KORRMOTIVE ТЕСТ: Cupra Formentor
- Марко Соколовски
- Feb 11
- 6 min read
Updated: Feb 12
Долго време не сме се виделе. Време е за првиот тест на 2025 година.
Сигурно го имам кажано ова и претходно, но многу се радувам кога на нашиов пазар доаѓаат нови автомобилски брендови. Секогаш станува поинтересно кога има нов играч, и тоа важи и за субјектот на овој тест.
Но овој пат, приказната е малку друга. Најчесто новите играчи доаѓаат од Далечниот Исток, но овој бренд доаѓа директно од Volkswagen групацијата. Cupra се одвои од Seat пред неколку години, со цел да стане малку поспортски и попремиум бренд, на некој начин отскокна даска од порегуларните Seat и Volkswagen.
После долго време и после неколку увезени примероци по градските улици, конечно го дочекавме Cupra во Македонија кон крајот на минатата година. Што има да понуди шпанскиот бренд? Ајде да видиме!
Korrmotive го тестира Cupra Formentor

Korrmotive
Cupra пристигна кај нас кон крајот на 2024 година со два модели, Leon и Formentor. Formentor е уникатен кросовер модел за Cupra, базиран на MQB Evo платформата, но со малку поинаков пристап кон кросовер формулата.
Знам, многу пати сте го чуле тоа. Верувајте ми, овој пат тој различен пристап навистина се забележува, и тоа во повеќе погледи.
Прво да го видиме тестеров. Formentor е достапен во два пакети на опрема, истоимениот Formentor и VZ. Конкретниов модел е Formentor, односно основен, со Magnetic Tech металик сива каросериска боја.

Korrmotive
Сигурно ги забележавте и бакарните детали на каросеријата, особено на тркалата и на значките. Ова е заштитниот знак на Cupra, и многу добро се комбинира со сивата боја. Вакви метални детали ми се дефинитивно слаба точка, така да, само позитивни зборови за нив.
Една важна работа за Cupra е што настапи на македонскиот пазар веднаш со освежените модели. Formentor изгледаше малку поразлично во претходното издание, но сега го носи новиот дизајнерски идентитет на Cupra, со триаголните форми во светлата и новата предница, која има поголем отвор за ладење и го преместува Cupra знакот малку погоре.

Korrmotive
Позади има слични триаголни форми во стоп светлата, а Cupra знакот е дел од задниот light bar, и тој свети заедно со светлата навечер. Интересен детаљ кој го гледаме сѐ повеќе и повеќе кај нови автомобили.
Сѐ на сѐ, дизајнерите на Cupra одлично си ја имаат завршено работата. Дизајнот сам по себе е впечатлив, но бакарните детали му даваат многу повеќе personality, и новиот дизајнерски идентитет на Cupra дефинитивно се пренесува добро во овој тип на автомобил. Јас би додал вистински издуви на задниот браник, но освен тоа, дизајнот на Formentor навистина ми остави добар впечаток.
Лајт хибрид бензинец со лајт моќност и лајт потрошувачка

Korrmotive
Formentor е достапен со неколку различни мотори и комбинации, меѓу кои и 2.0 бензинец со 333 коњски сили. За жал, тој мотор не е во тестерот. Тестерот има 1.5 турбо бензинец со лајт хибрид технологија. Тоа значи и лајт моќност од 150 коњски сили, но и многу лајт потрошувачка.
Овој мотор доаѓа стандардно и исклучиво со преден погон, но достапен е и погон на сите четири тркала. Силата се пренесува до тркалата преку добро познатиот 7-степен DSG автоматик со двојна спојка, но достапен е и мануелен менувач. Достапни се и 2.0 дизел, 2.0 бензинец со дури 333 коњи и 4х4, како и две плаг-ин хибрид изведби, кој го користат истиот овој 1.5 бензинец и додаваат електромотор и малку поголема батерија, и го менуваат 7-степениот DSG со 6-степен.

Korrmotive
Од времето што го поминав со Formentor, можам да ви кажам дека овој мотор добро ја врши работата. Да, не е најбрзиот на сите времиња, но има сосем доволно моќ да завлече и да оддржува повисоки брзини доколку сте на автопат. Бидејќи е лајт хибрид, често се случува моторот да се изгаси целосно на пониски брзини, а малиот електромотор да го замени. Тоа значи дека и потрошувачката е лајт.

Korrmotive
Во градски услови измерив околу 6 литри на 100 км во идеални услови, а слични бројки можете да очекувате и на повисоки брзини. Секако, ќе има мали флуктуации доколку се наоѓате во непожелниот скопски сообраќај, но сепак, ова се сосем добри бројки.
Да ви кажам право, сето ова го очекував од Formentor. Сосем доволно снага, сосем доволна брзина, и повеќе од доволна потрошувачка. Нешто што апсолутно не го очекував, и покрај тоа што знам дека Cupra треба да е позабавниот бренд во групацијата, е толку добро да си поминам кога патот беше полн со кривини.

