top of page

KORRMOTIVE ТЕСТ: Skoda Kodiaq

  • Writer: Марко Соколовски
    Марко Соколовски
  • Mar 9
  • 5 min read

Денес се враќаме на редовната програма.


Skoda Kodiaq е еден од најуспешните големи SUV модели во Европа. За жал, немав шанса да ја испробам првата генерација, но отсекогаш сум го почитувал Kodiaq поради тоа што нуди, поради разумноста и поради вредноста за парите.


Минатата година ни пристигна втората генерација на Kodiaq во Македонија. Многу голем товар паѓа на Kodiaq поради очекувањата кои треба да ги исполни после толку успешна прва генерација. Дали новиот Kodiaq го совлада предизвикот? Ајде да видиме.


Korrmotive го тестира новиот Skoda Kodiaq


Skoda Kodiaq 1

Korrmotive


На тест кај Korrmotive пристигна новиот Skoda Kodiaq, во Black Magic металик црна боја и Selection ниво на опременост. Всушност, освен Sportline и RS моделот кој допрва стигнува, Selection е единствениот пакет кој се нуди на Kodiaq. 


Втората генерација става еволуција пред револуција. Потсеќа на првата генерација, но тоа не е нешто лошо. Отсекогаш ми се допаѓаше дизајнот на Kodiaq, посебно суптилноста и пропорциите, така да немам лош збор за тоа. Делува малку поголем од претходниот (замисли, бидејќи е поголем!), и најприметливите разлики се предниот и задниот дел.



Skoda Kodiaq 2

Korrmotive


Предниот дел го носи новото заштитно лице на Skoda, додека задните светла се спојуваат со црвена рефлективна линија. За жал, не свети. Малку пропуштена шанса за light bar, но сепак, Kodiaq има многу авторитет и иако дизајнот не е луд или ваков-таков, тоа му оди одлично. Овие 19“ фелни кои ги гледате не доаѓаат стандардно, ама многу му личат. 


Skoda Kodiaq 21

Korrmotive


Знам, обично повеќе навлегувам повеќе во дизајнот. Но тука навистина нема потреба: Kodiaq е еден солидно скоцкан SUV однадвор, суптилен, но одма препознатлив и со добра количина на авторитет. Пропорциите се и понатаму одлични, само малку не сум сигурен за долгиот надвес после задните тркала. 


А што има под хаубата? Како што викам стално, нема да верувате…


Каде без TDI?


Skoda Kodiaq 4

Korrmotive


Овој Kodiaq дојде со основниот дизел. Тоа значи 2.0 TDI со 150 коњи и погон на предните тркала. Тие 150 коњи стигнуваат до тркалата преку 7-степен DSG автоматик. Битно е да се каже дека новиот Kodiaq повеќе не нуди мануелен менувач, сите регуларни изведби имаат 7-степен DSG, додека плаг-ин хибридите имаат 6-степен.


Skoda Kodiaq 5

Korrmotive


Достапен е и 2.0 TDI со 193 коњи, тој оди исклучиво во комбинација со 4x4. Истото важи и за 2.0 TSI бензинецот со 204 коњи, додека 1.5 TSI со 150 коњи доаѓа само со преден погон. Kodiaq е достапен и како плаг-ин хибрид во други пазари, и тој модел ветува дури и 100 километри опсег на струја. Од моментот на објавување, Kodiaq iV не е достапен кај нас. Да не ви трошам време, ајде да се фокусираме на тестеров.


Како и по обичај, почнуваме со градска вожња. Најновиот 2.0 TDI на VAG сум го испробал и претходно кога ја тестирав Octavia, и многу бев задоволен. Приказната е претежно иста тука. Во град се покажа одлично, без никаква бучава, менувачот си бркаше работа без многу двоумење, и немаше проблеми со качување на брзина. 


Skoda Kodiaq 6

Korrmotive


Што се однесува на потрошувачката, одлични бројки релативно за големината и тежината на Kodiaq. Педалата за гас со усул, и во град очекувајте околу 8 литри, а на отворено околу 6. 2.0 TDI редовно се покажува со ефикасноста, и тука приказната е иста.


Претпоставувам ќе има секирации околу димензиите на Kodiaq. И јас ги имав тие секирации, но уствари испадна сосема прифатливо. Да се разбереме, не е минијатурен, ама сензорите и камерата за паркирање многу вршат работа, и возачката позиција е многу прегледна. Не се чувствува како да е до толку голема кола, што значи дека маневрирање во најголем процент од случаи ќе биде сосема океј. Секако, доколку ви треба повеќе помош околу паркирање, 360-степенски систем на камери е достапен како опција.


Skoda Kodiaq 7

Korrmotive


Како се покажа Kodiaq на отворено? Исто така супер. Едно нешто што би го спомнал е минималниот звук од ветер на автопат. Ова е сепак голем и гломазен SUV, и не е ништо што не може да се задуши со појачување на музика. Другото сѐ си беше супер. Сигурно, безбедно, и без многу галама и замарање.



