top of page
Writer's pictureМарко Соколовски

KORRMOTIVE ТЕСТ: Geely Coolray


Секогаш се радувам кога на нашиот пазар пристигнуваат нови брендови на автомобили. Порано во 2024 година кај нас пристигна Geely, еден од најголемите автомобилски брендови во Кина, како и сопственици на Volvo и Lotus. Порано оваа година го возев Atlas Pro, и бев многу пријатно изненаден.


Неоддамна повторно ми стигна модел на Geely на тест, овој пат во сосем друг фазон и со сосем други таргет купувачи. Можам повторно да кажам дека бев многу пријатно изненаден. Зошто? Ајде да видиме!


Korrmotive го тестира Geely Coolray

Geely Coolray 1

Korrmotive


Додека Atlas Pro беше C-SUV наменет за семејните купувачи, Coolray е нешто друго и нешто што многу се бара во денешната автомобилска клима: трендовски B-SUV наменет за помлади купувачи. Таргет демографијата на Coolray се гледа од сите страни.


Конкретниот модел кој пристигна на тест беше со GF пакетот на опременост, што во овој случај значи речиси комплетно опремен, како и петролеј сина металик бојата која изгледа фантастично во живо. 


Geely Coolray 2

Korrmotive


Да започнеме со една од најударните работи за Coolray кога ќе го забележите на прв поглед.


Контроверзен, но и храбар дизајн

Geely Coolray 3

Korrmotive


Дизајнот на Coolray е една од најистакнатите карактеристики. Зошто? Бидејќи воопшто не се срами да биде храбар и наметлив. Генерално, дизајнот е пристоен и многу модерен, и имаме многу трендовски елементи како задниот light bar. Но, во овој пакет на опременост се додаваат спојлер на петтата врата, како и украсен дифузер.


Geely Coolray 4

Korrmotive


Освен тоа, на неколку места имаме портокалови акцент детали. Тоа е поинтересно од што се чини, бидејќи, како што разбрав од експерт во таа сфера, сината и портокаловата боја се комплементарни. Многу интересно внимание кон деталите.


Geely Coolray 5

Korrmotive


Спортските детали продолжуваат во ентериерот, но за тоа ќе видиме малку подоцна. Овие дизајнерски елементи кај Coolray се покажаа навистина контроверзни, и иако не се лично по мој мерак, апсолутно ми е јасно зошто дизајнерите на Geely се решија за такви детали.


Geely Coolray 6

Korrmotive


Во сегмент со толку густа популација, предизвик е да се најде начин да се истакне возилото, и мислам дека Coolray навистина е успешен во тоа, бидејќи вакви детали досега не сум сретнал на возило од овој сегмент. На некој начин, си добива свој карактер, и тоа воопшто не е лоша работа. Ми се допаѓа исто што некои црти се конвенционални, како на пример предните светла кои не се наопаку, како што е сега толку модерно и трендовски.


Geely Coolray 6

Korrmotive


Сината боја му личи најубаво според мене, но и лавандата боја (исклучиво достапна во GF+ моделот) е исто така одлична.


Класичен, способен погонски систем


Geely Coolray 8

Korrmotive


Што го движи Coolray? Нема некакви компликации тука, погонскиот систем е нешто што на сите ни е познато. Под хаубата имаме 1.5-литарски турбо бензинец со четири цилиндри и директно вбризгување, од каде што доаѓа ознаката TD.


Моторот испорачува 172 коњски сили и 290 Nm вртежен момент, и сето тоа иде до (исклучиво) предните тркала преку (исклучиво) 7-степен автоматски менувач со двојна спојка. Самиот мотор е заеднички развиен од Geely и Volvo, така да нема да има потреба од било какви секирации во однос на квалитет и издржливост долгорочно. 


Geely Coolray 9

Korrmotive


Официјално, забрзувањето до стотка е 7.6 секунди, додека максималната брзина е 200 км/ч, што се солидни бројки за класата, и сепак излегува дека спортските детали на каросеријата не се за џабе. Ова се перформанси налик на warm hatch, а тоа е супер.


