top of page
  • Writer's pictureМарко Соколовски

Hyundai го претстави радикално новиот Santa Fe

Updated: Jul 21, 2023



Hyundai Santa Fe е со нас повеќе од 20 години. SUV знаменосецот на корејскиот бренд претрпи големи промени во својот живот, и полека, но сигурно стана навистина сериозен конкурент во сегментот на големи SUV модели.


Сепак, најголемата промена за Santa Fe ќе се случи допрва, бидејќи Hyundai штотуку го претстави радикално новиот Santa Fe!


Hyundai Santa Fe 1
Hyundai

Многу SUV модели на пазарот играат на безбедна карта, со еволуциски дизајни од генерација во генерација. Како што се гледа од фотографијата, тоа апсолутно не е случајот со новиот Santa Fe. Новата генерација на големиот SUV на Hyundai воведува радикален и многу храбар нов дизајн.


Hyundai Santa Fe 2
Hyundai

Тоа што најмногу се истакнува кај дизајнот е коцкастата форма, огромен контраст во споредба со позаоблената тековна генерација на Santa Fe. Овој дизајн потсетува многу на SUV класици од историјата, како Land Rover Defender, и тоа воопшто не е лоша работа. Светлосните групи со H форма се исто така впечатлив момент кај дизајнот. Изгледа одлично во белата боја, но ако ме прашувате мене, оваа комбинација со бронзена каросерија и црни тркала е уште подобра.


Hyundai Santa Fe 3
Hyundai

Секако, не е сѐ во изгледот. Новиот Santa Fe ветува и повеќе простор во ентериерот со поголемо меѓуоскино растојание, а новиот облик најверојатно значи многу повеќе простор за нозете на задната клупа.


Во август 2023, Hyundai ќе објави повеќе информации околу агрегатите, но со оглед на тоа дека моделите на овие фотографии носат ознака HTRAC 2.5T, еден од агрегатите кој сигурно ќе биде дел од понудата е 2.5-литарски турбо бензинец.


Hyundai Santa Fe 4
Hyundai

Hyundai објави фотографии и од ентериерот, кој исто така поминува низ радикални промени. Потсетува на ентериерот на Grandeur, седан моделот кој се нуди исклучиво на корејскиот пазар. Зад воланот, кој го заменува Hyundai знакот со буквата H во Морс код (четирите точки), забележуваме два екрани поставени позади закривено стакло со големина од 12.3“, и се чини како сосема нов софтвер.


Ентериерот на Santa Fe ќе нуди и два безжични полначи за смартфон само во предниот дел. Материјалите во ентериерот се еколошки и рециклирани, а боите се инспирирани од природно светло.


Hyundai Santa Fe 5
Hyundai

Hyundai официјално ќе го претстави во живо новиот Santa Fe на 10 август 2023. Засега сѐ уште нема информации околу цените, или пак кога официјално ќе започне производството.


Comments


bottom of page