Спортскиот Honda Prelude се враќа наскоро
- Марко Соколовски
- Jul 14, 2024
- 1 min read
Знаеме дека автомобилската индустрија створи една навика да враќа познати модели како кросовери, било електрични или со мотори на внатрешно согорување. Honda реши дека нема да ја следи таа стратегија, колку и да се покаже како успешна.
Honda Prelude се враќа како спортско купе со хибриден погон

Првите фотографии од Prelude концептот се појавија минатата година, и имаше по некое алудирање дека ќе влезе во сериско производство со хибриден погон и речиси непроменет екстериер. За разлика од други концепти, од надвор, Prelude изгледа спремен за сериско производство.
Освен тоа што Prelude ќе се врати во понудата на Honda и ќе остане спортски автомобил со погон на предните тркала, ќе се нуди и во Европа. Обично, спортските автомобили од овој тип (Nissan Z, Toyota GR86) имаат потешкотии во Европа или едноставно не се нудат воопшто.

Honda неоддамна го покажаа Prelude концептот во впечатлива црвена боја која навистина го личи. Во моментов нема обилни информации околу новиот Prelude, освен дека погонскиот систем веројатно ќе биде верзија од оној на Civic e:HEV, кој е единствениот Civic модел во европската понуда заедно со Type R.
Во Civic e:HEV, овој погонски систем спарува 2.0-литарски атмосферски бензинец со електромотор, за вкупен износ од 181 коњски сили. Нема конкретни информации кога точно би пристигнал во Европа, но Honda вели средина на оваа деценија. Значи, во наредниот пар години.

Освен што се враќа легендарното Prelude име, се враќа и на Honda концептот за спортски хибрид автомобил кој последно го видовме во CR-Z. Ги почитувам Honda за храброста да стават ваков автомобил во производство и покрај моменталната индустриска клима, и едвај чекам да го видам серискиот модел.