Lucid Gravity е првиот SUV од америчкиот бренд
- Марко Соколовски
- Nov 20, 2023
- 3 min read
Lucid Motors е еден од многуте нови startup автомобилски компании, со потекло од САД. Првиот модел на брендот, Air седанот го раздрма пазарот на електрични автомобили и им даде на купувачите повеќе причини да го одберат Air преку Tesla Model S.
Сега, Lucid конечно го дебитираше својот прв SUV модел, наречен Gravity.
Сите параметри на Lucid Gravity се навистина импресивни, а и дизајнот исто така

Прво нешто што морам да кажам, иако дизајни на електрични SUV модели ретко функционираат целосно, Lucid Gravity дефинитивно не спаѓа во таа категорија.
Како што се гледа од фотографијата, дизајнерскиот јазик е речиси ист како на Air, но преодот од седан во SUV поминал доста успешно. Импозантен профил, големи тркала, и мазен дизајн во корист на аеродинамиката, што го прави да личи повеќе на висок караван. Солидно сработено.
Перформансите на Gravity се луди

Сепак, не е сѐ во изгледот, и Gravity ги има сите потребни параметри за премиум електричен автомобил. Прво нешто е електричната архитектура. Gravity е вториот електричен автомобил, а со тоа и еден од само два во тековно производство со 900V архитектура, во споредба со останатите со 400 или 800.
Тоа во превод значи многу брзо полнење. На компатибилен полнач, Gravity може да додаде 320 километри опсег за само 15 минути. За жал, полначи кадарни за таква бројка ретко се наоѓаат, но доколку се најде, такво полнење ќе биде возможно.

Кога сме веќе кај опсегот, Lucid Motors ветува максимален опсег од 440 милји, односно 708 километри. Претпоставувам дека тоа ќе важи за моделите со еден мотор и помали тркала, но сепак, тоа е многу, многу голема бројка. И тоа не е сѐ.
Врвниот Grand Touring модел има дури 1.050 коњски сили, и ветува забрзување до стотка за 3.5 секунди. За возило што тежи скоро три тони, тоа е многу брзо. Ќе има и малку поефтин и малку послаб Touring модел, но тој ќе има минимални 670 коњски сили.

И тоа не е сѐ. Gravity ќе може да носи максимум 680 килограми товар, а вкупниот багажен простор е 3.171 литри. Не е грешка во пишување, навистина е 3.171 литри. Има многу комби возила на пазарот со помал товарен волумен од тоа. Згора на сѐ тоа, Gravity може да влече приколка со максимална тежина од 2.7 тони. Само бидете подготвени опсегот на струја да падне значително.
Gravity не ескивира од технологијата

Ентериерот е сличен како кај Air, но има некои нови елементи. Зад воланот има непрекинат 34-инчен OLED екран кој ги соддржи инструментите и дел од инфозабавните соддржини. Останатите инфозабавни соддржини се во дополнителниот екран подолу во средината на инструмент таблата.
Има и неколку физички прекинувачи за клима уредот, како и физички копчиња на воланот.
Gravity е достапен со седум седишта, и поради скалабилната електрична платформа, сигурен сум дека ќе има многу простор во сите редови на седишта. Средниот ред е подесив, и има вградени масички.

Меѓу целата лепеза на високо развиени технологии е новата Zero Gravity суспензија, високо развиена воздушна суспензија која се адаптира во зависност од теренот на кој возите, што гарантира удобност без разлика каде возите.
И покрај сите овие перформанси и технологии, Lucid Motors ветуваат дека Gravity ќе започне од околу $80.000, односно нешто повеќе од 73.000€. Тоа не е малку, но сепак е компетитивно во овој сегмент.
Gravity ќе влезе во сериско производство кон крајот на 2024 година. Засега е сигурно дека ќе се нуди во Северна Америка, но сѐуште не е познато дали ќе се нуди на останатите пазари ширум светот. Мислам дека Tesla Model X треба да биде загрижен...