Geely Coolray 11

Korrmotive


Како се однесува сето ова во пракса? Ајде да започнеме, како и по вообичаено, во градски услови. Моторот е многу рафиниран и тивок на ниски брзини, речиси нечуен. Обично вака почитувам и сакам мотори со три цилиндри, но некогаш разликата помеѓу три и четири е многу јасна, а таков е случајот и тука.


Geely Coolray 13

Korrmotive


Автоматскиот менувач немаше никаков проблем со градските услови, и не се двоумеше на тргнување од семафори, а самото менување на брзините исто така не се чувствува. 


Тука е добар момент да спомнам дека има три режими на возење, односно Eco, Comfort и Sport, кои ги менуваат однесувањата на менувачот и педалата за гас во зависност од условите и она што возачот го бара од Coolray.


Geely Coolray 13

Korrmotive


Coolray изненади и со динамичките способности. Контролиран, сталожен, и стабилен, и прилично интересен за возење во свиоци. На автопат исто така беше одлично, со многу минимални звуци од ветер и од патот, и покрај тоа што нема мануелен режим за менувачот, нема проблем да накачи брзина релативно брзо кога се приклучувате на автопат. 


Суспензијата е одлично штелувана за комфор, но и како што наведов погоре, изненадува и кога возењето е малку подинамично. Со оглед на тоа дека овој модел имаше 18 инчни тркала, комфорот е навистина на прилично високо ниво.


Geely Coolray 15

Korrmotive


Како стои со потрошувачка? Во градски услови, ако се држите во Eco режимот и сте внимателни со гаста, потрошувачката ќе биде околу 8 литри бензин на 100 километри, сосме солидна бројка со оглед на силата на моторот и тоа дека нема никаква електрификација или асистенција. Во меѓувреме, на отворен пат, потрошувачката е поблиску до 6 литри на 100 километри, исто така солидна бројка.


Сѐ на сѐ, искуството зад воланот на Coolray беше многу пријатно. Без разлика на условите во кои ќе се најдете, Coolray е навистина способен и дури може да ви стави насмевка на лицето, но е сталожен, смирен и удобен кога тоа се бара од него. Браво!


Импресивен, квалитетен ентериер


Geely Coolray 16

Korrmotive


Мислам дека веќе е познато дека кинезите не штедат кога се работи за ентериер и опрема, и тоа е апсолутно случајот со Coolray. Ентериеров, народски кажано, нема што нема. 


Но, за чудо, тоа не беше првото нешто што ми отскокна кај ентериерот. Тоа всушност беше просторот. Coolray не е, да кажеш, огромен автомобил, но внатре е просторен како да е од C(Ц)-сегментот, а не како да е во B сегментот. Честопати сум ја слушал од колегите од запад споредбата со TARDIS телефонската говорница од серијата Doctor Who, односно однадвор навидум мало, а внатре просторот е огромен. Тоа е навистина случајот со Coolray. 


Ентериерот е многу простран, и има многу место да се шират сите, а има и импресивен простор за главата без разлика каде го имате наместено седиштето.


Geely Coolray 16

Korrmotive


Тестерот ја имаше комбинацијата на црвен и црн кожен тапацир на седиштата, како и на други одбрани места како што се панелите на вратите. Освен тоа, го има целиот каталог на технологија и опрема. 


Позади воланот стои дигитална инструмент табла од 10.25 инчи, со многу опции за прикази и со чиста, јасна графика. Ми се допаднаа и ситните детали во позадината како што се балоните на топол воздух, а од време на време знаеше да се појави и по некоја ѕвезда што паѓа. Многу симпатични детали!



