Citroen го претстави новиот e-C3
- Марко Соколовски
- Oct 17, 2023
- 2 min read
Веќе подолго време го знаеме ветувањето на Citroen. Тие тврдат дека електричните автомобили нема потреба да бидат толку скапи, и нема потреба да имаат повеќе од она што треба. Сега конечно може да видиме во што ќе се преточи таа филозофија: Citroen го претстави новиот e-C3.
Нов дизајн и нова филозофија за бестселерот на Citroen

Порано во текот на 2023 година, Citroen претстави нова генерација на бестселерот C3 за пазари во развој, како Индија. Сега, европскиот пазар конечно ќе добие втора генерација на малиот автомобил, и како што се гледа од името, прво дебитира во електрична изведба.

Што е најважно за новиот e-C3? Оддржливост, практичност, удобност. Како што се гледа по дизајнот, e-C3 зема добра доза на инспирација од иновативниот Oli концепт, и е воедно првиот модел кој го воведува новото лого на брендот. Ова е новиот бренд идентитет на Citroen, и можеме да очекуваме слични детали во идните модели на брендот.
Да разјасниме дека иако e-C3 делува малце поголем и повисок на фотографиите, нема да го заземе местото на C3 Aircross во гамата. C3 Aircross ќе оди една класа нагоре во однос на димензиите во 2024 година.
е-C3 е поставен на новата Smart Car платформа на Stellantis (неповрзана со автомобилот од дотичниот бренд), која е идеална за градски автомобили. Тоа се рефлектира и во перформансите на e-C3. Мал електромотор поставен на предната оска со погон на предните тркала, и 44 kWh батериска кутија со вкупна моќност од 113 коњски сили и WLTP-мерена автономија на струја од 320 километри.
Новиот e-C3 цели да докаже дека електричните автомобили не треба да бидат комплицирани

Забрзувањето до стотка ќе трае околу 11 секунди, додека максималната брзина е 135 км/ч, што е сосема доволно и за градски услови и за автопат. Освен тоа, e-C3 ќе поддржува и брзо полнење со 100 kW DC полначи, каде што батеријата ќе може да се наполни од 10% до 80% за само 26 минути.

Ентериерот е исто така доста различен од тековната генерација, и Citroen ветува материјали налик на оние кои ги имаме дома. Сѐ е едноставно, со нов дизајн на волан, мал екран за брзината и слични важни информации, еден централно поставен инфозабавен екран, и физички контроли за клима уредот.
Citroen исто така се држи цврсто до своите вредности во врска со удобноста, и тврди дека e-C3 ќе биде предводник во својата класа за комфор.

Убедливо најважната вест за новиот e-C3 e цената. Токму поради таа филозофија од ништо повеќе од тоа што треба, e-C3 ќе може да стигне во рацете на купувачите за околу 23,000 евра, што е значително помалку од повеќето мали електрични автомобили кои се нудат на пазарот моментално.
Сѐуште не се знае дали истото ќе важи на македонскиот пазар, но знаеме дека C3 ќе се нуди на повеќе пазари и со класичен мотор со внатрешно согорување.
Новите Citroen e-C3 и C3 ќе пристигнат на почетокот на идната година. Засега нема информации околу цените на македонскиот пазар и кога ќе пристигне тука.