KORRMOTIVE ТЕСТ: Chery FX
- Марко Соколовски
- Oct 22, 2023
- 4 min read
Знаеме сите дека се вртат секакви предрасуди околу кинеските автомобили. „Ќе се расипува“, „Кинеско ѓубре“, итн. Колку пати сте ги слушнале овие коментари?
Во последниве десетина години, кинеските брендови работат на подобрување на својот имиџ и своите модели, и таа мисија станува сѐ поуспешна.
Токму еден нов кинески автомобил е субјектот тука. Кинескиот бренд Chery штотуку влезе во македонскиот пазар со три модели, едниот од нив ласерски таргетиран кон младата демографија.
Korrmotive го тестира Chery FX

Прво мал вовед. Chery штотуку влезе на македонскиот пазар, каде што се придружува на бренд портфолиото на компанијата Гранд Ауто, заедно со Ford, Hyundai и MG. Освен FX, ќе бидат достапни и Tiggo 7 Pro и Tiggo 8 Pro, кои повеќе целат кон семејните купувачи. Инаку, Chery FX е познат како Omoda 5 или Chery Omoda 5 на другите пазари ширум светот.
Ова не е прв пат Chery да влезе на македонскиот пазар. Имаа еден обид пред десетина години, но не уживаа во некој успех. Сигурен сум дека тоа ќе се промени на подобро, со оглед на тоа дека ова е прво возило што сум го имал на тест каде што петмина различни луѓе ме застанаа да ме прашуваат за него.

Еден поглед на дизајнот може да објасни зошто. Chery FX има храбар дизајн, и додека дефинитивно ги следи трендовите кои се модерни сега, го прави тоа на свој начин и добро ги спојува сите дизајнерски елементи.
Црвените детали придонесуваат повеќе до тоа, иако не се мој личен cup of tea. Купе линијата на покривот и задниот спојлер даваат и атлетски изглед, и за кратко ќе видите дека тоа не завршува само кај дизајнот.
Во однос на опремата, FX се нуди со три пакети, Comfort, Noble и Noble Color. Тестерот е опремен со Noble пакетот, што во превод значи стокмен со опрема.

Сѐ што ви душа сака од безбедносни системи (систем за заддржување во коловозна лента, систем за спречување на девијации од коловозна лента, автоматско кочење, предупредување за брзина, адаптивен темпомат итн.), безжичен Apple CarPlay и Android Auto, 360-степенска камера, LED предни и задни светла, кожен ентериер со греење и вентилација на предните седишта, а воедно се и со електрично подесување, и многу друго.

Една мала штета е што тестерот е сив, а има неколку интересни бои во понудата, меѓу кои и пастелно зелена и небесно сина.
Какво е искуството зад воланот на Chery FX?

На македонскиот пазар FX доаѓа со само еден мотор, и тоа 1.6-литарски T-GDi турбо бензинец кој испорачува 186 коњски сили и 273 Nm вртежен момент до (исклучиво) предните тркала преку 7-степен автоматик со двојна спојка. Стотка се случува за 7.8 секунди, додека максималната брзина е 206 км/ч.
Што значи сето тоа во пракса? Chery FX доста пријатно изненади со своите перформанси.

Моторот немаше апсолутно никаков проблем да развие високи брзини за многу кратко време, и автоматската трансмисија немаше проблем со менување на степените, но една забелешка која би ја дал е дека трансмисијата понекогаш се двоуми, и ѝ треба малку повеќе време да намали неколку степени за да можете да забрзате. Откако ќе помине тоа време, забрзувањето е импресивно.

FX исто пријатно изненади и во свиоците. Амортизацијата е малку потврда, но тоа во превод значи дека нема речиси никакво навалување на каросеријата при вртење, и нивоата на тракција се солидни. Иако е потврда амортизацијата, таа е сепак удобна и ги апсорбира нашите прекрасни(!) патишта без проблем.
На автопат, откако ќе развиете брзина, моторот се смирува и е сосема способен за релаксирано возење, но имаше доста звуци од ветерот, и уште повеќе бучава од гумите. Секако, тоа не е критика за самиот FX, и освен тие забелешки, одлично се покажа и во оваа средина.

Потрошувачката мерена во комбинирани услови беше околу 7.5 литри на 100 км, а најниско што успеав да ја симнам беше 7.1 литар, што е одлично за турбо бензинец со 186 коњски сили и без никаква хибрид асистенција или електрификација.
Сепак, треба да го возите во Eco режимот за најдобрите резултати. Кога сме кај тоа, FX нуди и Sport и Normal режими за возење, како и Normal и Sport нивоа на серво асистенција. Sport сервото минимално го отежнува управувањето за подобар фидбек, додека Sport режимот на возење го заострува одговорот од педалата за гас, и ги заддржува вртежите повисоко пред да смени во следниот степен на пренос.
Внатрешноста на FX e солидна и напредна

Како стои FX со практичноста? И тука се покажа добро. Во предниот дел од кабината има повеќе места за складирање и криење предмети, во преградите на вратите собира големи шишиња, а централната конзола вклучува ладење преку клима уредот. Има многу подесувања во возачката позиција, иако посакав возачкото седиште да има мемориска функција. Безжичниот полнач за мобилен работеше безпрекорно, и е ергономски одлично поставен во ентериерот за да не ви зафаќа место во џеб или чанта.

Квалитетот на изработка на ентериерот е изненадувачки добар, и изборот на материјали е солиден. Речиси сѐ што ќе допрете и ќе притиснете е висок квалитет, само не ми е баш јасно зошто има сјајно црна пластика на воланот, единствениот предмет во ентериерот кој цело време го држите.
Екранот за инструмент таблата е со висока резолуција и има многу корисни прикази, како и три различни режими на користење, а инфозабавниот систем е релативно лесен за користење и со добра респонзивност.

Седиштата се многу удобни и со многу подесување, а панорамскиот сончев кров на тестерот направи пријатна атмосфера во кабината. Истото би го кажал и за амбиенталното осветлување и можноста да го следи ритамот на музиката.

Просторот на задната клупа е одличен, со оглед на дизајнот на покривот како и панорамскиот панел, додека багажникот нуди 378 литри простор, што е солидна бројка за класата. Секако, можете да ја спуштите задната клупа, по што ќе се зголеми багажниот простор, а можете и поситните предмети да ги ставите под тепихот.
Кој е заклучокот за Chery FX?

Веќе долго време тврдам дека предрасудите околу кинеските автомобили треба да се исфрлат. Во последната деценија, кинеските производители макотрпно работеа на подобрувања, и тоа се гледа во најновата генерација на производи.
Chery FX ми беше првото лично искуство со кинески автомобил, и можам да кажам дека предрасудите и стереотипите околу кинеските автомобили се сосема неоправдани. Доколку сакате автомобил од C-SUV класата кој навистина ги вреди парите, Chery FX заслужува шанса.
ОЦЕНА: 7.5/10
Од времето на објавување (октомври 2023), почетната цена на Chery FX е €29.500, додека тестираниот модел со Noble нивото на опременост почнува од €32.900. За повеќе информации, посетете го салонот на Гранд Ауто во Скопје.