KORRMOTIVE ТЕСТ: Ssangyong Musso Grand
- Марко Соколовски
- Aug 25, 2023
- 5 min read
Иако многумина сѐ уште гледаат на пикап возилата првенствено како алатки, во последните неколку години, се зголемува бројот на луѓе кои гледаат на пикапите како lifestyle возила. Кампување, теренско возење, и слично.
Корејскиот бренд Ssangyong знае како правилно се склопува корисно и теренско возило, и освен сите очекувани горенаведени аспекти, нивниот конкурент во пикап сегментот воведува уште една сѐ поважна карактеристика: вредност за парите.
Што значи сето тоа во пракса? Ајде да видиме!
Korrmotive е зад воланот на новиот Ssangyong Musso Grand.

За почеток, интересно е да се спомене дека Musso не беше отсекогаш пикап модел. Пред дваесетина години, Musso беше голем SUV модел кој користеше германски агрегати, но во 2002 година си доби и пикап изведба наречена Musso Sports.

Во 2018 година, Musso Grand се врати во понудата на Ssangyong, овој пат користејќи верзија од платформата на големиот Rexton SUV, како и истите агрегати. За 2023 година, Ssangyong подготви значаен фејслифт за Musso Grand, кој најмногу се забележува на сосема новата предна маска.

Тестерот ја носи оваа впечатлива зелена боја, со подеднакво впечатливо име: Amazonia Green.
Патем, овој Musso Grand ја има речиси целата лепеза на аксесоари, кој вклучува железниот штитник на предницата, матираните штитници околу тркалата, и ултра-корисната покривка врз багажниот простор.

Каков впечаток остави Musso Grand во однос на дизајнот? Иако претежно ја носи познатата форма на пикап возило, има некои нијанси каде што се разликува.
Предницата не е толку исправена и квадратеста како кај други пикапи, што исто така носи друг бенефит на кој ќе се навратиме подоцна. Иако можеби не се забележува веднаш, во однос на димензиите, багажникот зазема приоритет над должината на кабината.

Ако ме прашувате мене, новата предна маска одлично му прилега на новиот Musso Grand. Се изнагледавме големи, in your face предни маски на еден куп автомобили во последниве неколку години, но кај Musso Grand навистина е направено со вкус, a за бојата нема што да се каже: одлично му прилега.

Време е за важните детали. На нашиот пазар Musso Grand се нуди исклучиво со 2.2-литарски турбодизел агрегат со четири цилиндри. За 2023 година агрегатот добива мало појачување на 201 коњски сили и 441 Nm вртежен момент.

Тестерот беше опремен со 6-степен мануелен менувач, а исто така се нуди и 6-степен автоматски. Стандардно е погон на задните тркала, но секако се нуди и опција за привремен погон на сите четири (4х4), кој тестерот исто така го имаше.
Што значи тоа во превод? Musso Grand навистина пријатно изненади зад воланот. Веќе ни е познато дека деновите на пикап возила кои делуваат како опрема за оддржување нива се далеку зад нас, и Musso Grand припаѓа на категоријата на доста рафинирани пикапи.

Моторот е доста тивок и рафиниран, но не го крие фактот дека е дизел, во добра смисла на зборот. Забрзувањето и линијата на вртежен момент се исто така одлични, и управувањето и однесувањето во свиоци е сосема пристојно за пикап возило.
Најголемото и најпријатното изненадување кај Musso Grand е колку добро ги крие своите димензии. Бидејќи се работи за понизок пикап, (215-220мм клиренс од тлото), и бидејќи предницата не е толку висока и исправена, Musso Grand нема да ве заплаши кога возите во градски услови.
Да бидеме на чисто, Musso Grand не е мало возило, но дизајнот ви овозможува да имате повеќе самодоверба во градски услови и на потесни места. Исто така, надворешните ретровизори не се толку големи, што значи дека проветрувањето е сведено на минимум на отворен пат.
Единствената забелешка би ја истакнал кон менувачот. Мануелниот менувач не е лош, но дејството на менување брзини би можело да биде подобро, и кратката прва брзина може да ги заплаши оние кои не се навикнати. Како авторот. Според мене, автоматскиот менувач е подобрата опција.

Кога сме веќе кај опремата, јас би ги додал и LED предните светла, како и ансамблот на паркинг сензори и камери. Musso Grand доаѓа стандардно со камера за возење наназад, но за мир во глава, јас би ги додал и другите членови на оркестарот.
Да се навратиме на возењето, односно на последните два столбови: теренските способности и потрошувачката.

