Новата Hyundai Kona пристигна во Македонија
- Марко Соколовски
- Oct 12, 2023
- 2 min read
Како еден од најмалите кросовер модели на Hyundai, Kona уживаше во многу успеси во текот на својата прва генерација. Сега е време за новата, похрабра, поразвиена втора генерација на Kona, која неоддамна пристигна во салонот на Гранд Ауто во Скопје.
Храбар нов дизајн за Hyundai Kona

Сите знаеме дека дизајнерскиот јазик на Hyundai веќе подолго време оди во една храбра, футуристичка насока. Тоа се рефлектира и во новата Kona, која иако ја заддржува генералната форма и големина на претходната генерација, воведува уште похрабар дизајн.

Главните дизајнерски елементи на надворешноста се Seamless Horizon Lamp светлосните ленти кои се простираат по целата предница, како и по целиот заден дел.
Дефинитивно придонесуваат за футуристичкиот изглед, и навистина добро изгледаат во живо, а можам истото да го кажам за остатокот на Kona. Одлично изгледа во Ultimate Red Metallic црвената боја, и тоа доаѓа од човек што обично не претпочита црвени бои на автомобили.
Подобрени и електрифицирани агрегати

Како што бива за секоја нова генерација, новата Kona доаѓа со подобрени агрегати, и го зголемува фокусот на електрификацијата.
Моделот на фотографиите е Kona Hybrid, кој спарува 1.6-литарски атмосферски бензинец со мала батерија и мал електромотор, за вкупен износ од 141 коњски сили и 265 Nm вртежен момент, како и многу, многу мала комбинирана потрошувачка.

Kona Electric ќе се нуди и понатаму, овој пат во две изведби со 135, односно 204 коњски сили. Максималната автономија е 514 километри според WLTP циклусот, што е фантастична бројка за класата.

Освен хибридната Kona, на нашиот пазар ќе бидат достапни и 1.0-литарски трицилиндрец и 1.6-литарски четири цилиндрец. Помалиот има 120 коњски сили, а поголемиот има моќни 198 коњски сили, и е единствениот модел од понудата достапен со погон на сите четири тркала, познато во светот на Hyundai како HTRAC.
Основниот модел е достапен и со 6-степен рачен менувач, додека другите се исклучиво со автоматски, 7-степен со двојна спојка за 1.6 T-GDi со 198 коњски сили, и регуларен 6-степен автоматски за останатите.
Внатрешноста на Kona е сосема нова, и полна со одлични решенија

Ентериерот на новата Kona е сосема нов, и значително помодерен. Покрај изобилството на технологија, Kona може да се пофали со одлични ергономски решенија. Левата страна од екранот за инструмент таблата е магнетизиран како кај Ioniq моделите, а има и физички контроли за клима уредот.
Екраните се со висока резолуција и одлична респонзивност, и имаат одличен feature set. Возачката позиција е солидна, и има доста подесување во управувачот и седиштето.

Од краткото време што го поминав со неа, новата Hyundai Kona ја има формулата потребна да продолжи да доминира во светот на Б-сегмент кросовер возила. Веќе е достапна за нарачка, и цените започнуваат од €29.900.