Genesis го претстави освежениот GV80, како и новата Coupè изведба
- Марко Соколовски
- Oct 9, 2023
- 2 min read
Премиум брендот на Hyundai групацијата Genesis веќе се проби на глобалниот пазар како вистински конкурент во премиум сегментот. Еден од најпознатите модели на брендот, GV80, штотуку доби освежување, а фејслифтот со себе донесе и купе изведба, GV80 Coupe.
Genesis GV80 Coupe е најновиот конкурент во популарната класа

Од надворешноста нема некои големи разлики помеѓу фејслифтот и претходната изведба. Мали дотерувања кај светлосните групи, предната маска, задниот браник, и неколку нови дизајни на тркала. Фокусот е на GV80 Coupe изведбата.

Речиси сите брендови во рингот на премиум автомобили нудат некаков купе SUV, најчесто и повеќе од еден. Со воведување на купе изведба на својот досега најголем SUV модел, Genesis се приближува повеќе кон конкуренцијата и кон зголемување на бројките на продажба.
Нов V6 aгрегат со повеќе од 400 коњски сили

Друг важен новитет е засилениот агрегат под поклопецот на GV80 Coupe. Регуларниот GV80 ги заддржува стандардните опции од тековната генерација, и тоа 2.5-литарски турбо четирицилиндрец со 304 коњски сили и 422 Nm вртежен момент, и 3.5-литарски турбо V6 со 380 коњски сили и 530 Nm вртежен момент.
Купе изведбата го наследува засилениот 3.5-литарски V6 агрегат од големиот знаменосец G90, кој додава 48V електричен суперполнач за вкупен износ од 415 коњски сили и 549 Nm вртежен момент. Освен подобрите перформанси, посилниот V6 исто така додава Sports+ режим на возење, како и launch control.
Внатрешноста на GV80 ја добива најновата технологија

Големи промени наоѓаме и во ентериерот на GV80. Новиот 27-инчен непрекинат екран ги заменува двата посебни екрани на тековниот модел, и двата доаѓаат со најновиот софтвер за инструментите, како и за инфозабавните соддржини.
И покрај новата технологија, Genesis и понатаму ги заддржуваат физичките контроли за клима уредот, како и новото тркалце за менување на преносот, инспирирано од електричниот GV60.
Како што би очекувале, GV80 нуди и доста подобрувања во однос на технологијата, и во развиените системи за асистенција при возењето. Паметен темпомат, следење на коловозната лента, како и автоматско возење на автопат се само дел од системите за асистенција. На нив се приклучуваат и state of the art системи за безбедност. Освен 10 воздушни перничиња, GV80 доаѓа со систем за спречување сообраќајна несреќа, како и сите системи за помош при паркирање кои ви текнуваат во моментов.

Новите Genesis GV80 и GV80 Coupe се моментално изложени во Кореа, а ќе пристигнат на глобалните пазари во текот на 2024 година. Моментално не се достапни информации околу цените.