Geely Coolray 18

Korrmotive


Екранот во средина е 12.3 инчи, и ги соддржи сите инфозабавни соддржини и подесувања за безбедносните системи, функции на возилото, како и приказот за камерите за паркирање. Во старт морам да дадам бонус поени што, за разлика од Atlas Pro, може да се користи Apple CarPlay без да симнувате апликација на телефонот. Освен тоа, екранот е доста респонзивен, графиката е пријатна и јасна, и е едноставен за користење. 


Под екранот ги имаме речиси сите физички контроли за клима уредот, освен греењето на седиштата, а под тоа е безжичниот полнач за мобилен, менувачот, и прекинувачите за рачната и за режимот за возење. 


Сѐ на сѐ, солидно смислен и стокмен ентериер. Забелешки? Само неколку: би сакал некои од функциите како што е auto hold и auto start stop да бидат достапни на копче наместо во инфозабавниот систем, и екраните имаа по некоја граматичка грешка. Исто така би сакал менувачот да има два чекори кога ја менувате брзината: кога ќе го повлечете надолу еднаш, оди во N, и треба уште еднаш да го повлечете за да одберете D, а истото важи и обратно. Белото светло кое го обвива менувачот од долната страна би го префрлил во самите ознаки за брзините одозгора.


Освен тие ситни забелешки, ентериерот е одлично смислен и од дизајнерска и од ергономска перспектива. Подесувањето на возачка позиција е обемно, а возачкото седиште е со електрично подесување на овој пакет на опрема. 


Има и одличен број на остави за сите ваши предмети. Секако тука се реквизитните прегради во вратите и големата фиока, и секогаш поздравувам кога лебдечка централна конзола ослободува простор за дополнителна остава под неа, како што е случајот тука.


Квалитетот на изработка е одличен, не само земајќи ги во предвид цената на возилото и земјата на потекло, туку и од објективна гледна точка. Океј, има по некоја тврда пластика тука и таму, но сѐ е склопено и изработено на многу високо ниво, и јасно се гледаат сите чекори превземени за да се подобри квалитетот. Прегледноста е исто така одлична, и ретровизорите се одлична големина за маневрирање и за внимавање на околностите.


Кога сме кај околностите, Coolray изобилува со безбедносна опрема. Камерите за паркирање имаат цели 540 степени преглед, а тука се и адаптивниот темпомат, систем за предупредување и спречување од бегање од коловозната лента, преден и заден систем за предупредување и спречување незгоди, и сѐ друго што би очекувале. Сѐ на сѐ, ентериерот на Coolray е едно многу пријатно место за поминување време.


Изненадувањата со просторот продолжија и на задната клупа. Кога седнав позади, првиот впечаток ми беше „Ова е B-SUV?“ Дури и со предното седиште во мојата возачка позиција (1.80м висок), имав огромен простор за нозете и за главата, дефинитивно повеќе од што би очекувал од возило со вакви димензии. Патниците на задната клупа добиваат и USB приклучок, греење на двете надворешни седишта, како и наслон за раце со држачи за чаши.



Geely Coolray 18

Korrmotive


Багажникот, во меѓувреме, нуди 330 литри простор, што е солидна бројка за класата. Доколку е потребен повеќе простор, секако, можат да се преклопат задните седишта.


Coolray е еден сериозен конкурент


Geely Coolray 18

Korrmotive


B-SUV сегментот е еден од најжешките и најпопуларните на автомобилскиот пазар моментално, и е полн со разноразна конкуренција. Geely Coolray, и покрај тоа што е нов во сегментот, барем кај нас, претставува еден сериозен играч со широк спектар на квалитети и одлични карактеристики. Често го кажувам ова, но навистина бев пријатно изненаден, и воопшто не ме чуди што Coolray за многу кратко време најде толку многу сопственици. Браво!


ОЦЕНА: 8.5/10


Промотивната цена на тестираниот модел изнесува 28.490 евра. За повеќе информации посетете ја официјалната веб страна на Geely Македонија, или пак изложбениот салон во Џевахир Мол во Скопје. Цената е точна од времето на објавување.







bottom of page