top of page
  • Writer's pictureМарко Соколовски

KORRMOTIVE ТЕСТ: Geely Atlas Pro


Инвазијата од кинеската автомобилска индустрија е веќе неизбежна. Веќе подолго време, и покрај целата стигма што циркулира околу нив, кинеските автомобили успешно навлегуваат на македонскиот пазар, и им покажуваат на купувачите дека одлуката не е погрешна. 


Најновиот играч во полето е Geely, кој пристигна на македонскиот пазар со малиот трендсетер Coolray, како и семејниот Atlas Pro. Како се покажа кинескиот гигант, кој е воедно и сопственик на Volvo и Lotus? Ајде да погледнеме.


Korrmotive го тестира Geely Atlas Pro


Geely Atlas Pro 1
Korrmotive

Atlas Pro е поголемиот од двата модели со кои Geely влезе на нашиот пазар, фокусиран на семејните купувачи. На домашниот пазар го носи името Boyue, но според мене дефинитивно го личи името Atlas Pro. 


Geely Atlas Pro 2
Korrmotive

Во Македонија, Atlas Pro доаѓа исклучиво со Flagship нивото на опрема, и исклучиво со лајт хибрид погонски систем, но за тоа малку подоцна.


Geely Atlas Pro 3
Korrmotive

Да се сконцентрираме малку на надворешниот изглед. Сѐ на сѐ, ми се допаѓа надворешниот изглед на Atlas Pro, особено од гледна точка на пропорциите. Сѐ е складно, добро смислено, и нема ништо особено контроверзно на надворешноста, во позитивна смисла на зборот.


Geely Atlas Pro 4
Korrmotive

Класичен SUV дизајн кој наведува на практичноста и на намената на Atlas Pro. Во ерата на in-your-face дизајни на SUV модели и форма пред функција, функционалниот изглед на Atlas Pro е освежителен и му оди во прилог. Нешто што изненади на прв поглед кај Atlas Pro е неговата висина, како и растојанието од тлото.


Geely Atlas Pro 4
Korrmotive


Не се гледа добро на фотографиите, но висината на суспензијата е дефинитивно забележлива, а тоа ќе биде корисно доколку патот ве носи подалеку од асфалтот. 


Што е тоа што го движи Atlas Pro? Во Македонија моделот е исклучиво достапен со лајт хибриден погон, што значи 1.5-литарски турбо бензинец со три цилиндри, како и стартер генератор од 48V.


Geely Atlas Pro 7
Korrmotive

Вкупниот системски износ е 177 коњски сили, кои стигнуваат до сите четири тркала преку 7-степен автоматик со двојна спојка. Моторот користи директно вбризгување на горивото (што ја објаснува ознаката TD), а неговото развивање е соработка помеѓу Geely и Volvo. Ова е докажан агрегат, и го има во модели од двата брендови веќе неколку години, така да нема потреба од секирации околу тоа.


Geely Atlas Pro 5
Korrmotive

Како се однесува погонскиот систем во движење? Пријатно изненадување. Иако моторот не го охрабрува нагазувањето премногу, кога ќе го нагазите, нема проблем да се разбуди и да развие брзина.


Звукот од моторот е навистина интересен, како што е секогаш случајот со бензинци со три цилиндри, но на пониски вртежи е речиси незабележлив. Некогаш се случува трицилиндреци да бидат малку нерафинирани, но тоа не е случајот тука. Иако официјалното забрзување до стотка е 9.9 секунди, Atlas Pro се чувствува како да е побрз од тоа.


Geely Atlas Pro 9
Korrmotive

Благодарение на MHEV системот, Atlas Pro нуди можност и за Smart Cruise. До одредена брзина, доколку ја отпуштите педалата за гас, системот го гаси моторот и возилото може да се движи и понатаму со изгасен мотор. Навистина корисен систем, особено за потрошувачката, а транзицијата е речиси незабележлива.


Geely Atlas Pro 10
Korrmotive


Додека сме кај потрошувачката, едно од омилените прашања на публиката: колку троши? Во комбинирани услови, и кога велам услови, мислам на сите можни услови (градски метеж, град без метеж, автопат, динамично возење, споро возење), потрошувачката во просек изнесува 8 литри на 100 километри.



Geely Atlas Pro 11
Korrmotive


Доколку сте ептен штедливи со педалата за гас, тоа може да се симне на 7.5, а дококолку уживате во динамично возење поголемиот дел од времето, може да стигне и до 10. Сепак, со оглед на големината и тежината на Atlas Pro, тие бројки се за почит.


Како се однесува во тие горенаведени услови? Во градскиот метеж, Atlas Pro е многу способен. Моторот е тивок, префрлањето на хибридниот систем е речиси незабележливо, и автоматскиот менувач е мазен, но и брз кога треба да биде. Имаше малку двоумење од auto hold системот, но ништо страшно.


Geely Atlas Pro 12
Korrmotive


На автопат, Atlas Pro исто така се покажа добро. Сосема солидно забрзување, одлична стабилност, и одлично менаџирање на надворешните звуци.


