Denza е најновиот кинески бренд кој ни доаѓа во Европа
- Марко Соколовски
- Apr 10
- 2 min read
Ништо ново, нели? Кинеските автомобилски брендови се шират во Европа побрзо отколку што ние ги прифаќаме и им даваме простор. И покрај тоа што европската автомобилска индустрија сака да стави крај на ова, некако не им оди.
Сега имаме информации за најновиот бренд кој ќе ни дојде на овој континент во текот на годинава.
Denza пристигнува во Европа

BYDer_EV / YouTube
Од портфолиото на BYD, во Европа ќе ни стигне брендот Denza. BYD, за оние кои не знаат, е моментално најголемиот кинески автомобилски производител, особено во поглед на глобален и локален раст.
Denza е едниот премиум бренд на корпорацијата, измеѓу стандардниот BYD и ултра луксузниот Yangwang бренд, што го произведува оној суперавтомобил што може да скока кој стално го гледате по Facebook и Instagram.

BYDer_EV / YouTube
Поинтересен момент во приказнава е настанувањето на Denza. Можеби знаете дека честопати кинеските производители формираат партнерства со западните компании, за глобална соработка и за да се прошират тие западни брендови во Кина. Тоа е случајот и со Denza, бидејќи е партнерство помеѓу BYD и Mercedes-Benz. Да, лично и персонално, Mercedes-Benz.
Изминатава недела, Denza официјално го имаше својот бренд launch во Милано, и понудата прво ќе брои два модели, и тоа луксузниот караван Z9GT, како и луксузниот моноволумен D9.

Auto 4K / YouTube
Z9GT ќе се нуди во целосно електрична изведба со скоро 1,000 коњи, но се планира и плаг-ин хибридна изведба. Според кинескиот CLTC циклус на тестирање, плаг-ин хибридот поминува 200 километри само на струја, што е многу импресивно.
Засега не знаеме многу други детали, освен тоа што овие два модели официјално ќе бидат лансирани на пазарот кон крајот на 2025 година. Со тек на време, Denza ќе донесе и други модели на европскиот пазар што ќе ги пополнат останатите сегменти.

Survoltés / YouTube
Малку чуден потег што нема да има SUV во понудата од одма, но сепак, ова ќе биде интересно раздрмување на премиум сегментот во Европа. Кога сме кај тоа, имам чувство дека овие модели со тек на време ќе се склопуваат во новата фабрика на BYD во Унгарија, но за тоа уште нема информации.