DS SM Tribute е ретро роденденски подарок за DS Automobiles
- Марко Соколовски
- Sep 11, 2024
- 2 min read
Луксузниот подбренд на Citroën, DS Automobiles, оваа година го слави својот десетти роденден. Како што обично бива во овие ситуации, си подготвија роденденски подарок на самите себеси. Богами, подароков би направил многу луѓе среќни за роденден, а тоа важи и за авторот.
Ова е DS SM Tribute

За својот десетти роденден, DS подготви ретро љубовно писмо кон легендарниот Citroën SM. За оние кои не знаат, SM беше првиот луксузен grand tourer на францускиот бренд, произведен во 70тите години кога Citroën и Maserati беа заедно.
Иако дизајнот е сосем нов и многу современ, голем дел од познатите црти на SM се дефинитивно заддржани. Најмногу се забележуваат во страничниот профил, каде што горната половина на каросеријата и покриените задни тркала се перфектно рекреирани, но и модернизирани.

Еве ги двете една спроти друга. Јасно се гледа инспирацијата и правењето чест на зборот tribute, но се гледаат и некои разлики. Не знам досега дали сум видел делумно покриено задно тркало, но морам да кажам дека тоа многу ми се допаѓа. Дури и предниците им се слични, но на Tribute е помодерна и, секако, светлосните групи се целосно LED.

За (многу голема) жал, DS нема планови да го произведува овој модел. SM Tribute е дизајнерска студија, и со него може да видиме што можеме да очекуваме од новите модели на DS Automobiles. Еден од нив знаеме дека ќе биде нова интерпретација на легендарниот DS со електричен погон.

Ентериерот, кој моментално само постои како компјутерски скици, исто така влече многу инспирација од оригиналниот SM. Инструментите се простираат широко на контролната табла, и многу од нив ја заддржуваат карактеристичната овална форма. За жал, нема волан со еден крак кој автоматски се центрира, но и ова решение не е лошо. Ретрофутуризмот продолжува со проѕирниот екран за инфозабавните соддржини во средина.
SM Tribute ќе биде изложен на Concours d'Elegance во Шантили, Франција. Доколку идните модели на брендот изгледаат и приближно вака, мислам дека DS Automobiles имаат многу светла иднина пред нив.