Hyundai го освежи Ioniq 6
- Марко Соколовски
- Apr 3
- 2 min read
Ако ме прашувате мене, Hyundai си гази со електричните модели моментално. Дизајн на ниво, лидери во опсег, и многу добро склопени сѐ на сѐ, во однос на опрема и квалитет.
Иако мене ми е како вчера да се појавија првите e-GMP електрични модели на Hyundai, веќе дојде време за нивно освежување. Ioniq 5 веќе доби мало освежување неоддамна, а сега…
Фејслифт за Hyundai Ioniq 6

Hyundai
На оваа фотка го гледате N Line моделот. Сите модели на Hyundai добија N Line третман, така да не е чудно што сега е достапен на Ioniq 6. Предниот браник има сребрени детали без разлика на каросериската боја, што ми се чини интересно, а самиот дизајн потсеќа на освежената Sonata (засега достапна само кај америте).
Ioniq 6 е моментално единствената лимузина во електричната понуда на Hyundai, и сега дојде време за освежување за да се изедначи со другите модели. Така оди работата со фејслифт, сигурно знаете, да не губиме време.
Одма се забележуваат промени од напред, имено со превртените фарови. Дневните светла се сега многу тенки и интегрирани во линијата на хаубата, а самите фарови се сега вметнати во предната маска.

Hyundai
Верзијата без N Line добива посуптилен дизајн на браник од напред (кој малку личи на N Vision 74 концептот), и малку поразлични фелни, кои ми се некако обични во однос на остатокот на колата. N Line фелните се слични како досегашните 20-инчни достапни на Ioniq 6, а тоа му оди во прилог. Задниот дел е многу сличен како досега, како што гледам од сликиве light барот позади е сега за нијанса потенок.

Hyundai
Ентериерот е многу сличен како досега, но сега има волан со три краци наместо два, малку освежена графика за екраните, и конечно сега има посебни копчиња за греење и вентилација на седиштата, како и за греење на воланот. Досега до нив се стигаше исклучиво преку екранот, така да ова е добро.

Hyundai
Океј, стандардна процедура досега. Но, за освежениот Ioniq 6 конкретно има уште една голема вест.
На лето ќе го видиме Ioniq 6 N

Hyundai
На мое изненадување, Ioniq 5 N многу добро помина кај моите колеги во странство. Симулираниот бензински мотор и DCT менувач, како и возните карактеристики ги изненади сите кои го пробаа. Со поаеродинамична каросерија и пониско тежиште, таа комбинација звучи уште подобра.
Ако се согласувате со мене, добри вести: летово официјално ќе биде претставен Ioniq 6 N. По малку се гледа задниот дел на моделот на една од фотографиите, а се гледа и големиот спојлер позади.

Hyundai
Не се познати многу детали моментално, но многу е веројатно дека ќе го користи истиот систем како Ioniq 5 N, односно два електромотори по еден за секоја оска и околу 641 коњски сили, а можеби и повеќе.
Засега нема информации кога ќе стигне освежениот Ioniq 6 кај нас или во остатокот од Европа, со оглед на тоа дека беше претставен на саемот за автомобили во Соул, Кореја.
Во меѓувреме, повелете тестот за досегашниот и одличниот Ioniq 6.