MX-5 што го издвојуваа е едноставноста: мал мотор со четири цилиндри, погон на задните тркала, и мануелен менувач.
Проверениот рецепт наскоро ќе се менува, бидејќи следната генерација на Mazda MX-5 ќе добие електирифициран погон.

Ова не е ни толку изненадувачки, бидејќи електрификацијата владее во индустријата моментално, и тоа ги повлекува со себе и малите спортски автомобили со внатрешно согорување како MX-5.
На сите ни е познато дека Mazda не се толку навлезени во електрификацијата како други брендови. Впрочем, штотуку почнаа да произведуваат дизелски агрегат со шест цилиндри во линија.
Сепак, иако Mazda верува во иднина каде што моторите со внатрешно согорување живеат и понатаму, и тие имаат своја глобална стратегија за електрификација која ќе стапи на сила во 2030 година.

Сепак, и таа стратегија не е иста како другите. Во 2030 година, Mazda планира 25% од нивната гама на модели да сочинува електрични автомобили, додека другите 75% ќе бидат хибриди. Јапонскиот бренд потврди дека MX-5 е со сигурност дел од таа стратегија, но сѐ уште не знаат за каква електрификација ќе станува збор.
Според планот и стратегијата, MX-5 може да стане или хибрид, или пак целосно електрична. Афирмираат дека што и да се случи со електрификацијата на MX-5, таа ќе остане лесна и забавна како што била до сега.

Моја претпоставка е дека ќе се работи за некаков лајт-хибрид агрегат, со мотор со внатрешно согорување и асистенција од мал електромотор и мала батерија. Според мене, тоа е наједноставниот начин да се електрифицира MX-5 без да се зголеми тежината премногу, и без да бидат во опасност динамичките способности поради кои сите ја сакаат MX-5.

Сѐ уште не се знае кога ќе се појави следната генерација на MX-5 на пазарот, но едно нешто е сигурно: ерата на MX-5 со исклучиво мал бензински агрегат наскоро ќе заврши. Сигурен сум дека замената ќе му направи чест на името, без разлика каква електрификација ќе добие.