Hyundai NPX1 е најава за новиот каталог за N Performance Parts
- Марко Соколовски
- Jan 15, 2024
- 2 min read
Веќе ни е познато дека концептот на тјунирање електрични автомобили речиси и не постои. Да, постојат разноразни визуелни додатоци за некои од попознатите електрични модели на пазарот (мислам на Tesla), но генерално, тјунирање ЕВ на истиот начин како што би тјунирале автомобили со бензински мотори е само фантазија.
Hyundai се подготвува да го направи реалност со новиот концепт модел претставен на саемот во Токио.
Ова е Hyundai NPX1

Како што гледате, Hyundai NPX1 е базиран на новиот Ioniq 5 N, првиот електричен модел кој ја носи N ознаката. N Performance Parts, како што наведува името, е одделот за разноразни аеродинамски додатоци наменети за N моделите за Hyundai, и постои уште од 2019 година.
Сега, со појавата на првиот електричен N модел, Hyundai се подготвува да го прошири каталогот за да ги опфаќа и Ioniq 5 N и другите електрични N модели кои без сомнеж ќе ги видиме допрва.
Освен матираната каросерија, NPX1 ја заменува црвената акцент боја со сина, и додава нов сплитер, дифузер на задниот браник, појачани странични браници, и нов сет на тркала. И да не го заборавиме огромниот спојлер поставен на петтата врата.

Тркалата се направени од јаглеродна легура, а освен тоа има посилни плочки на сопирачките, а суспензијата има нови спирали со значителен пад.
Освен овие визуелни додатоци, кои ќе станат дел од каталогот во текот на оваа година, Hyundai исто така тврди дека разгледува опции за тјунирање на електричните возила и надвор од каросеријата, односно софтверски пакети за различни звуци, како и калибрација.
Со оглед на тоа дека тјунирањето на електрични автомобили се чинеше невозможно досега, многу ме интересира Hyundai до каде ќе оди со овој експеримент. Дали допрва следи времето на симнување нов софтвер во вашиот електричен автомобил за подобри перформанси, слично како со downloadable content во видео игрите? Останува да се види...