Во 2024 година, еден познат автомобил го слави својот триесетти роденден. Еден од најпродаваните модели во државата, Kia Sportage, го започна својот живот во 1994 година како првиот SUV на корејскиот бренд.
Секако, Kia од 90те и Kia денес се два сосема различни ентитети. Денес, Sportage е и понатаму еден од најпопуларните модели ширум светот, и навидум има многу причини зошто е тоа така.
Сакав и јас да се уверам самиот: зошто Sportage e всушност толку популарен на нашиот пазар? Сега стана јасно дека има еден куп причини. Ајде да видиме.
Korrmotive го тестира Kia Sportage Hybrid
Петтата генерација за прв пат ја видовме во 2021 година, а на македонскиот пазар пристигна на самиот почеток од 2022. Хибридниот модел, како тестерот, се придружи во понудата во 2023. Тестерот го носи Executive пакетот на опременост, како и Infra Red металик црвената каросериска боја.
Како и остатокот од Европа, на нашиот пазар се нуди помалата изведба на Sportage која е наменета за потребите на европскиот пазар. Европскиот Sportage се произведува во Жилина, Словачка. Останатите пазари по светот добиваат малку поголема изведба.
Дизајнот на Sportage ни е познат, но и понатаму е храбар и самоуверен
Поради популарноста на Sportage на македонскиот пазар, на многумина од нас ни е веќе познат дизајнот. Да ви кажам право, не бев многу сигурен за дизајнот кога ги видов првите фотографии, но оттогаш почна да ми се допаѓа. Самоуверен, остар, храбар, и дефинитивно впечатлив.
Немате чувство дека функцијата треба да страда поради изгледот, или обратно, и Sportage успева да го најде балансот помеѓу храбар дизајн и практичност во секој поглед. Добро изгледа во црвената боја, и тоа доаѓа од човек кој инаку не е полуден по црвени коли. Не сум најголем фан на тркалата, но и тие придонесуваат кон целиот изглед на Sportage.
Што се крие под поклопецот? Како што спомнав, ова е Sportage Hybrid. Тоа значи 1.6-литарски T-GDI турбо бензинец, кој сам по себе испорачува 180 коњски сили, а со него е спарен мал електромотор со 44.2 kW и батериска кутија од 1.49 kWh.
Вкупниот системски износ е 230 коњски сили и 350 Nm вртежен момент, и сето тоа стигнува до сите четири тркала преку 6-степен автоматски менувач. Не е со двојна спојка како кај чистиот бензинец, туку е регуларен автоматски (torque converter).
Што значи сето тоа во пракса? На патот до Кратово и назад, Sportage Hybrid, народски кажано, спиеше. Ова беше моето прво искуство со сериски хибрид (кој сам се полни) и искуството беше многу позитивно.
Системот префрлува од електромоторот на бензинскиот мотор автоматски кога смета дека тоа е соодветно. На пример, доколку стабилизирате на одредена брзина подолго време, доколку се полни батериите, автоматски ќе префрли на електромоторот. Транзицијата е речиси незабележлива, има само мала вибрација кога ќе се вклучи моторот, што е очекувано.
При кочење се префрла повторно на струја, и во тој момент се вклучува и регенеративното кочење кое ги полни батериите со таа енергија. Кога ви треба максимална сила, на пример при претекнување, моторот се вклучува и ги добивате сите 230 коњски сили на располагање.
Стотка се случува за 8.3 секунди (8 секунди на моделите со преден погон), а максималната брзина е 193 км/ч. Во пракса, Sportage Hybrid има повеќе од доволно силина и брзина за сите можни возачки ситуации.
Што се случува со потрошувачката? Поради ефикасниот хибриден систем, на патот до Кратово и назад, Sportage Hybrid во просек трошеше 5.5 до 6 литри бензин на 100 километри. Со оглед на тежината и големината, тоа е одлична бројка. Во градски услови беше поблиску до 8 литри, што е исто така солидна бројка.
Само пофалби и за остатокот од искуството зад воланот. Суспензијата одлично ги апсорбира дупките и останатите ѓаволи на патот, управувањето е лесно но и со добар фидбек, и седиштата се удобни и добра поддршка. Посебни пофалби имам за системот за греење, како и греењето на седиштата и воланот. Со Sportage нема зима!
