Dacia ќе се натпреварува на off-road трки со Sandrider
- Марко Соколовски
- Jan 30, 2024
- 2 min read
Пред неколку години, романскиот бренд Dacia најави дека ќе се натпреварува на Дакар релито во 2025 година. Сега официјално претставија со кое возило ќе учествуваат, кое изгледа како да е директно од Cyberpunk 2077.
Ова е Dacia Sandrider

Добро изгледа, нели? Со Sandrider, Dacia ќе се натпреварува во највисоката класа на Дакар, односно T1 Ultimate. Стратегијата која ја следи тимот на Dacia со Sandrider е слична на стратегијата за сериските модели: сѐ што треба, и ништо повеќе.

Dacia го развива Sandrider во соработка со познатиот британски тјунер Prodrive, но и понатаму ги заддржува вредностите на брендот. Освен горенаведениот пристап за сѐ што треба и ништо повеќе, Sandrider се занимава со оддржливост и еко-одговорност од што би помислиле.

Од надвор, каросеријата нема никакви дополнителни панели што би додале екстра тежина или компликации, само она што треба. Нецентрираното светло за магла напред прв пат го видовме на Manifesto концептот минатата година. И покрај тоа, изгледа многу футуристичко и многу, многу јако.

Ентериерот ги продолжува истите стратегии. Контролната табла е модуларна, што значи дека тимовите можат да ги подесуваат и местат модулите според потребите, а седиштата се обвиени во анти-бактериски материјал кој сам регулира влажност. Cyberpunk инспирацијата е јасна и тука.
Други интересни иновации кај Sandrider вклучуваат и магнетна плоча за да не се губат ситни делчиња при поправки, како и олеснет пристап до алатите доколку има потреба од поправки.
Чист бензински мотор за Sandrider

Можеби најголемото изненадување кај Sandrider, барем за мене, е погонскиот систем. Нема никаков хибрид, ниту пак електричен погонски систем со бензински генератор. Под поклопецот е 3.0-литарски битурбо V6 бензинец со 365 коњски сили и 539 Nm вртежен момент, и сѐ тоа оди до сите четири тркала преку 6-степен секвенцијален мануелен менувач.
Sandrider ќе биде полнет со Aramco синтетско гориво кога ќе ја почне својата тркачка кариера. А кога сме веќе кај тоа, иако овој модел ќе се натпреварува на Дакар, нема таму да ја започне кариерата.

Официјалното мотоспорт деби за Sandrider е закажано за Рели ду Марок, односно Светскиот рели-рејд шампионат во Мароко, од 05.10.2024 до 11.10.2024, а тоа ќе биде проследено со Дакар релито во јануари 2025 и целосниот рели-рејд шампионат.

Sandrider ќе биде поделен на три тимови. Едниот го сочинуваат рели легендата Себастијан Лоеб, кој девет пати по ред ја освои светската титула од 2004 до година 2012, а со него совозачот Фабиан Луркин.
Во вториот тим е Кристина Гитиерез Хереро, која со само 32 години веќе има учествувано во осум изданија на Дакар, и втората жена во историјата која победила на патека на Дакар, а ја освои титулата оваа година (2024). Секоја чест! Нејзиниот совозач ќе биде Пабло Морено Хуете. Во третиот тим е cross-country и рели рејд шампионот Насер Ал-Атија.