top of page
  • Writer's pictureМарко Соколовски

Hyundai Ioniq 5 N е првиот електричен N модел на Hyundai

Updated: Jul 21, 2023

Електричниот кросовер Hyundai Ioniq 5 направи огромни бранови во светот на електричните автомобили и воопшто во светот на автомобилите, поради својот дизајн и неговата способност да направи речиси сѐ што би посакале од него.


Сега, CV-то на Ioniq 5 се зголемува со способности за високи брзини и динамички способности како за на тркачка патека. Hyundai ја додели N ознаката на Ioniq 5, а со тоа станува првиот електричен N производ од корејскиот бренд!


Hyundai Ioniq 5 N 1
Hyundai

Како што гледаме, ретро дизајнот на Ioniq 5 одлично се вклопува со додатните украсни и аеродинамички детали на N изведбата. Одлично изгледа во Performance Blue, уникатната боја која е ексклузивна само за N моделите.


Предницата е многу поагресивна, со функционален отвор за ладење и црвени акценти. Црвените акценти се распространети по целата каросерија, а новите 21-инчни алуминиумски фелни исто наведуваат дека тука се работи за нешто посебно.


Hyundai Ioniq 5 N 2
Hyundai

Секако, не е сѐ во изгледот. Ioniq 5 N е подготвен да засрами многу суперавтомобили на патеката, особено со силината. Стандардни се два електромотори, по еден на секоја оска, и поголема батериска кутија (84 kWh). Вкупниот износ е неверојатни 650 коњски сили!


Освен што Ioniq 5 N има околу 70 коњски сили повеќе од својот Kia пандан, EV6 GT, 650 коњски сили е речиси иста силина како Porsche 911 Turbo S. Тоа значи дека живееме во време каде што постои електричен Hyundai кросовер со иста силина како Porsche 911 Turbo.



За да се чувствува повеќе како performance автомобил на кој на повеќе би им бил познат, Ioniq 5 N симулира 8-степен автоматски менувач, иако користи регуларен direct drive систем. Ќе се нудат и три различни опции за синтетизиран звук во кабината, инспирирани од 2.0-литарскиот турбо бензинец на Hyundai N, од RN22e концептот, и од борбени авиони.


Освен тоа, Ioniq 5 N доаѓа со грст други N технологии кои го подобруваат возењето. N Grin Boost (во буквален превод појачување на насмевката) вади максимална силина од моторите во времетраење од 10 секунди.


Hyundai Ioniq 5 N 4
Hyundai

Системот за ладење на батеријата исто така има повеќе режими, во зависност од тоа како ќе го возите Ioniq 5 N на тркачка патека. Системот за дистрибуција на вртежниот момент има 11 режими, и веќе го споменав N e-shift системот кој симулира автоматски менувач. Според Hyundai, Ioniq 5 N ќе забрзува до стотка за 3.4 секунди, а максималната брзина му е 260 км/ч.


Hyundai Ioniq 5 N 5
Hyundai

Во ентериерот има забележливи промени. Сите детали кои се вообичаено сребрени или бели кај Ioniq 5 сега добиваат црна боја, како и сосема нов волан со три краци. На воланот се наоѓаат копчињата за режимот за возење, за N Grin Boost, како и двата N режими за возење кои се подесиви од возачот.


Остатокот од ентериерот е речиси ист, но двата екрани пред возачот добиваат нова графика, и инфозабавниот систем добива нови функции и апликации кај N моделот, фокусирани на сите системи за возење, особено за на патека.


Hyundai Ioniq 5 N 6
Hyundai

Ioniq 5 N треба да се појави во текот на следната година (2024). Засега нема информации околу цените, ниту пак околу максималниот опсег на струја. Доколку регуларниот Ioniq 5 е репер, ова ќе биде фантастичен супер хечбек.

Comentários


bottom of page