Не би го нарекол Sportage забавен за возење, но сепак е предвидлив и одлично се однесува во сите возачки ситуации. На отворено, во градски услови, па дури и на терен (секако, во граници на реалноста). Моделот со погон на сите четири има неколку режими за возење по кал, песок, и снег.
Интересно е што нема т.н. нормален режим за возење. Eco и Sport ви се единствените опции ако возите по асфалт. Sport и теренските режими го враќаат обртометарот во живот, инаку е заменет со, како што го нарекувам јас, хибридометар.
Тоа е метарот кој го гледате од десна страна. Поголемиот дел од времето, стрелката се врти во ECO делот. При кочење или отпуштање гас влегува во CHARGE, односно тоа значи дека се полни батеријата во тој момент. На гас до даска стрелката скока во POWER, односно моќ.
Кога сме веќе тука, ајде да го погледнеме ентериерот. Слично како со надворешноста, ентериерот на Sportage беше меѓу првите од корејскиот бренд што воведе нов, помодерен и поразвиен дизајн.
Зад воланот на широкиот панел имаме два екрани, и двата 12.3“. Нормално, едниот е за инструментите, а другиот е за инфозабавен систем. И двата се многу јасни и со висока резолуција. Инструментите имаат голем број на прикази, а имаат и неколку различни дизајни кои или ги бирате сами, или ги врзувате со режимот на возење.
Инфозабавниот систем е одличен. Екранот брзо реагира на команди, и има еден куп можности, меѓу кои и Kia фаворитите како Quiet mode, што ги гаси звучниците на задните седишта за да не ги разбуди вашите најмили (особено корисно доколку не сакате да ве прашуваат „СТИГНАВМЕ?“ цело време), и т.н звуците на природата (Sounds of Nature).
Bluetooth и Apple CarPlay поврзувањето работеа безпрекорно, штета што Apple CarPlay не е безжично. Пофалби и за индукцискиот полнач за мобилен, и ми се допаѓа тоа што таа преграда може да се затвори и што возилото ве потсетува дека на полначот стои вашиот уред пред да излезете. Иста таква функција за потсетување има и за задната клупа.
Кога сме веќе кај прегради, нив ги има многу тука, сосема доволно за одлагање на сите ваши предмети. Централната конзола ја населуваат менувачот, копчињата за грејачи на седишта и волан, копчето за стартување, како и иновативните држачи за чаши. Тука се и некои други miscellanious функции, како и режимите за возење.
Под инфозабавниот систем се контролите за мултимедиа и клима уредот, кои се всушност на истиот панел. Со едно копче можат да се префрлат од мултимедија на клима. Би претпочитал сосема физички контроли како некои други модели на Kia, но ова е сосема добро решение.
Единствена забелешка би била сјајно црната пластика на централната конзола. Би сакал да има помалку, или да биде матирано. Квалитетот на изработка е одличен, и материјалите се добри на допир и квалитетни. Просторот на задната клупа е одличен, а задните седишта освен што имаат подесив наслон, на овој модел имаа и греење.
Гепекот нуди 591 литар капацитет со задните седишта горе, а кога ќе ги симнете тоа се качува на 1,780 литри. Одлични бројки за класата.
Уште откога стигна Sportage на македонскиот пазар, веднаш стана многу популарен модел, и уште оттогаш ме интересираше зошто е всушност толку познат и се продава во толку високи бројки. Сега откако поминав време со Sportage, целосно ми е јасно.
Сѐ што ќе побарате од Sportage го прави самоуверено и без никаков проблем, и што се однесува до компактни SUV модели на пазарот моментално, ова е еден од најкомплетните и најскоцканите. Целосен пакет. Доколку го разгледувате Sportage, нема да згрешите дефинитивно.
ОЦЕНА: 8.5/10
Kia Sportage започнува од 28.900€, односно 27.900€ (акциска цена, акутелна од време на објавување). Цената на тестираниот Hybrid со Executive пакетот на опременост е 45.500€. За повеќе инфо посетете ја веб страната на Kia Motors Македонија, или пак нивниот салон во Скопје.