Теренските способности можам да ги опишам едноставно како одлични. Патот кој го избрав додека го имав Musso Grand не беше баш едноставен или рамен, но сепак, немаше апсолутно никаков проблем, без разлика на режимот во кој беше погонот на сите четири тркала.
Што се однесува до потрошувачката, за време на викендот кога го имав Musso Grand, со сите видови возење (градско, отворен пат, теренско), Musso Grand во просек трошеше 10.7 литри дизел на 100 километри. Можеби се чини како голема бројка, и е малку повисока од 8.2 литри како што тврдат од фабриката, но кога ќе ја земеме во предвид тежината и големината на Musso Grand, потрошувачката е сосема солидна.

Време е за убедливо најважните карактеристики на Musso Grand: багажникот и влечниот капацитет.
Товарниот дел е долг 1.6м, широк 1.57м и висок 57цм. Во случајот на тестерот, имаше и еден доста корисен аксесоар: покривката. Освен што покривката го штити багажот од крадци и природните појави, таа има и сопствена врата, што може да се отвори посебно од главната врата на задниот дел. Еве на што се мисли:

Ова ви овозможува да фрлите товар во багажникот кој не бара посебна, внимателна процедура за товарање (палети, да речеме). Освен тоа, втората врата на багажникот има посебна брава, што значи дека можете и неа да ја заклучите за максимална безбедност.

Еве како изгледа со двете врати отворени. Кога горната врата е отворена, можете полесно да го внесете тој товар кој бара повеќе внимание и претпазливост. Секако, бидејќи двете се отвараат посебно, можете да ја отворите и само долната, како класичен пикап.

Сѐ на сѐ, покривката на багажникот е навистина корисен додаток, и би го препорачал на сите кои ќе го користат Musso Grand за редовно да пренесуваат товар.

Какви се параметрите? Максималната носивост на товарниот дел е 1,060 килограми, што е одлична бројка на класата. Уште подобро е што сите модели на Musso Grand можат да ја носат истата бројка. Понатаму, Musso Grand може да влече некочена приколка од 750 кг, и кочена приколка од 3.5 тони, солидни бројки за класата.

Влегуваме во кабината на Musso Grand, каде што јасно се забележува филозофијата: оваа кабина ви нуди сѐ што ви треба, и сето тоа го прави што е можно поедноставно за користење.
Освежувачки е да се видат членовите на старата школа во ентериерот, како аналогните инструменти и физичките контроли за клима уредот, но во исто време, не се чувствува како да недостасува нешто. Овој модел ги имаше и опционалните седишта од еко кожа со греење и вентилација.

Инфозабавниот систем е многу едноставен за користење, и брзо реагира на командите. Веднаш по вклучување на вашиот смартфон преку USB кабел, системот автоматски се префрла на Apple CarPlay или Android Auto.
Сите контроли за климата се физички копчиња и тркалца, и тоа важи и за контролите за греењето и ладењето на седиштата, и прекинувачот за погонот на сите четири тркала. Дури и рачната сопирачка е механичка.

Квалитетот на изработка е солиден, и имаше повеќе материјали меки на допир од што очекував.
Местата за одлагање на предметите се на ниво, а единствена забелешка би ми била сјајната црна пластика на совозачката страна, која што може да ви одвлече внимание поради високата рефлективност. Просторот на задната клупа за нозете и за главата е задоволителен.

Каков е заклучокот за Musso Grand? Можам да кажам дека сум навистина пријатно изненаден. Во време кога сѐ поважно станува дали еден автомобил вреди за парите, Musso Grand ја донесе таа филозофија во светот на пикап возилата.

Неколкуте ситни забелешки настрана, Ssangyong Musso Grand е навистина стокмено пикап возило кој ги нуди сите бенефиции на пикап возилата, во корисен, добро опремен, и изненадувачки пристапен (во секој поглед) пакет. Доколку и вие се мислите за пикап возило, дефинитивно ја имате мојата препорака за Musso Grand.
ОЦЕНА: 8.5/10
-
Почетната цена на Ssangyong Musso Grand, од времето на објавување, изнесува €33.900, без повратокот на ДДВ за правни лица. За повеќе информации, посетете ја официјалната веб страна на Ssangyong Македонија.