Skoda Kodiaq 22

Korrmotive


Ве гледам и вас во публиката што викате „А бе, друже, 150 коњи малку нели е?“ Зависи што планирате да правите со Kodiaq. Ако сте помала фамилија и не се товарите којзнае колку, овој мотор ќе заврши повеќе работа од што мислите. Но сепак би ве посоветувал, ако патувате со многу багаж или многу луѓе, а особено ако сакате седум седишта и погон на сите четири тркала, појакиот дизел со 193 коњи можеби повеќе ќе ви одговара.


Skoda Kodiaq 9

Korrmotive


Кога сме кај тоа, ајде да спомнеме нешто околу возењето по искривени патчиња и таму каде што нема асфалт. Иако овој Kodiaq беше со преден погон, на чакал или трева ќе заврши работа. Океј, ако одите некаде каде што има многу кал или снег, или ако ви треба тој раат од повеќе тракција и повеќе влечни способности, 4х4 е паметна идеја. За 99% од тоа што повеќето го сметаме за теренско возење, веројатно и нема да ви треба 4х4.



Skoda Kodiaq 23

Korrmotive


За возењето по искривени патишта, Kodiaq пријатно ме изненади. За димензиите и клиренсот од тло, Kodiaq се покажа доста добро во кривини. Нормално, има минимално навалување, но како за голем SUV, импресивно малку. Управувањето е доста директно, и немате чувство како да барате премногу од Kodiaq за да фати некоја поопасна кривина. И покрај 19-инчните фелни, апсорбирањето на фамозните дупки по скопскиве улици беше одлично.


Мајсторски среден ентериер


Skoda Kodiaq 13

Korrmotive


Ентериерот на Kodiaq ќе им биде познат на оние кои имаат поминато време со нови Skoda модели. Голем инфозабавен екран во средината на лесен дофат, добропознатиот двокрак волан, и дигитална инструмент табла. Една голема разлика во однос на претходниот Kodiaq е тоа што централната конзола е малку расчистена.


Менувачот е сега електронска палка до воланот, а централната конзола сега изобилува со простор за криење предмети. Но ништо од ова не е најдобриот дел од ентериерот на Kodiaq, таа чест морам да ја дадам на Smart Dials.


Skoda Kodiaq 24

Korrmotive


Очигледно е дека Skoda сакале да го направат ентериерот полесен и поедноставен за користење, затоа имаме три тркалца со екрани во средина. Двата надворешни баратаат со температурата и греењето на седиштата, и ладењето доколку го има. Средниот може да подесува јачина на климата, но може и јачина на звуокт, и максимум уште две други опции кои можете да ги конфигурирате сами. Зум на мапата за навигација, режим на возење, итн.


Долго време го зборам ова, ама ова е едно од најдобрите решенија за контроли во индустријата моментално, а можеби и најдоброто решение. Освен што може да контролираат повеќе опции, тркалца за клима и јачина на звук повлекува мускулна меморија, што значи подолго време тргате поглед од шофершајбна за да стискате нешто по екран. Генијално!


Skoda Kodiaq 25

Korrmotive


Другото е сѐ што би очекувале. Просторно, многу квалитетно изработено, и ергономски одлично смислено. Skoda си внимава на деталите, и немаше ништо во ентериеров кое што бара навикнување. Менувачот ми беше единствено малце чуден првично, но брзо се навикнува и тој. Инфозабавниот систем е брз и респонзивен, и поврзувањето со телефон си работи беспрекорно. 


На задната клупа има простор колку сакаш, како што би очекувале од еден голем семеен SUV. Ако имате повеќе патници за пренесување, има и варијанта со седум седишта. Варијантите со пет седишта со класични мотори нудат, не се зафркавам, 910 литри простор во багажник. Да, 910 литри, и тоа со задните седишта во нормална положба. Ако ги спуштите, 2.035 литри. Иако ова не е правото возило за таа работа, мислам дека би можеле да пренесете по некој градежен материјал.



Kodiaq ги исполнува големите очекувања


Skoda Kodiaq 26

Korrmotive


Како што кажав на почетокот, втората генерација на Skoda Kodiaq имаше задача да исполни големи очекувања, со оглед на тоа дека претходната генерација беше меѓу најпопуларните SUV модели во сегментот. 


Дали ги исполни тие очекувања? Да, апсолутно. Новиот Kodiaq е фантастичен SUV пакет во секој поглед, има значителни подобрувања во однос на технологијата и погонските системи, и апсолутно заслужува да си остане на врвот на класата како што беше досега. 


ОЦЕНА: 8.5 / 10


Новиот Skoda Kodiaq започнува од 41.600 евра.

За повеќе информации посетете го официјалниот сајт на Skoda Македонија или пак еден од продажните салони. Цените се точни од времето на објавување. 

© 2024 Korrmotive. Сите права се заддржани.

  • White Facebook Icon
  • Instagram
bottom of page