Единствениот исклучок беше минималниот звук на ветер, предизвикан од големите странични ретровизори. Поради нивната големина, можат и некогаш да скријат одредени предмети зад нив, и би претпочитал да бидат малку помали. Освен тоа, немам лош збор за однесувањето на Atlas Pro на отворен пат.


Geely Atlas Pro 12
Korrmotive

И конечно стигнуваме до динамичното возење, каде што Atlas Pro имаше со што да се пофали. Сосем солидни способности за еден класичен семеен SUV, со исконтролирано навалување во свиоци, и се држи до тлото добро.


Доколку го ставите во Sport режимот на возење, се отежнува серво асистенцијата на воланот, но не се чувствува како да е вештачки премногу цврсто. Sport режимот исто така го заострува одговорот од гаста, и ги менува степените на пренос на повисоки вртежи, но доколку сакате повеќе контрола, има и мануелен режим за менувачот. Нема лопатки зад воланот, но менувањето со селекторот во средината е тактилно. 


Geely Atlas Pro 14
Korrmotive


Кога веќе ги спомнав режимите на возење, освен Sport, тука се и Eco, Normal, и Offroad. Името речиси целосно ги објаснува, сите од нив делуваат на трансмисијата, одговорот од педалата за гас, хибридниот систем, како и управувањето до некој степен.


Offroad режимот е ограничен на 60 км/ч, а има и систем за контрола при симнување на надолнина (Hill Descent Control), доколку патот ве носи далеку од асфалтот. Atlas Pro доаѓа стандардно со погон на сите четири тркала, и во комбинација со висината и растојанието од тлото, има потенцијал да се покаже одлично и во потешки средини. Самиот факт дека доаѓа со погон на сите четири тркала стандардно е за пофалба.


Geely Atlas Pro 15
Korrmotive

Да преминеме во внатрешноста. Распоредот на сите витални елементи во ентериерот е прилично old school, но тоа е во најдобра смисла на зборот.


Екранот за инструментите поставен зад возачот е релативно мал, но многу прегледен и ги прикажува сите нужни информации. Воланот  е добар на допир, лесен за управување на пониски брзини но се отежнува соодветно во зависност од режимот на возење и брзината. Само не сум сигурен зошто празното копче на левиот крак може да се стисне иако нема никаква функција.


Geely Atlas Pro 16
Korrmotive

Во средината е поставен инфозабавниот систем, кој е солидно респонзивен и логички уреден. Има опција за поврзување со смартфон преку Bluetooth, но за Apple Carplay/Android Auto ви е потребна апликација. Под екранот се поставени неколку копчиња за клима уредот, а Atlas Pro има и греени седишта и греен волан.



Geely Atlas Pro 17
Korrmotive


Во централната конзола се поставени уште неколку копчиња за брз пристап, селекторот за менувачот, како и тркалцето за подесување на возниот режим. Добропознатите пијано црни пластики се присутни најмногу тука, но ги нема на толку места во ентериерот. Тука би додал и тркалце за јачината на мултимедија, наместо touch решението. 


Под централната конзола има мала отворена преграда за мали предмети, како и безжичен полнач за телефон и различни приклучоци. Местата за складирање предмети се генерално стокмени, со голема фиока, голема централна конзола во која може да грее или лади клима уредот, како и големи прегради во вратите, таман за големи шишиња (проверено).


Geely Atlas Pro 18
Korrmotive

Квалитетот на изработка е можеби најизненадувачки. Нема крцкање, нема чудни звуци, и повеќето материјали кои се на лесен дофат се меки и квалитетни. Уште еден доказ дека денешните кинески автомобили се далеку од тоа што некогаш беа. Подесувањето на возачката позиција исто беше солидно, а возачкото седиште има електрично подесување стандардно, но нема меморија.


Geely Atlas Pro 19
Korrmotive

Просторот на задната клупа е огромен. Со мојата висина и ширина (1.80м, широк отприлика колку двајца луѓе), имав многу простор за нозете и за главата, дури и со возачкото седиште во мојата возачка позиција. Багажникот нуди 378 литри простор, што можат да се зголемат доколку се симне задната клупа. 


Geely Atlas Pro 21
Korrmotive

Заклучок


Geely Atlas Pro 22
Korrmotive

Долго време се вложува труд да се стивнат предрасудите околку кинеските автомобили. Со нивното подолго присуство на македонскиот пазар, кинеските автомобили докажуваат и покажуваат дека кинеско не значи и лошо.


Geely Atlas Pro е убедливо уште еден доказ за тоа, и кога ќе го видиме соодносот пакет и цена на пакетот, Atlas Pro делува како неповторлива понуда. Бројките сами си говорат: од нивното доаѓање на македонскиот пазар (крај на 03.2024) до денес, Geely веќе има продадено преку 10 автомобили. Откако го возев Atlas Pro, целосно ми е јасно зошто. 


ОЦЕНА: 8.5/10


Цената на тестираниот модел изнесува 32.490 евра. За повеќе информации посетете ја официјалната страна на Geely Македонија, или пак продажниот салон во Cevahir Mall во Скопје.

Цените и статистиката за продажба се точни од времето на објавување. 





Comments


bottom of page