Најмалиот член од семејството на Kia долго време беше отсутен од македонскиот пазар. И покрај тоа што Picanto е речиси сам против сите во денешниот свет на кросовери и SUV возила, и понатаму продолжува да нуди многу вредност за парите во многу мал пакет.
После долго време отсуствување, Kia Picanto се врати на македонскиот пазар.
Во салонот на Kia во Скопје пристигнаа два примероци од Picanto со врвна опрема, односно X-Line и GT-Line. Како што алудираат имињата на пакетите, X-Line (жолтиот) има декоративна пластика на каросеријата и суспензијата е за нијанса повисока. GT-Line (сивиот), од друга страна, е малку понизок и има поспортски детали, како и црвени акценти.
И покрај различниот изглед на двата модели, и двата може да се каже дека се со фул опрема. Двата доаѓаат со истиот мотор под поклопецот, односно 1.2-литарски атмосферски бензинец со 84 коњски сили, со погон на предните тркала и 5-степен мануелен менувач.
Двата модели доаѓаат со многу опрема што многумина не би ја очекувале на автомобил од овој сегмент. LED дневни светла и LED трепкачи во предните светла, LED задни светла, задни паркинг сензори и камера, автоматски клима уред, електрично склопување на ретровизорите, темпомат, и многу друго, како и експанзивен список на безбедносни системи.
Еден од најинтересните детали за Picanto е што неговата големина низ генерациите не се менуваше премногу. Од првата генерација до тековната трета генерација, должината порасна само 6 цм.
И покрај тоа што речиси сите денешни автомобили се огромни во споредба со нивните предци, Picanto е понатаму мал и погоден за денешните градски услови. Во времето на SUV доминација, модели како Picanto се освежителни, и доказ дека А-сегментот сѐуште има живот.
Ентериерот на Picanto добро го крие фактот дека е А-сегмент возило. Пластиките можеби се потврди, но квалитетот на изработка е одличен.
Големиот инфозабавен систем, кожните седишта и недостатокот на празни копчиња без функција придонесуваат Picanto да се чувствува како поскап автомобил. Подесувањето на возачката позиција и општо просторот во ентериерот е исто така солиден, како и напред, така и позади.
Багажникот е исто така доста просторен, со 255 литри капацитет. Солидна бројка за класата која расте на уште посолидни 1010 литри кога ќе ја симнете задната клупа.
Досега немав искуство со тековната генерација на Kia Picanto, и сега можам да кажам дека пријатно изненади. Фан сум на мали градски автомобили поради нивниот карактер и тоа што многу од нив се однесуваат како поголеми автомобили од повисоката класа, и тоа е токму случајот со Picanto.
Во моментов само овие два модели се достапни, и кај двата на етикетата пишува 17.500€. Ова е загревање додека не дојде храбриот нов facelift на Picanto во пролет 2024. За повеќе информации, посетете го салонот на Kia Motors во Скопје.