Genesis X Gran Equator - Најјакиот концепт годинава
- Марко Соколовски
- 1 day ago
- 2 min read
Обично се трудам максимално да останам неутрален за вакви работи, но во овој случај стварно не можам. Освен прекрасните купе и кабриолет концепти кои ги претстави Genesis, луксузниот бренд на Hyundai Group, имаше и уште еден "one more thing" концепт.
Без двоумење ќе кажам дека ова е убедливо најјакиот концепт автомобил оваа година досега. Ајде да видиме за што се работи.
Ова е Genesis X Gran Equator

Genesis
Уште во старт морам да ве разочарам малку, ама сега за сега, нема план да се произведува овој луд концепт. Јас мислам дека Genesis треба да се предомисли и да го произведе овој модел. Има многу смисла, офроудери во денешно време парче праат на глобалните пазари, а особено во САД, кој е и воедно еден од главните пазари на Genesis.
Сепак, иако нема планови за сериски модел (треба да има), Genesis го користи X Gran Equator за да покаже нивното посветување кон привлекување на поширока lifestyle публика.

Genesis
Освен огромните 24“ тркала, најистакнатиот дел од дизајнот на X Gran Equator се дефинитивно пропорциите. Иако е првенствено голем теренец, формата повеќе потсеќа на караван. Дизајнот е и доста коцкаст, што потсеќа на старите добри теренци како Ford Bronco и старите Mercedes G-Klasse.
Концептов е инаку сериозен теренец, фелните имаат beadlock, односно дополнително прицврстување за гумата за да трпат повеќе кога возите по разноразни терени.

Genesis
Освен теренските способности, Genesis стави акцент на чист, минималистички дизајн. Сите дизајнерски елементи кои веќе ги знаеме од Genesis се тука, особено светлосните групи, но сѐ тоа некако е чисто и балансирано, и изгледа фантастично.

Genesis
Ентериеров е многу освежителен. Како што гледате, нема ќор екран на допир никаде. Возачот добива три дигитални мерачи, а во средината се поставени уште четири, нешто како BMW Z8 или Ford GT. Местата за одлагање предмети се модуларни, што е многу интересно. А да, X Gran Equator има само четири седишта.
И покрај тоа што нема планови конкретно X Gran Equator да се произведува, шефот на дизајн на Genesis, Лук Донкерволк, призна дека многу би сакал да види сериска изведба.

Genesis
Во краток разговор со британскиот Auto Express, Донкреволк кажа дека „со покажување на концептов и со покажување на интересот на публиката, можеме отприлика да имаме идеја за исплатливоста на проектот.“