top of page
  • Writer's pictureМарко Соколовски

Уште едно освежување за Mazda MX-5


Mazda MX-5 е сеприсутен спортски автомобил. Откако се појави на пазарот во 1989 година, веднаш стана еден од најуспешните мали двоседи на сите времиња, со преку милион продадени примероци.


Тековната ND генерација се појави во 2015 година, и очигледно е дека Mazda го присвоиле менталитетот „ако не е расипано, не го поправај.“ Секако, тоа не е лошо, бидејќи MX-5 веќе има победничка формула. Сепак, за 2024 година, Mazda подготви уште едно, мало освежување за својот roadster.


Минимални, но сепак значајни промени за Mazda MX-5

Mazda MX-5 1
Mazda

Навидум изгледа како да не се променило нешто многу. Одблиску се гледаат обновените светлосни групи, кои ја доближуваат MX-5 до идентитетот на најновите модели на Mazda.


Дизајнот останува ист освен тоа, и тоа не е нешто лошо, бидејќи MX-5 навистина изгледа добро, и иако се приближува до својот десетти роденден, воопшто не старее.


Агрегатот под поклопецот останува ист. 2.0-литарски атмосферски бензинец со 184 коњски сили и 205 Nm вртежен момент, но Mazda ветува подобра респонзивност.


Подобрувањата кај MX-5 се фокусирани таму каде што е најважно

Mazda MX-5 2
Mazda

Главните промени за новата MX-5 се фокусирани онаму кај што е најбитно за ваков тип на автомобил: во возачкото искуство. MX-5 сега добива сосема нов диференцијал со ограничено пролизгување.


Mazda MX-5 3
Mazda

Ваквиот тип на диференцијал е најсоодветен за автомобил со пренос на задните тркала како MX-5, и му овозможува на возачот да се забавува кога условите дозволуваат, без да се случи тотален хаос. Диференцијалот е достапен исклучиво на моделите со мануелниот менувач кој, (rejoice!) ќе се нуди и понатаму заедно со автоматскиот.


Освен тоа, системот за контрола на стабилноста сега добива нов режим наменет за возење на тркачка патека. Доколку се работи за ист случај како други ESP системи со режим за патека, можеме да го наречеме ESP со ограничено пролизгување.


Нов светлокафен ентериер и нов инфозабавен систем

Mazda MX-5 4
Mazda

Внатрешноста генерално останува иста, но и тука има новитети. Ќе биде достапна нова светлокафена боја на тапацир во ентериерот, и навистина изгледа одлично на фотографиите. Штета што не се нуди темнозелена боја на екстериер за фанови на green over tan, како авторот. Освен тоа, освежената MX-5 го добива најновиот инфозабавен систем и 8.8-инчен екран.


Подобрувањата во технологијата вклучуваат адаптивен темпомат за јапонскиот пазар, како и безбедносен систем за автоматско кочење при ниски брзини.


Mazda MX-5 5
Mazda

Фејслифтот на Mazda MX-5 прв ќе се појави на јапонскиот пазар, каде што моделот е познат под името Roadster. Најверојатно е дека глобалниот пазар, вклучувајќи го европскиот и америчкиот ќе следат брзо потоа во 2024 година.






Kommentare


bottom of page