Korrmotive
Кога ви викам дека се смеев на глас кога го возев Formentor низ кривини, можеби нема да ми верувате. Навистина, шасијата и сите нејзини пратечки вокали (суспензија итн.) го направи искуството зад волан фантастично! Ова е првиот кросовер кој сум го возел каде што немало скоро никакво навалување при вртење, воланот и управувањето се многу прецизни, и Sport режимот на возење навистина го менува искуството на подобро. Моторот и менувачот стануваат пореактивни, и цела кола се заострува за позабавно искуство. И без тоа, искуството зад волан е одлично. Моторот малку звучи ко да се лути при силно забрзување, но освен тоа, немам лош збор.

Korrmotive
На автопат Formentor исто се покажа одлично. Поради релативно аеродинамичната форма и пониското тежиште, немаше скоро никаква галама од ветер или од патот. Адаптивниот темпомат супер си ја вршеше работата кога замолив за негова помош, и сѐ на сѐ Formentor е многу стабилен и безбеден на повисоки брзини. Ме изненади и мекоста на суспензијата, со оглед на тоа дека ова е поспортски модел со 19 инчни тркала. Малку е оди кон потврдо, но сепак сосема меко во 99% од случаевите.
Ентериер на ниво

Korrmotive
Ако сте поминале барем малку време во најновите производи на VAG, ентериеров ќе ви биде познат. Но, има неколку важни детали што го издвојуваат. Спортските bucket седишта на овој модел беа фантазија, и иако не се баш идеални за елегантно пополенти ликови како мене, ќе ве држат цврсто при динамично возење, а и удобни се кога си возите нормално. Во овој модел беа тапацирани во алкантара, со ситни детали во сина боја.
Темата на бакар продолжува во ентериерот, со разноразни бакарни детали наоколу, а на Cupra моделите особено ми се допаѓа што start-stop копчето е на воланот.

Korrmotive
Во средината имаме огромен 12.9“ екран за инфозабавните соддржини, додека возачот има свој 10.25“ екран за инструментите. Софтверот на Cupra е респонзивен и брз, а ми се допаѓа тоа што интерфејсот не е само рамни минималистички икони, туку има по некој сјаен детаљ. За жал, физички контроли за клима уредот нема, но секогаш ги имате достапни на долниот дел од екранот, а има и touch контроли под екранот за температура и јачина на звук.
Инструментите имаат одличен спортски изглед, а има и многу различни опции што може да ви ги покаже екранот. Воланот е добра големина и изгледа одлично, и ми се допаднаа многу и лопатките зад воланот.
Најомилениот дел од ентериерот на Formentor ми е дефинитивно амбиенталното осветлување. Непрекинат лак кој започнува од возачката врата, па ширум целата контролна табла до совозачката врата. Освен што изгледа одлично и нуди еден куп бои, има и многу интересна функција: безбедносните системи комуницираат со возачот преку осветлувањето.

Korrmotive
Рецимо ви доаѓа некој во слепа точка и не го гледате во ретровизор, делот од осветлувањето на возачката врата за момент ќе трепка во жолта боја за да ве предупреди, или ќе свети црвено доколку вратата е отворена за да ги предупреди другите возачи. Многу паметно ново решение за нешто што толку време е само дизајнерски елемент.
Квалитетот на изработка е одличен, со оглед на тоа дека Cupra се позиционира како премиум, и има сосем доволно места за чување на ситници и други предмети. На задната клупа има изненадувачки многу место, а и гепекот нуди солидни 450 литри капацитет.
Кратко кажано, Formentor си гази

Korrmotive
Долго време го следев брендот Cupra, уште пред да се појави официјално на нашиот пазар, и секогаш ми беше интересно кога ќе видам на улица некој увезен од горе. Да бидам искрен, во исто време не ми беше секогаш целосно јасно што улога ќе врши овој бренд под големиот шатор на Volkswagen.
После неколкуте дена поминати со Formentor, нема што друго да кажам освен дека Formentor си гази. Еден од најдобрите кросовер модели кои ги имам возено, и го заслужува својот статус на премиум кросовер со спортски дух. Cupra доживеа многу голем успех за многу кратко време, и да ви кажам право, сосема е оправдано!
ОЦЕНА: 8.5/10
Цената на тестираниот модел изнесува 39.200 евра. За повеќе информации посетете ја официјалната страна на Cupra Македонија, или пак салонот на Cupra во Скопје. Цените се точни од времето на објавување.