top of page
  • Writer's pictureМарко Соколовски

Dodge Charger Daytona е електричен muscle car за модерниот свет


Во изминативе речиси 20 години, моделите на Dodge беа крунисани како кралевите на muscle car класата. Америчката класа на автомобил во тој период многу се промени. Секако ги имаше Camaro и Mustang, но тие од muscle cars се претворија во способни машини за тркачка патека кои можеа да засрамат суперавтомобили.


Тоа ги остави Dodge Challenger и Charger како последните вистински muscle cars. Сега, откако се продадоа последните Last Call изведби, деновите на Dodge модели со HEMI V8 отидоа во историјата.


Што е следно? Секако, електрификација и помали, но уште поспособни бензински мотори.



Dodge го претстави Charger Daytona


Dodge Charger Daytona 1
Dodge

Нема да им се допаѓа на љубителите на HEMI V8, но конечно пристигна електричниот Dodge Charger Daytona, речиси непроменет од концепт автомобилот што го видовме пред пар години.


Со новиот Charger Daytona се враќа класичниот „шише кока-кола“ дизајн на фамозниот Charger од минатиот век, во исто време модернизиран со аеродинамска каросерија и широки light bar-ови и напред и позади.


Dodge Charger Daytona 2
Dodge

Сѐ на сѐ, дизајнот на новиот Charger Daytona е впечатлив и интересен. Ретро, но и модерен во исто време, и ја нема изгубено класичната форма на muscle car во транзицијата на струја. Тоа исто важи и за изведбата со четири врати, што е воедно и изненадувачка одлука.



Првиот автомобил на STLA Large платформата


Dodge Charger Daytona 3
Dodge

Новиот Dodge Charger Daytona е првиот модел од брендовите на Stellantis поставен на STLA Large платформата. Гамата е малку комплицирана, да не должам, ајде да видиме што нуди Daytona.


Прво електричните изведби. Тие ги носат историските имиња R/T и Scat Pack. И двата имаат по еден електромотор на двете оски, со 93.9 kWh (нето) батерија.



Dodge Charger Daytona 4
Dodge


R/T има 462 коњски сили и 547 Nm вртежен момент поголемиот дел од времето, но со PowerShot функцијата тоа се качува на 503 коњски сили, што овозможува забрзување до стотка за 4.7 секунди, и максимален опсег на струја од 510 километри.


Scat Pack го користи во глобала истиот распоред, но силата се качува на 639 коњски сили, односно 679 со PowerShot. Стотка се случува за 3.3 секунди, а бидејќи ова е muscle car, четврт милја (односно 400 метри) може да покрие за само 11.5 секунди.


Можеби најинтересниот момент е Fratzonic „издувниот“ систем. Dodge имаат развиено „издувен систем,“ кој со помош на звучници поставени во комори ќе можат да произведуваат звук налик на бензински мотор. Не ми се допадна како звучеше на концепт верзијата, но се надевам дека на серискиот модел ќе биде подобро.


Dodge Charger Daytona 5
Dodge

Тоа се импресивни бројки за автомобил долг 5.2 метри и тежок 2.6 тони! Scat Pack додава и дополнителни режими на возење за drag, како и систем кој ги сопира предните тркала за burnouts, и систем кој ќе ви олесни дрифтање во кругови, односно donuts. Scat Pack може да помине 418 километри на едно полнење, а на DC полнач може да се снабди со 80% полна батерија за помалку од 30 минути.


Charger Daytona ќе биде достапен и со бензински мотор


Dodge Charger Daytona 6
Dodge

Но што ако и понатаму сакате мотор со внатрешно согорување? Dodge има решение и за тоа. Идната година, на R/T и Scat Pack ќе им се придружат Sixpack моделите. На времето, Sixpack кај Dodge значеше карбуратор со шест цевки.


Сега значи шест цилиндри во линија. Новиот Hurricane шестцилиндрец со два турбополначи ќе го замени HEMI V8, и ќе биде достапен со 426 коњски сили или пак 558 коњски сили. Sixpack моделите ќе се придружат на гамата заедно со седан изведбата во 2025.



Dodge Charger Daytona 7
Dodge

Ентериерот е радикално отстапување од претходните генерации. Огромен екран позади воланот, како и уште еден голем екран со новиот Uconnect 5 оперативен систем, а тука вклучува и Performance Pages апликации за телеметрија при возење на патека.


За мене највпечатливиот дел на ентериерот е палката за автоматскиот менувач, која изгледа како да управува сосема друг тип на возило. И покрај модернизацијата и електрификацијата, не се губи карактерот на Dodge.



Dodge Charger Daytona 8
Dodge

Dodge Charger Daytona ќе започне со продажба, секако, само во одредени територии, во текот на 2024 година, а другите модели ќе пристигнат во 2025.


Не се големи шансите да стигне до Европа, но бидејќи сега е електричен модел, мислам дека не се ни мали.

댓글


bottom of page